Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнз, на средба порачаа дека за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност од суштинско значење се независноста и професионалноста на централната банка.
Како што соопшти Народната банка, на средбата се разговарало за придонесот на монетарните власти во одговорот на кризата предизвикана од Ковид-19. Притоа е посочено дека мерките преземени од Народната банка суштински придонеле за раздвижување на економската активност, како и за зачувување на финансиската стабилност за време на криза.
Гувернерката извести дека во тек е нов циклус макроекономски проекции за кои централната банка ќе информира на почетокот на ноември. Притоа, посочи дека досегашните остварувања кај бруто домашниот производ главно се во согласност со проекциите на Народната банка. Девизните резерви се малку подобри од очекуваните, исто како и кредитната поддршка. Инфлацијата e умерено повисока. Инфлациските движења се главно резултат на увозни притисоци поврзани глобалните цени на енергенсите и храната. Сепак, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи ценовните движења, а особено инфлациските очекувања и евентуалните секундарни ефекти и соодветно ќе реагира на нив – се вели во соопштението.
Гувернерката истакнала и дека постепеното закрепнување на економијата позитивно придонесува за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесниот карактер на корона-кризата наметнува потреба од постојана подготвеност и будно следење на состојбите, заради преземање соодветни мерки за справување со предизвиците.
На средбата присуствувал и шефот за економски и политички прашања при Амбасадата на САД, Кристофер Зимер, како и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата на САД во земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.