Михајло Маневски
Министерката за правда Рената Дескоска јавно изјавува дека е згрозена од Катица Јанева од нејзиното однесување во случајот РЕКЕТ. Таа чувствува одвратност и гадење од најголемиот мафијашки криминал во историјата на Македонија. Згрозена е и гадлива поради тоа што токму во нејзино време се појави ваков грандиозен насилен финансиски криминал. Само по тоа ќе биде запаметена.
Што направи министерката да се спречи криминалното финансиско дувло наречено СЈО? Ништо не направи. Напротив, цело време ги бранеше и СЈО и Катица Јанева. Цело време бранеше криминал од огромни размери. И врапците на гранките знаеја за ова криминално финансиско непотистичко дувло, од каде се влечеа огромни пари, се вршеа уцени и фрчеа закани за владеење со страв и тортура. СЈО целосно беше во функција на власта на Зоран Заев и работеше по негов диктат.
Министерке Дескоска наместо да се згрозувате поднесете си оставка
Народот министерке Дескоска не Ве плаќа да се згрозувате, туку ве плаќа да работите да се спроведуваат законите и да владее правото. Наместо да се згрозуваш, веднаш поднеси оставка. Покажа и докажа дека си тотално неспобна и неподобна за вршење на ова функција.
Ќе те потсетам на некои работи:
1. Како министер за правда сега признаваш дека амнестијата за настаните од 27 април на осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставните измени за промена на името на државата е голем товар за правдата и правниот систем во Македонија. Браво! Признаваш дека е сторен тежок политички криминал и тешко кривично дело против државата за насилна промена на уставниот поредок со кршење на Уставот. А одговорност за тоа, кога ќе има? Сега мислите дека никогаш до тоа нема да дојде! Не лежите на тоа уво, одговорност мора да има.
Не се згрозивте ли министреке, од тоа варварско кршење на Уставот како човек, а уште повеќе и како професор по Уставно право? Не се гадите ли од тоа што ова ваше “признание” жестоко го платија и го плаќаат чесни родољуби и патриоти, кои гнијат во занданите осудени на драконски казни од над 2 века? Каде ви е совеста. Ај да видиме сега, какви мерки ќе преземете да го симнете тој “голем товар за правдата и правниот систем” и кого ќе пријавите и повикате да одговара за стореното кривично дело. Сега ли ви текна за големиот товар за правдата и правниот систем? Зошто досега молчевте?
Не заборавајте министерке, твојот ментор Зоран Заев неколку пати повторува дека морал да “разговара” со пратениците за гласањето. Пратениците директно од притвор ги однесовте да “гласаат” во Собранието. Срамно. Ако не бевте кадарна да се борите како министерка во Владата за заштита на Уставот, зошто уште тогаш не си поднесовте оставка?
Дури и Кривичниот законик го изменивте за да може на Василие Авировиќ, син на пратеничката предавничка Владанка Авировиќ да му биде изречена условна осуда! И сега, Вие министерке, бессрамно говорите за правда и владеење на правото.
2. Се згрозивте ли барем малку г-ѓо Десковска од грубото мешање на Претседателот на Владата Зоран Заев во работата на Судскиот совет. Градоначалникот на општина Сарај г-дин Блерим Беџети јавно на прес конференција изјави дека Зоран Заев му се јавил по телефон и од него барал да влијае на членови на Судскиот совет за разрешување од функцијата на претседател на суд и тоа највисокиот суд (Врховниот ) и судии во тој суд?
Не поминаа ниту неколку недели, на почетокот на септември со осум гласа беше разрешен претседателот на Врховниот суд и судии од тој суд. Тоа не е само мешање во работата на Судскиот совет г-ѓо Десковска, туку класична злоупотреба на службената положба. Не реагиравте ниту со една изјава да го осудите тоа тоа мешање. Останавте глуви и неми, а се заложувате за самостојно и независно судство. Какво лицемерие.
3. Не се згрозивте ли од признанието на Зоран Верушевски дека материјалите од снимените разговори се страотно модифицирани и компромитирани после неговото одење во притвор. Кој тие материјали страотно ги модифицираше и зошто? Кој и зошто ја модифицираше снимката за убиството на Мартин Нешковски и од 13 минути ја направи на само 3 минути? Зошто се монтираше таа снимка? Зошто не се покренува постапка да се утврди кој и зошто страотно ги модифицираше и компромитираше тие материјали? Зошто молчите и зошто ништо не преземате, ако ништо друго, барем тоа да го осудевте?
Сега врз основа на тие монтирани докази, повеќе десетици обвинети лица со години се малтретираат во судниците по обвиненија на криминалното СЈО. Тоа е страотна тортура против тие лица и тоа само функционери на ВМРО-ДПМНЕ, со цел Зоран Заев да владее со страв и со политички прогон.
4. Говорите за самостојно и независно судство. Какво е тоа судство и каков е тој судечки совет во Апелациониот суд Скопје кој одлучувал по жалбата на обвинетата Јанева, кој за една недела донел две различни одлуки?. Какви се тие разлози за определување на куќен притвор, дека обвинетата Катица Јанева била самохрана мајка на две деца! Лакрдија од одлука. Какви се тоа деца на самохрана мајка кои располагаат со сопствен имот и веќе основале семејства, а синот бил “директор” за маркетинг во ТВ 1 на Боки 13 и вмешан со негоаата мааа во случајот РЕКЕТ.
