На 6 јануари напладне каде и да се наоѓате на планетата Земја, запрете за миг и помолете се за подобра година за сите, апелира Здружението за православни вредности „Бадникови поворки“ по повод овогодинешното чествување на Бадник и Божиќ.


Според Здружението, околностите не дозволуваат да се организира традиционалната Божиќна манифестација, ниту да се формираат поворки низ улиците, но ништо не спречува Божиќната песна да се пее во домовите.

Од активностите во овој период ја издвојуваат акцијата за собирање Божиќни честитки, реализирана на 20-тина пунктови низ Републиката.

Се собираат пораки наменети за болните на инфективните одделенија, кои за жал годинава за Бадник и Божиќ не ќе можат да бидат во кругот на семејството. Акцијата водена под мотото ‘Пронајдете го пунктот во вашиот град и донирајте ја само вашата љубов‘ во вид на Божиќна честитка, завршува утре (5 јануари), за веќе следниот ден, на Бадник, сите добри мисли преточени во Бoжиќна честитка, да патуваат до инфективните одделенија, за да ги утешат и развеселат болните и да истакнат неизмерна благодарност до медицинските работници“, информираат од Здружението.

Во врска со возобновувањето православни божиќни песни кои некогаш се пееле на овие простори, како еден од најкрупните зафати, велат оттаму, а секогаш во соработка со Бигорскиот манастир, годинава традицијата продолжува со „Христос се раѓат, на светот радост” во изведба на Љубојна. Според Здружението, станува збор за традиционална божиќна песна што потекнува од балканските простори, од времето на Византија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.