Во Албанија се влошува епидемиолошката состојба со Ковид-19.
Официјалните податоци велат дека во последните две недели се потврдени над 3.500 новозаразени.
Епидемиолошките податоци од последните две седмици покажуваат зголемување на новозаразените за петпати во споредба со претходните две седмици. Во Инфективната болница има 84 пациенти. Некои од нив се во посериозна состојба и се на интензивна терапија. Заеднички именител на повеќето пациенти во овие августовски денови, кои се во најтешка форма на болеста, е тоа што не се вакцинирани – информира преку видеопорака, министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу.
Со цел поголема заштита, таа најави дека и септември ќе биде отворен месец за масовна вакцинација, апелирајќи до граѓаните што поскоро да ја искористат оваа можност, за да го заштитат здравјето и животот.
Септември ќе биде клучен месец за зголемување на опфатот со имунизација, затоа одлучивме и тој да биде отворен месец за вакцинација на секој граѓанин над 18 години. Да ги искористиме овие денови за да го заштитиме животот и здравјето, со што е можно побрзо вакцинирање, за да гарантираме напредок на новата учебна година што се ближи, на нашите деловни активности и секојдневниот живот – апелира Манастирлиу.
Во видеопораката, Манастирлиу посочува дека се преземени сите мерки, со зајакнати капацитети, за да се справат со уште еден бран на корона вирусот.
Апел до граѓаните за масовна имунзација упати и премиерот Еди Рама, во објавената вест дека прситигнала нова пратка од 43.512 дози вакцини од Фајзер. Според него, во Албанија до сега пристигнати се 1.899.172 вакцини а аплицирани се вкупно 1.386.713 дози.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.