Кога многу ја сакаш својата татковина, а некој заради тоа те мрази, не ти преостанува ништо друго, туку да продолжиш уште посилно и непоколебливо ја да сакаш, да се бориш, сé додека не го натераш и оној што те мрази, и тој да ја сака татковината.

Не е лесно, но не се предавај. Насилникот се служи со сите нечесни средства и се обидува да победи со помош дури и на ѓаволот. Ти, праведниот се бориш со добрината, мудроста, љубовта и праведноста на Господ Исус Христос и затоа сигурно ќе победиш.

Веднаш, после црната петочна вечер на осумдесете вештерки и вештери јавајќи на метли кога ја пислојсаа и пометија сопствената татковина и народ, многу луѓе со пораки или при средби ме прашуваа: Како е можно да не снајде вакво зло од блудните неколкумина неранимајковци?

Одговорот е единствен, јасен и прецизен, и затоа во овој мој текст ќе одговорам и ви препорачувам, чесни патриоти, мои пријатели, бидете спокојни. Убеден сум дека од кога ќе го прочитате ќе бидете уште поспокојни.

Одма да бидеме на чисто. Ги обвинувате дека ја продале својата душа. Неточно. Како може да се продаде нешто што не се поседува? Прво треба во себе да пронајдат душа. И никогаш нема да имаат освен ако не го послушаат добронамерниот совет од народот. Покајте се. Покајан грев не е грев. Имате се уште време, да ви прости народот. Многу скоро ќе имате прилика за поправен испит.

Ако сте го направиле тоа за пари е голем грев. Парите на ваков начин и за ова цел спечалени се ѓубре и измет. На нив се радуваат и гоштеваат само муви, најомразените и најдосадни, воопшто бескорисни, но најмногу штетни инсекти. Тие секогаш ги несат своите проколнети јајца во најздравото ткиво, го напљуваат и го црвосуваат за потоа да шират неподнослива смрдеа. На такви пари никогаш нема да се израдувате и ајросате.

Слободата како алиби за овој срамен чин не ви држи. На затворениот патриот заради љубов кон татковината, слободата му е најмила во затворот. На ослободениот заради предавство, слободата ќе му е најтешко ропство.

Гледам и понатака напразно се обидувате да го разубедите сега веќе не вашиот народ, дека непромисленото изговорено “ЗА“, било гледање напред и зачекорување во иднина. Измислени причини и поводи недостојни за човечкиот род на првокласни измамници.

Не трудете се бадијала, никој не ви верува.

Лагата е сурова и студена и дури кога се раскажува покрај топлината од благословениот домашен оган, таа не се затоплува. Има многу вешти измамници на светов но, ниту еден од нив не успеал да излаже народ.

Поучните и силни пораки од се поретките епитафи на надгробните споменици малкумина ги читаат, а и луѓето сé помалку ги посетуваат гробиштата опседнати од својата себичност. Ама, епитафите што се прераскажуваат силно одѕвонуваат и на најголема далечина, регистрирајќи и жигосувајќи ги лошите работи за да не се повторуваат, допираат до секого.

Човекот, единственото разумно суштество е направен да оди гордо исправен со високо крената глава и бистри очи што гледаат во далечина. Господ заради тоа му заповедал оди и смело чекори напред. Рамноправно со секого. Не се плаши од никого и ништо. Подобрите од себе сакај ги и почитувај ги, не им завидувај, туку рестартирај се сам себе и чесно и храбро обиди се да си како нив или подобар. Така обликуван ти човеку ќе клечиш само во црква пред мене.

Што направивте вие петокот, на Ноќта на вештерките кој за жал за Македонија дојде порано. Клечевте пред стравот и за навек заработивте СРАМ.

Оставивте тестамент подеднакво распределен на сите ваши наследници, срамен, несоборлив. Заверен, запечатен, транспарентно спроведлив од најправедниот судија, народот. Нема правна или човечка сила што може да го запре неговото законско дејствие, да го преиначи или да не го спроведе тоа што е во него записано. Неправедно. Да, неправедно. Ама од кого? Од самите вас. Ова неправда им ја нанесовте, им ја пренесовте и засекогаш им ја оставивте на вашите невини наследници. Грешните срца треба да заздрават прво кај газдата, а потоа да бидат излечени другите. Затоа требаше да знаете дека предавството е наследна болест која треба првентивно да се лечи.

