Косовскиот премиер Рамуш Харадинај синоќа повтори дека и покрај притисоците од официјален Вашингтон, таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Херцеговина ќе остане во сила, се додека Белград не го смени „агресивниот и деструктивен однос кон Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одговарајќи на новинарско прашање за последното барање на Американската амбасада во Приштина за укинување на таксата, Харадинај рече дека неговата Влада е „заинтересирана за укинување на таксата, под услов Белград ја ја признае независноста на Косово“.

– Ако Белград вели дека никогаш нема да го признае Косово, тогаш и ние може никогаш да не ја укинеме таксата на српскиот увоз, им изјави синоќа Харадинај по посетата на градежната компанија „М-Текнолоџи“ во приштинската населба Лебане.

Според косовскиот премиер, на средувањето на економските односи меѓу двете земји треба да им претходи еден политички договор.

– Ние сме влезени во некои други политички димензии во Косово, што значи дека оваа година поголемиот дел од времето ќе го посветиме на економијата. Економските односи Косово-Србија се значајни, некогаш и ќе се средат, но треба да им претходат и политичките односи. Отворени сме, значи заинтересирани сме да ја повлечеме таксата доколку има готовност за средување на политичките односи меѓу Косово и Србија, што подразбира и признавање на нашата независност, изјави Харадинај.

Американската амбасада во Приштина вчера преку соопштение повторно побара од Владата на Харадинај да ја укине таксата на увозот од Србија и БиХ, порачувајќи дека таа е спротивна на стратешките интереси на САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.