Албанскиот премиер Еди Рама објави дека утре во неговата земја ќе пристигне пратка со вакцини од компанијата „АстраЗенека“.

Добра вест. На 12 март ги добиваме првите 38.400 дози вакцини од АстраЗенека и веднаш почнуваме со имунизација на просветните работници – напиша Рама на фејсбук.

Албанија има потпишано договор со Ковакс за испорака на 1.114.000 дози на вакцини за што се платени 3,9 милиони долари.

Процесот на имунизација против Ковид-19, под мотото „Албанија насмевната“ почна на 11 јануари со добиени 975 вакцини од, како што тогаш изјави Рама, пријателска земја. Во меѓувреме во Албанија пристигнаа и 22.230 вакцини од компанијата „Фајзер“, што е првата пратка од договорените 500 илјади дози.

Досега се вакцинирани над 22 илјади, главно здравствени работници и лица постари од 80 години.

Со донесената одлука, албанската Влада го отвори патот за преговори за руски и кинески вакцини. Според нормативниот акт, овластени за преговорите се министерката за здравство Огерта Манастирлиу и министерот за обнова, Арбен Ахметај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.