Македонските спортисти најверојатно нема да примат вакцина против корона вирус од првиот контингент на вакцини кој треба да пристигне по Нова година во нашата држава.

Најбрзиот датум на пристигнување на вакцините е јануари, но постои можност тие да пристигнат некој месец подоцна.

Министерот за здравство, Венко Филипче потврди дека досега се обезбедини 833.000 вакцини преку КОВАКС системот, но и дека се ангажирани за дополнително обезбедување на вакцини на уште два начини, преку директни преговори со производителите и преку механизмот на земјите членки на ЕУ.

Приоритет во вакцинацијата ќе имаат здравствените работници кои работат во ковид центрите или или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Понатаму, делот на здравствени работници коишто работат со земањето на брисеви, граѓаните над 65 години и пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот Мој Термин, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт – изјави неодамна Филипче.

Спортистите засега не се наоѓаат на листата на групи кои ќе се вакцинираат меѓу првите, а од Фудбалската, Кошаркарската и Ракометната федерација информираат дека досега не било разговарано со нив на оваа тема.

Никој од Владата не разговарал со нас или не повикал, но тоа во една рака е очекувано. Тие треба да одлучат кој ќе има приоритет во примањето на вакцината. Исто така се поставува прашање кога ќе пристигнат вакцините, дали тоа ќе биде многу брзо во јануари или некој месец подоцна. Ние ќе продолжиме да функционираме како и досега и ќе ги почитуваме здравствените протоколи во Македонија, во земјите во кои би играле како и протоколите на меѓународните спортски федерации – имаат речиси идентичен став трите федерации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.