Во Албанија продолжува трендот на високи бројки на новозаразени и починати од Ковид-19 и во последното деноноќие.

Според Министерството за здравство и социјална заштита вирусот е дијагностициран кај 846 лица од вкупно тестирани 2.308 сомнителни случаи, што е 37 отсто од тестираните.

Во изминатото деноноќие битката со опасниот вирус ја добија 312 или 21.286 до сега, додека за жал ја изгубија 19 или 889 пациенти. Во изминатите седум месеци направени се 201.634 тестови при што позитивни на вирусот биле 42.148 лица, информираа од министерството.

Во четирите ковид болници хоспитализирани се 469 пациенти, 31 се на интензивна терапија, а 11 се интубирани.

Дека се влошува епидемиолошката состојба потврда е процентот на заразени во однос на тестирани.

Во октомври тој процент во просек изнесувал 19,6, во ноември 27 додека неделава што изминува се зголемил на 30,3 проценти.

Министерството информираше дека освен четирите Ковид болници, кои располагаат со 550 легла, подготвени за прием на пациенти се и ковид центри во пет од вкупно 12 регионални болници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.