Овие за кои денес сте херои кога неправедно ве нарекоа терористи, сите, меѓу кои и јас ве браневме затоа што ве сметавме за јунаци и патриоти а не терористи.

Сега сте терористи. Извршивте срамен кукавички терористички напад врз своите родители, татко ВМРО и мајка ви Македонија, врз сите останати од вашето семејство, браќа, сестри, комшии, пријатели, колеги, знајни и незнајни, питоми и чесни луѓе исполнети со љубов кон Народот и Татковината. Затоа и ве стигна единствената и најтешка казна без право на помилување СРАМОТ. Нема да можете не од дома да излезете. Од ќерал не ќе излезете. Огнот од пеколскиот казан ќе ви наликува на роденденска забава или средношколка игранка во споредба со душевната болка што ќе ја чувствувате во вашите гради, не толку од презрените погледи од вашите сограѓани, туку од вашата пропадната совест која постојано ќе ве нагризува сé посилно и помачно. Времето навистина лечи сé освен предавството, колку повеќе поминува, времето толку повеќе ја распламтува болката. Силно ќе посакувате што побрзо да заминете од овој свет, небото ќе ви е тежок товар на вашите свиткани плеќи, а тлото на напатената и со крв натопена земја Македонска ќе ви бега под вашите трепетливи нозе, нема да може да ве поднесе да ја газите и нема да ве прими да почивате мирно ако не се покаете.

Македонија ќе ве проколне долго, долго да живеете, совеста да ве измачува сé додека не ви стане јасно што направивте.

Македонија млада, убава, чесна и лична девојка од 27 години полна до репродуктивна енергија и чудесна мисла ја сместивте во геријатрија меѓу остарените и сенилни баби. Белите мантили на докторите и сестрите место да ја лечат ќе ја трујат за побрзо да умре и да го разграбаат нејзиното неброено и скапоцено богатство. Ете што направивте вие блудни синови од своја мајка доилка, хранителка, учителка и воспитувачка.

Македонијо, мајко наша! Ти имаш изнародено многу синови кои неизмерно и безвременски Те сакаат и Те почитуваат.

Ќе те вратиме дома пак, каде што ти е почесното место, да ни ги стоплиш нашите срца, да ни ги разгалиш нашите души, да ги почувствуваме твоите топли прегратки и уште долго да се радуваш со нас заедно, твоите деца кои никогаш пред светот не те посрамотиле. Нема цена, колку и да не чини што нема да ја платиме и како вистински благородни синови да го направиме заради топлата љубов со која мајчински нé опсипуваш и нé заштитуваш.

Вашиот ментор се потсмева со вас и ви ветува дека ќе ве брани и ви гарантира безбедност. Тешко оној што треба да го браниш од народот. Рече ќе ве брани сите 120 пратеници, посебно вас 7-мина лигуши. А кој ќе не брани нас 2 милиони од него. Македонија не е земја со 120 жители пратеници. Како ќе ве одбрани кога ни тој самиот не може да се одбрани.

Од СРАМОТ никој на светов не може да ве одбрани.

На крај, Охрид – совршена интеграција на патриотско чувство, љубов кон родот, преродбеничкиот дух, револуционерната борба и духовно лидерство, во борбата за ослободување, создавање и сочувување на суверена, самостојна и независна држава Македонија.

Роден град на титани на македонскиот непокор и опстој, Прличев, Узунов, Чаулев, Патчев, Спространов, Шанданов, Арсов, Маринчев, Снегаров и уште многу, многу величествени ликови, народни трибуни.

Обратните од нив, вие посрамотените други охриѓани имавте ретка прилика во петокот навечер да застанете во редот и рамо до рамо со вашите славни сограѓани. Ја грешивте. Се запустивте.

Одбравте да им правите друштво на Грдан Нелчин и другите. Нека ви е среќна дружбата. Само што тие се млади калфи со нивните ситни предавства во споредба со вашето мајсторско велепредавство.

СРАМОТА – Охрид не заборава.

Охрид не заборава дека вие времено ја срушивте Македонија.

На крај – Од животот никој жив не излегол. Затоа за секого важи онаа безвременската:
Не е важно како живееш! Важно е како ќе умреш!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.