Никола Србов

Сознанието дека нема да помине укинувањето на Законот за лустрација кое го предлага владината СДСМ ми влева надеж дека сепак ќе победи нормалноста над налудничавите идеи за негово укинување.

До сега не е забележано во некоја држава во јавниот дискурс да биде изнесена терминологија од типот „жртви на лустрација“, а уште помалку да биде изменуван, укинуван или носен нов закон во тој контекст. Терминот „лустрација“ според дефиниција подразбира „преиспитување на активности од времето пред сегашниот период“, додека „Комисија за верификација на факти“ врши проверка на дејанијата на носителите на јавни функции во минатото врз основ на факти кои произлегуваат од обемната документација. Комисијата за верификација на факти треба да изврши лустрација преку утврдување дали некој носител на јавна функција во минатото делувал на штета на друго лица, а за личен бенефит, од идеолошки побуди.

Дали еден човек ќе биде лустриран, односно дали ќе се утврди дека тој во минатото од идеолошки побуди нанесувал штета на други лица преку што се здобивал со општествени позиции и материјални добра се утврдува преку документација произлезена од Министерството за внатрешни работи. Таа документација е факт кој не може да го побие ниту еден закон или политичка одлука. Тие документи, односно досијеа на политичките неистомисленици и противници, Министерството за внатрешни работи ги декласифицираше пред две децении.

Законот кој сака да го донесе СДСМ е повторно убивање на луѓето кои беа убиени за време на комунистичкиот режим и глорификација на нивните егзекутори. Оние кои биле убиени заради своите идеали за слобода сега да биде верификувано дека биле виновни и повторно да бидат убиени, виновни дека сакале демократија наместо комунистички режим. Оние кои биле следени, апсени, измачувани и затворани на долгогодишни затворски казни сега повторно да бидат осудени и затворени, затворени затоа што сакале слобода, демократија, независна држава, обединета Македонија и го носеле во себе идеалот на ВМРО. И сето тоа во дваесет и првиот век, повторно да се убие стремежот за слобода и демократија од страна на тоталитарната идеја на комунизмот.

Што всушност предлага СДСМ?

Замислете еден човек кој е способен, чесен и вреден, но кој не се согласува со едноумието, цензурата, затворениот пазар, затвореното општество, моменталното решение на националното прашање, прогонот на неистомислениците, задушување на македонскиот идеал и идејата на ВМРО, едноставно, не се согласува со моменталните комунистички власти во неговата земја. До него, замислете еден егзамплар на партиски полтрон кој не е чесен, далеку од способен, а вреден е само во уништувањето на туѓите животи на луѓето кои нему едноставно не му се допаѓаат. Овој вториот, полтронот, оди во полициска станица и за вредниот и чесен комшија пополнува белешка во која вели дека тој е вмровец, антикомунист и антидржавен елемент. Полицијата го апси способниот под обвинение за В.М. (како што стои во документите) што значи „ванчомихалјовизам“ и го испраќа на робија. Потоа, полтронот како заслуга за пренесената информација добива унапредување на своето работно место.

Денеска, во 2020 година, СДСМ предлага со закон повторно да биде егзекутиран оној вредниот и чесен родољуб, а кодошот, партискиот полтрон, да биде прогласен за „жртва на својата жртва“ и да добие паричен надомест од државата само заради тоа што некој се дрзнал да говори јавно за неговите злодела кои ги извршувал во минатото уништувајќи туѓи животи и цели фамилии.

Каква порака праќаме до младите луѓе во Македонија?

Со вакви идеи за закони, кои се надевам дека никогаш нема да поминат, на младите луѓе им се сугерира дека во животот не треба да бидат чесни, слободољубиви, демократи, со отворени умови и способни, туку треба да бидат подмолни луѓенца кои посопособните и недостижните за нив со кодошлук да ги симнат подолу и да осетат накакво задоволство дека успеале да го уништат подобриот и поспособниот. За среќа младите луѓе денеска ја шетаат Западна Европа и ја гледаат вистинската смисла на животот надвор од овој западнобалкански резерват.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.