Албанија е на четвртото место во светот според бројот на реални смртни случаи од Ковид-19 во однос на населението, по Азербејџан, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Податоците ги објави американски институт за процена на здравјето „Health Data“, според чиј извештај, Албанија има вкупно 529 смртни случаи на 100 илјади жители, за периодот март 2020 година до мај 2021 година. Со тоа, Албанија е рангирана на четвртото место меѓу 20-те земји со најголема реална смртност од Ковид-19, пренесува агенцијата „Балкан веб“.

Според извештајот, Албанија има околу шестпати повеќе смртни случаи од официјално соопштените, рангирајќи се повторно меѓу земјите што имаат најниска стапка на официјални декларации во однос на вкупната бројка смртни случаи, по Белорусија и Азербејџан – наведува агенцијата.

Според албанскиот државен завод за статистика ИНСТАТ, од април 2020 година до март 2021 година имало околу 9.300 смртни случаи повеќе во споредба со истиот период од претходната година, кога вирусот не беше присутен. (за истиот период, официјално има 2.423 смртни случаи од Ковид).

Во овој период од 12 месеци (април 2020 година – март 2021 година) животот го загубиле околу 31.000 лица, од 21.800 во април 2019 година до март 2020 година, со зголемување од околу 42,7 отсто.

Кога станува збор за растот на смртноста во пандемскиот период Албанија има разлика од околу 30 проценти во однос на сите други европски земји. Истиот тренд продолжи и во првите месеци од 2021 година, каде што Албанија забележа многу поголем раст на починати, во споредба со другите европски земји – констатира агенцијата „Балкан веб“.

Официјалната бројка на почнати од појавата на пандемијата, според министертвото за здравство и социјална политика изнесува 2.441 лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.