Ламбе Арнаудов

Диктатору заминат, слушнав, а и некаде прочитав, си имал домашно милениче. Било опсипано со внимание од целото семејство, сакано, обожувано. Многу паметно со педигре од познати родители и баби и дедовци, со сертификат од реномирана куќа – пандан на ООН која се грижи за посебноста на народите, го чува признатото постоење и ги гарантира човековите права и слободи, посебно правото на самоопределување.

Па, сакам да те прашам нешто. Дали некогаш го имаш опцуено? Веројатно не, заради педигрето. А, Македонија ја пцуеш без око да ти трепне, од кога ја обезглави, ја опустоши и ја разори, оставајќи ја без педигре.

Диктаторче во заминување, благодарение на тебе, дали ти е јасно дека денес во Македонија, кај тебе, кај мене и кај сите, педигре имаат само домашните миленичиња. Останатите што живеат покрај миленичињата и оние кои немаат или имаат само џукели нé направи да сме кучкини синови и ќерки. Дури и подолу од тоа, затоа што за нив барем се грижат од здружението Анима Мунди. Зар мислиш ќе дозволиме да се заборави или дека македонскиот народ ќе ти заборави?

Пред да се појавиш ти и со невиден разорувачки интензитет да донесеш со себе верижна несреќа на македонскиот народ со катастрофални последици, својствена само за најмрачните одродени водичи – квислинзи во историјата на човештвото кои немилосрдно го уништувале својот род и родословие, сите ние бевме нечии синови и ќерки, нечии браќа и сестри. Нечии баби и дедовци, родители, грижни татковци и мајки од род и колено по неколку стотини години наназад со бујно разгранети семејни дрвја на животот, помодерно кажано со блескаво педигре, што заедно правиме народ македонски, храбар, достоинствен, благороден и исклучително ценет во светот што како нормална последица ја создадовме нашата држава Република Македонија.

Вчера еден мој пријател дојде дома и ми покажа крстително постаро, односно извод од матична книга на родени, и со солзи на очите ми рече: „Погледај ја графата за државјанство.“ Кога таму, само неколку коси црти. Со неверување гледам и истовремено размислувам каде сум видел исти такви црти. Се сетив – на старите каубојски филмови. Свирепите убици, злосторници од Дивиот запад на дршки од своите колтови, за секој насилно одземен живот ставаа по една црта (црта=живот).

Ајде диктатору, заедно да ги изброиме цртите на твојот колт што духовно во стил на свирепите убици ги симболизираат жртвите на македонскиот народ:

Црта на твојот колт – ИМЕ

Црта на твојот колт – НАРОД

Црта на твојот колт – ЈАЗИК

Црта на твојот колт – ИДЕНТИТЕТ

Црта на твојот колт – ИСТОРИЈА

Црта на твојот колт – КУЛТУРА

Црта на твојот колт – АРХЕОЛОГИЈА

Црта на твојот колт – НАРОДНО ТВОРЕШТВО

Црта на твојот колт – ФОЛКЛОР

И конечно црта на твојот колт – ДРЖАВА.

Со ова сам си одбра да бидеш гнев на македонскиот народ и татковината. Затоа и замина засекогаш.

Заборави, или можеби и воопшто не знаеше дека сите важни работи се случуваат во вистинско време.

Вистинското време за тебе диктатору е следното што многу брзо ќе го доживееш.

Господ проштева! Државата никогаш! Кога и да е, каде и да си Државата ќе ти тропне на врата и ќе ги наплати твоите долгови + (плус) камати, + камати на камати, +++++.

Те уверувам, тогаш сам ќе посакаш скончанието на твојот бесмислен кукавичко предавнички живот да ти биде пријател, но и тоа ќе те одмине, за долго, долго да живееш, ама за да се измачуваш, оти гревот ти е голем.

Најмногу ќе патиш и ќе се измачуваш кога ќе гледаш како тие, кои наспроти тебе, кој ја мразиш Македонија, неизмерно ја сакаат својата татковина и се вистинската совест на македонската самобитност, слобода и независност, ВМРО ДПМНЕ, како ќе обноват сé што ти така безмилосно разурна.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.