Васко Шутаров
(Пристапот ги одредува перспективите…)
Земја на изгрејсонцето
Јапонија, Земјата на изгрејсонцето, пред 75 години беше поразена на најстрашен можен начин, со фрлање атомски бомби врз градовите Хирошима и Нагасаки. Три месеци после паѓањето на Хитлер и освојувањето на Берлин, јапонскиот воен фанатизам им се спротивставуваше на сојузничките антифашистички сили, на сите можни начини. Дури и со камикази, воини-самоубијци, кои со своите бојни летала ги торпедираа сојузничките трупи, жртвувајќи ги при тоа своите животи за воените цели на фашистичка Јапонија.
Најмалку две децении по завршувањето на Втората светска војна, Јапонија мораше да го убедува светот дека освен фанатичната милитантност на нејзините војски во најголемата светска војна, тоа е земја што светот може и мора да ја запознае на подруг начин. Преку промоција на нејзините природни убавини, многувековните традиции на одгледување цвеќе, негување на традицијата на пиење чај, традициите поврзани со култивирањето на природата, градините и, воопшто, фините нешта. Го паметиме и ние, тоа глобално ребрендирање на Јапонија, преку фотографии од снежните височини на планината Фуџи, уметноста на аранжирање икебани или култивирањето градини, паркови и јапонски цреши како симбол на подадената јапонска рака за мир.
Уште неколку децении и требаа на Земјата на изгрејсонцето на светот да му ја покаже, многу внимателно, својата феудална традиција на самураите, традицијата на Кабуки театарот, оригами- традицијата на фантастичната игра со хартија, популаризирање на хаику-поезијата или традицијата на својот зен-будизам. И при секоја следна економска експанзија на западните пазари, со својата култура, традиција и совршена технологија, внимателно да ги разбива предрасудите на западните потрошувачки општества, дека е тоа земја што нуди повеќе од евтина азиска роба и нуди само подруг тип на конкурентност заснован на професионална посветеност и одговорност, далеку од милитантните концепции од време на фашистичката експанзија во 20. век.
75 години подоцна, покрај сите овие непринципиелни препреки и самодокажувања, Земјата на изгејсонцето изгради имиџ на држава чии продукти, дали традиционални или најсовремени, имаат вредност повеќе на глобалниот светски пазар.
Земја на сонцето
Мојата земја е од редот држави што крајот на Втората светска војна ја нареди во редот на победничките антифашистички сили, а во годините на падот на комунизмот во светот неколку децении потоа и во држава која без капка пролеана крв, се стекна со својата самостојност и свој избор во сопственото наоѓање место под сонцето, меѓу модерните држави. Патем, во сите историски контексти, избирајќи го токму сонцето за свој заштитен знак, за свој симбол и одредница. И, за жал, освен со сонцето, под истава капа небеска, со ништо веќе не можеме да се споредуваме со овој посочен пример од Земјата на изгрејсонцето. Пример на една конзистентна, осмислена, креативна и посветена промоција на она што го викаме Татковина.
Пристапот ги одредува перспективите
Двете слики кои не ми даваат мир, а кои ме поттикнаа на ваквата споредба, тоа е најпрво јавно прикажаната сцена, т.н. перформанс на власта, во стилот на театар на апсурдот пред распаднатата фасада на првото училиште на македонски јазик во Љубојно и грдото и непримерно безобразие во промовирањето на македонскиот туризам, со позајмени фотографии од случајно избрани фотографии од туристички белосветски дестинации. Случајно ли? Ни годините, ни образованието, ни искуството не ми дозволуваат овие две понижувања на државата, да ги сместам во графата на случајности. Фатени на дело се креаторите на таквото понижување и обезличување. Оваа недела, на два пати.
Најнапред, покрај толку природни убавини и такво културно наследство да рекламираш своја држава со туѓи позајмени фотографии преку Интернет од Германија, Франција, Тајланд и Индонезија е престап, наречен обезличување на државата. Подлоста е уште поголема, што обезличувањето се случува во рамките на еден пропаганден предизборен трик-поткуп, наречен ваучери од 100 евра за домашен туризам. И затоа, денес е неумесно да се споредуваме со која било нормална држава, а камоли со една Јапонија. Во Земјата на изгрејсонцето, за вакви пропусти државата пресудува веднаш, за век и веков или престапникот си пресудува сам, повторно за век и веков.
