Паралелно со одржувањето на Самитот на неврзаните во Белград, на кој учествуваат делегации од над 100 земји од целиот свет, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го отвори Саемот за оружје и воена опрема „Партнер 2021“.

На саемот се присутни вкупно 132 излагачи од кои 36 се од 16 странски земји, а Русија е претставена со 25 компании.

На отворањето на Саемот, претседателот Вучиќ, порача дека Србија ќе продолжи да ја зајакнува војската и да ја развива одбранбената индустрија.

Во светот на интересите, не постои милостиња за слабите, туку почит кон силните и затоа е важно да ја развиеме одбранбената индустрија – нагласи Вучиќ.

Тој посочи дека на годинашниот саем прикажани се досега најмногу новитети на српската воена индустрија.

Успеавме во претходните години армијата и воената индустрија да ги ставиме на пиедесталот на довербата на луѓето. Тука се претставени капацитетите за истражување, тестирање и ремонт на Министерството за одбрана и нашата одбранбена индустрија, како и највисоките достигнувања на Југоимпорт и нашите институции, чија задача е да ја опремат и обучат армијата – изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека е тешко да се спротивстави на големите сили во промоцијата на воена опрема и оружје, но дека е важно Србија да го изгради својот пат и да ги избере оние области каде што може да се натпреварува со најдобрите.

На саемот беше претставено новото мултифункционално оклопно возило „Лазански“, како најсофистицирано и најмодерно тешко оклопно возило, развиено од компанијата „Југоимпорт СДПР“. Тоа е всушност модифицирана верзија на постоечкиот „Лазар 3“, а главна разлика помеѓу „Лазар“ и „Лазански“ е повеќенаменскиот топ за дејствување по жива сила, лесни оклопни возила и фортификации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.