Пред извесно време Зоран Заев најави дека “жената сака да си оди дома”. Така и бидна. Кој се уплаши од Катица Јанева да не отвори уста?. Со донесената одлука за домашен притвор со небулозни разлози, целта е да и се затвори устата, Ама, како стојат работите, тоа нема да се случи, Почекајте, случајот РЕКЕТ сеуште не почнал да се одплеткува.
5. Не се згрозивте ли барем малку министерке Дескоска од она одвратна слика од приведувањето на Катица Јанева од Затворот Скопје до станот на нејзиниот син. Замотана од глава до пети со темна пелерина какви што носат полицајците, со ќулавка на глава, со раце замотани, како некој вампир. Обвинетата Јанева која ја направивте идол, ја опљачка државата, со тоа што за овие 4 години на име плата и надоместоци зела над 340 илјади евра, или по 7 илјади евра месечно, од кои дури 157 илјади евра за “доверливост”.
Несомнено, доверливоста била во прави раце. За “доверливост” и други бонуси криминалното СЈО по налог на Јанева исплатило на обвинители, синови и ќериќи над 700 илјади евра. Пљачка, друг збор нема, грабање пари без усул, што би рекол народот.
Кој ја маскираше Катица Јанева во затворот и зошто?. Кој и даде пелерина?. Дали докторот на затворот ја прегледа така замаскирана? Кој и ги врза и замота рацете, бидејки таа сама тоа неможе тоа да го направи? Ќе се засрамите ли барем малку затоа што не е почитувано ниту едно правило од закон од ова област и Правилникот за куќниот ред за издржување на притвор, а Вие сте одговорни и за казнените инстутуции.
6. И сега Вие министерке, со полна уста говорите дека сте донеле одлична законска рамка за независно судство и обвинителство. Многу се лажете и се обидувате да го лажете народот. Тоа добро сте го научиле од вашиот ментор Зоран Заев, познат лажоман.
Да Ве потсетам, да прочитате. Во првиот извештај од пред 5 години на г-дин Прибе, кого од уста не го вадите, под точка 2 “Судство и обвинителство”, се наведува дека: “Земјата поседува сеопфатен збир на правила кои, доколку целосно се почитуваат, треба генерално да осигураат соодветно функционирање на судскиот систем со високи стандарди”, a “високо квалификувани и искусни судии, обвинители и судски персонал” се на располагање во доволен број за да овозможат ефективно функционирање на судскиот систем”.
Тоа што го донесовте со парцијални измени и дополнувања на некои закони е генерално сакатење и смалување на донесените критериуми и стандарди.
7. Бесрамно говорите министерке Дескоска за некаква скандалозна одлука на поранешната власт, според која предметите кои биле трансферирани од судовите кај извршителите не застарувале!!. Не наведувате ниту која е таа “одлука”, ниту која е таа одредба.
Треба белким да знаете дека нема извршен предмет, односно извршување кое не застарува, освен правото на издржување определено со закон. Извршувањето може да се изврши само врз основа на клаузила за правосилност и извршност на исправата. За секое извршување и за секој предмет е обезбедено право на проговор и право на судска заштита.
Сите предмети што од судовите се трансверирани кај нотарите и извршителите се предадени во фаза во која се наоѓале, со целосен попис на списите во предметите. Каматите, и затезните и казнените, исто така се определени со Законот за облигационите односи. Наместо да се служите со подметнување, отпишете ги каматите, најдете начин.
Во Законот за облигационите односи се определуваат роковите за застареност и со застареноста престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската. Роковите се определуваат во членовите од 362 до 367. Рокот на застарување на комунални услуги изнесува една година. Побарувањата застаруваат за 5 години, а сите побарувања според членот 368 став 1 што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, застаруваат за десет години. Според членот 349 став 3 од Законнот за облигационите односи не може да се земе во предвид застареноста, ако должникот не се повикал на неа. Прочитајте нешто.
Состојбите во судството и обвинителството никогаш не биле полоши. Тука вашиот удел е грандиозен. Со вашето папагалското повторување дека со Законот за јавното овинителство се барала скриена амнестија на обвинетите по обвиненијата на СЈО, го закочивте донесувањето на законот.
После онаа снимка на маскираната протува Катица Јанева, која со толкави пари го опљачкала и СЈО и е креатор и реализатор на грандиозниот случај РЕКЕТ, не требаат никакви други аргументи. Престанете да владеете со силата на монтираниот прогон на недолжни граѓани.
Сите обвиненијата поднесени од криминалното СЈО мора веднаш да се повлечат. Подписот на Катица Јанева на тие обвиненија е тотално дискредитиран и нема никаква важност. За сите обвиненија има сериозен сомнеж и докази дека се поднесени од криминален обвинител и дека се политички монтирани. Како некој нможе да ве суди врз основа на обвинение подпишано од сторител на тешки кривични дела? Тоа е апсурд.
Паѓате г-ѓо Дескоска, паѓате како низ шуплив ветер. Паѓате затоа што ништо корисно не направивте за судството и обвинителството, туку му нанесовте само штета.
Поднесете оставка на функцијата која не ја извршувате стручно, совесно и одговорно.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.