За нешто помалку од еден час ќе започне финалната вечер на 64. Евровизија, што се одржува во Тел Авив, Израел.
Проследете го во живо на официјалниот канал на Јутјуб со почеток од 21 часот.

Македонската пејачка Тамара Тодевска со песната „Proud“ („Горда“) ќе настапи вечерва под реден број 8.

Aвтори на песната „Proud“ се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Придружни вокали се Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев.

Во финалето ќе настапат 26 земји, а ќе можат да гласаат сите учесници односно 41 земја.

Пласман во финалето од втората полуфинална вечер обезбедија и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта, а од првата полуфинална вечер – Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија. Директен пласман во финалето покрај домаќинот Израел имаат Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија.

Прва на финалната вечер ќе настапи претставничката на Малта, Микела со песната „Chameleon“, а последен ќе настапи шпанскиот претставник Мики со песната „La Venda“.

Како специјален гостин на финалната вечер на 64.Евровизија ќе настапи 60-годишната поп ѕвезда Мадона.

Тамара Тодевска четврти пат учествува на Евровизија, но првпат како солист. Пред седум години пејачката Калиопи со песната „Црно и бело“ настапи во финалето на 57.Евровизија, што се одржа во Баку, Азербејџан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.