Русалиите не играат повеќе овде
Имаме ние свои Фуџи планини, која од која поубави. Не помалку клисури и кањони, реки и езера, прекрасни пејзажи, во секој агол од државата. И флора и фауна, карактеристични само за нашето поднебје. И едно чудо љубители на добрата фотографија, кои на чудото од природна убавина му додаваат и свој уметнички израз и вредност. Немаме самураи, но сме имале русалии. Кој да ги оживее и кој низ организирана културно-дипломатска акција да го сподели ова необично интересно и автентично културно наследство од југот на Македонија. Во нашето „Тешкото” и „Зајди, зајди” или „Параходот” има содржано такви културни вредности, што одземаат здив секаде каде биле изведени. Во традиционалните везови и ткаења, во архитектурата или домашната кујна, малку ли автентичност е насобрана, да му се пофалиме и достојно претставиме на светот? Ако веќе морето што го немаме ни е криво, за навредливото обезличување што деновиве ја бранува целата јавност.
Вториот кадар што здоболе, не помалку од рашомонијадава со украдени фотографии, е секако онаа нереална глетка преку која ни се долови за час, одбележувањето на двегодишнината од Преспанскиот договор. Една група статисти, редум од владината номенклатура, во еден призор – час излезен како од сцена од „Јавачите на апокалипсата” (по беспаќето на затревената слепа улица од је-ќе-ќе-ќе граничиот премин Маркова нога) – час седнати во круг како пасивни скаменети фигури, налик на марионети, меѓу кои говорот и јазикот престануваат да бидат средство за меѓусебно разбирање, туку само за разменување низа конвенционални фрази и клишеа. На свеченост, во кој другата „славеничка страна” ја нема (како што и Годо уште го нема), па за својата домашна публика наменски и во предизборен момент, како навиени кукличиња преповторуваат празни флоскули за македонскиот јазик. Чиј статус во моменов приличи, ни помалку ни повеќе, токму како на единствената неразурната фасада од некогашното училиште во Љубојно, каде после с.Подвис, Кичевско, се одржале првите часови по македонски мајчин јазик. Толку од грижата за мајчиниот јазик и Татковината.
Имала мојата држава бројни предци, достојни синови и ќерки кои давале сè од себе и ги вложувале своите животи во промоцијата на најдоброто и најубавото од својата земја. И такви достојни мажи и жени наоѓаме во сите години од повоениот македонски развој. Преку индивидуални творечки подвизи, преку организирани културни акции на некогашната Републичка комисија за културни врски со странство или современата македонска културна дипломатија. Колку што објективните околности дозволувале, се вложувале и ѝ се одолжувале на државата. Не видовме и не доживеавме ни еден таков организиран државен чин на државна самопромоција последниве две години, ако се апстрахираме од неколкуте естрадни промоции, програмски и наменски поврзани со новото име на државата.
И потоа, две години редум, ни се случува само континуирано и системско обезличување на сè она што до вчера го сметавме за репрезентативно во македонскиот пат за себепромоција и препознавање во светот. И затоа, тројна е коската во грло, на секој граѓанин што посакува сè уште, да остане на својата родна грутка или ако веќе морал да замине, да не го јаде срамот од она што останало од неговата држава. Коска во грло, поради чувството дека државата и здравствениот систем стануваат нефункционални и здравјето останува само лична грижа на поединецот. Уште подлабока коска поради евидентниот економски ризик дека тонеме кон неизбежен банкрот и економска криза каква не сме виделе барем последниве 75 години (освен, ако „Алиса од Министерството за чуда и збунки”, не ве убеди дека сè што имате, треба да донирате во Влада). И уште една коска, дека културното обезличување останува да се надминува само преку индивидуални ангажмани и посветувања. Во моментов, немаме ни држава, ни власт, ни институции за решавање на овие три животно најважни проблеми.
Само луѓе чии животи се проткаени со лаги, престапи и мрачни петна низ кои ги прогонува совеста или сенките на гревовите од минатото, бегаат како ѓавол од темјан од своето минато, од своето некни и своето денес. Нема утре со нив, ако прво не одговараат за оваа што ни се случува денес. И тоа, до еден! А еден посебно, оној што според многумина, има својства на вистински јапонски камиказа. Додуша, не за каузата на Татковината, туку за богатството на својот семеен клан. Ќе видиме од кој бедем, од кој бетон на кој често се повикува, ќе тресне и ќе крши глава. Од нас зависи и бедемот и бетонот. Идентитетот ни е тоа! И иднината ни е тоа!
П.С. Кршењето глава разберете го фигуративно. Но, кокетирањето со фашизмот изразен преку „грешната поштенска марка” или омиленото езеро на Хитлер од туристичките ваучери, разберете ги императивно! Да не ви се повторат ни случајно, по трет пат и вистински да ви се скршат од глава!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.