Без карантин, но со негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или со сертификат за вакцинација, државјаните на земјите членки на Европската Унија и Шенген зоната, на Велика Британија, САД, Обединетите Арапски Емирати, Србија и Израел, од денеска може да патуваат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според новите упатства од Агенцијата за цивилно воздухопловство и соодветната министерска одлука, државјаните на конкретните земји, можат слободно да пристигнат во Грција, доколку имаат потврда за негативен тест или сертификат за вакцинација, но да се поминати 14 дена од ревакцинацијата и се ослободени од задолжителниот карантин.

Паралелно, како што претходно објави МИА, отворен е уште еден граничен премин за влез во Грција преку Бугарија, односно освен од Промахонас (Кулата), туристите може да влезат и преку Нимфеас (Маказа), а продолжена е и забраната за влез на државјани на трети земји, со исклучок на 12 земји односно Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд,  Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, САД, Русија, Руанда, Сингапур и Израел и Србија.

Новите упатства предвидуваат седумдневен карантин по пристигнувањето, освен за петте земји за кои од денеска важат нови правила.

И понатаму, за сите патници, задолжителен е негативен ПЦР тест, а за посетителите од Русија, дозволени се 4.000 патници седмично и пристигнувања само на аеродромите во Атина, Солун и Ираклио на Крит.

Новите одлуки стапија во сила утрово и важат до следниот понеделник 26 април во шест часот наутро.

Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на редовниот брифинг со новинарите рече дека станува збор за пилотско отворање на туризмот и истакна дека истите мерки, правила и протоколи што важат за грчките граѓани, важат и за туристите и не е дозволено да се движат од еден во друг град, односно од регион во регион.

Поради карантинот што сè уште е во сила, а беше воведен на 7 ноември минатата година, во Грција е забрането движење меѓу региони, граѓаните за секое излегување испраќаат смс пораки, а затворени се угостителските објекти, со исклучок на оние што се во рамките на хотелите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.