Средношколци од Пула, кои во саботата биле во Венеција, се вратиле дома, каде од службите за епидемиологија на Хрватскиот институт за јавно здравје добиле совет да останат во домашна изолација и да не одат на училиште.
Децата и професорите две недели биле на екскурзија, пренесува агенцијата „Танјуг“.
Директорот на гимназијата, Филип Зоричиќ, потврди дека станува збор за 42 ученици и четворица професори кои биле на екскурзија и кои, според упатствата на институтот, мора да останат дома.
Во текот на ноќта, средношколци од Омиш и Сплит, кои изминативе денови биле на екскурзија во Италија, се вратиле во своите домови, откако во неделата подолго време биле задржани на граница, каде биле прегледани, при што било утврдено дека никој нема симптоми. Кратко потоа им било дозволено да го продолжат патувањето кон Далмација.
Се смета дека епидемијата на коронавирус во Италија е најголема надвор од територијата на Азија. Во оваа европска земја досега починаа четири лица заразени со вирусот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.