Албанија од утре повторно го воспоставува поморскиот сообраќај, прекинат на 10 март поради пандемијата со Ковид-19, ова денеска беше соопштено од Министерство за инфраструктура и енергетика, заедно со Генералната дирекција за поморска пловидба.

Во соопштението стои дека целиот процес е насочен кон гарантирање на безбедноста на здравјето на патниците, строго исполнување на сите безбедносни протоколи, одобрени од Министерството за здравство, врз основа на упатствата на меѓународните институции.

Земајќи ги предвид барањата на лиценцираните оператори во поморски сообраќај за патници и изјавата на Европската комисија од 11 јуни 2020 година, за отстранување на патните ограничувања почнувајќи од 1 јули 2020 година, Министерството за инфраструктура и енергетика објавува дека почнувајќи од понеделник, 22 јуни 2020 година, ќе бидат дозволени сите меѓународни линии за поморски патнички превоз, стои во соопштението на Министерството.

Се додава дека меѓународните поморски компании за превоз на патници ќе бидат одговорни и за тоа да ги информираат патниците за можните ограничувања на поаѓањата од пристаништата на Република Албанија и дестинацијата, како и правилата за здравствена заштита и безбедност во земјата каде тие треба да пристигнат.

Генералната дирекција за поморска пловидба ќе го следи спроведувањето на сите мерки, како и акциониот план за реализација на обврските предвидени со Протоколот за работа со поморскиот транспорт, одобрен од Министерството.

Во изминатиот тримесечен период сепак беше дозволено пловење само на траекти кои превезуваат стока, главно увоз на пченица а потоа градежни материјали.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.