Албанија ги заостри антиковид мерките, по незапирливиот тренд на новозаразени и починати од опасниот вирус, посебно овој месец, во просек по 1.050 дневно.

Врз основа на одлуката на Националниот комитет на експерти за справување со пандемијата, од утре полицискиот час ќе почнува 20:00 часот наместо 22:00 како што тоа беше од 11 ноември лани кога по вторпат беше воведена оваа мерка во земјата.

Од 11 февруари (четврток) полицискиот час ќе почнува во 20:00 часот и ќе трае до 6:00 часот наутро, кога е забрането движење на граѓаните и активноста на бизнисите. Дозволено е движење, како и до сега, на службите за итни интервенции, службите за испорака и медиумите. Оваа мерка ќе трае до 25 февруари, кога повторно ќе биде направена анализа на епидемиолошката состојба – соопшти министерка за здравство, Огерта Манастирлиу, по седницата на комитетот.

Таа додаде дека поради се поголемиот број заразени млади од 15 до 24 годишна возраст од утре па се до 26 месецов наставата во средните училишта ќе се изведува онлајн во десет општини, меѓу нив и во Тирана, Фиер, Валона, Драч, Ѓирокастро, кои се сметаат за најпогодени.

Сезоната на полагање на испити на универзитетите ќе биде продолжена за да се обезбеди комбинација на онлајн и класни испити за предмети кои бараат присуство, со строго спроведување на антиковид протоколите – изјави Манастирлиу.

Според министерката, овие мерки биле неопходни поради рапидниот раст на новозаразени и сомненијата дека во земјата циркулираат британската и јужноафриканската мутација на вирусот.

Таа изјави дека во земјата ги немаат потребните услови за испитување, па примероци се испратени во референтна лабораторија во Берлин, од каде што се очекуваат резултати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.