Во земјава се активни 2.735 случаи на заболени со Ковид-19, од кои најголем број се во Скопје, односно 1.593. Во главниот град заклучно со вчера најмногу активни случаи има во Чаир – 352, а по околу 100 случаи има во уште шест скопски општини: Аеродром – 127, Бутел – 117, Гази Баба – 128, Центар – 123, Карпош – 108, Сарај – 109. Од почетокот на епидемијата регистрирани се 4.820 заразени, а починаа 222 лица.

Драстично зголемениот број на позитивни случаи на коронавирус, според министерот за здравство Венко Филипче  се должи на непочитување на воведените мерки. Сепак, како што потенцираше вчера, другите жаришта на Ковид-19 во земјава, освен во Скопје, постепено спласнале, посочувајќи дека предвидувањата на епидемилозите се оти од следната недела и тоа жариште постепено ќе спласне.

Предвидувањата на епидемиолозите, ова морам да го кажам со резерва, се дека следната недела, периодот што следи може да се очекува дека и скопското жариште постепено ќе спасне, рече министерот.

Околу 15 проценти од заболените од вирусот КОВИД-19 во земјава се на болничко лекување, дел се со полесни симптоми и на домашно лекување, а останатите се асимптоматски случаи.

Тој нагласи дека не постои ниту еден единствен анкетен епидемиолошки податок кој што укажува дека некој се заразил со корона вирусот ако ги почитувал мерките.

Секаде каде што анализиравме и направивме увид или не се носеле маски или имало голем собир, со огромен број луѓе на мала дистанца, или дистанцата не се почитувала во рамките на некој семејни настани. Ова е уште еден показател дека за да се заштитиме е почитувањето на овие протоколи. Проблемот потекна од 15 до 20 семејства во Скопје, и останати 20 во други делови од Тетово и Куманово. Од тука се тие жаришта од кои 65 до 70 проценти се во рамки на овие кластери, а 30 проценти се контакти надвор од кластерите, рече министерот Филипче.

Огромен број случаи со Ковид-19 се дијагностицирани пост мортум и како што информира ресорниот министер брисеви се земени од лица кои починале во болница на денот на прием, после неуспешната реанимација, за да се знае дали биле носители на тој вирус или не, се со цел да имаат податоци како да пристапат со семејствата.

Ниту една земја во светот тоа не го прави. Ние сметавме дека треба да бидеме чесни и да знаеме како да направиме добро за членовите на нивните членови, исто така за да ја знаеме вистинската епидемиолошка слика во нашата земја. За жал, има голем процен на лица кој доаѓат доцна во болница и смртен исход имат помеѓу првиот и петтиот ден. Доаѓаат со лоша клиничка слика, има и пациенти кои потпишале дека не сакат да се лекуваат во болница, па после доаѓат во крајните стадиуми на болеста и тука за жал не може повеќе да се постигне. Третина од починатите лица доаѓат доцна во болницата. Одговорно кажувам дека за секој пациент е апсолутно се направено, од анализи, до терапија и се друго, рече Филипче.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.