Алдо Климан
Ако деловната корпорација Европска Унија на својот автомат-менаџер распореден во Република Македонија, Самуел Жбогар, му исплаќа годишни амбасадорски менаџерски бонуси според кажаните глупости, т.е. според успешно извршената работа во уништувањето на Република Македонија и поништувањето на македонскиот народ – тогаш тој е навистина мошне богат човек! Во изминативе неколку бескрајно мачни години од таа едвај жива европска кариеристичка санта мраз на две нозе, што лигаво се цеди низ македонскиот општествен, културен, етнички и духовен простор, и безобѕирно го контаминира со безнадежност и очај, а ние будали го трпиме, се наслушавме сѐ и сешто: големи, надуени, злобни, подмолни, и над сѐ бескрајно здодевни изјави и закани, и притоа секогаш велемајсторски декорирани со онаа типично негова, парадигматична Жбогаровска Глупост, на која, кога ќе ви се најде на патот пред нозете, никако не сакате да стапнете, од разбирливи причини.
Во онаа голема и топла, отворена Европа, општоцивилизациска Мајка и Учителка, што уште вчера ни беше на дофат, и која тие и такви безочни и празни лажни пророци веќе дваесет години морално, етички и антицивилизациски ја растураат и на секој начин ја расшрафуваат, линеарно супституирајќи ги Смислата, Доброто, Благородното и Убавото со еден ултрабирократски редизајниран фашизам, што се обидува да се задскрие зад оние познати цинични „пријателски” „насмевки”, што до тегобност и со одвратност ги гледавме и кај оној Ципрас, и кај оној Коѕиас, и кај оној Борисов, и кај онаа Захариева, и кај оној злосторник Јоханес Хан, и кај цел еден куп европски, американски и НАТО политичари што абнормално до анималност се изживуваа и се изживуваат над Република Македонија и над македонскиот народ – е, во таа и таква некогашна Европа ни на сон немаше место за такви бедни пробисвети и неранимајковци, кои денешнава, однатре длабоко поделена ЕУ ја претворија во царско легло на хистеричен кариеризам, безочна корупција, нескриен и агресивен криминал по сите основи, и меѓуетнички напнатости без преседан во поновата историја на европскиот простор.
Во тој каубојски евро-политички шпагета-филм одвреме-навреме на македонскиот синемаскоп-екран искокнува Самуел Жбогар, во лик на еден од нашите гробари, како се турка на сцената да излезе во преден план. Кутриот, кога би знаел колку е минлив, безначаен, неталентиран, одбивен и нефотогеничен, можеби тој тоа не би го правел, дури можеби би се засрамил, но тој тоа не го знае, и си живее среќно и самозадоволно со својата крената амбасадорска ЕУ-кикиришка, како, впрочем, и сите оние ступидо-артисти од истиот антимакедонски хорор-филм.
Но и преку сето тоа, се чини дека тој Жбогар сосема се изгубил во времето, па мисли дека денес – во јуни 2020 година, кога на паднатиот му пулен Заев му се тресат коските од тоа што судски допрва го чека – сеуште е време на хистеричната, уривачка „шарена револуција”, со нас’скана, збесната и зашеметена толпа со презервативи во рацете, или дека е во 2017 година кога со сите оние меѓународни политички насилници со државен удар од 27 април 2017 година го инсталираа на власт својот беден слуга, глупавиот криминалец и велепредавник Зоран Заев, со сета негова велепредавничка и големоалбанска клика, па оти и натаму на македонските граѓани може да им се обраќа дрско, препотентно, од високо, и уште да употребува императиви. Го слушам Жбогар како вели: „Од партиите очекуваме да одредат датум за изборите!” Епидемијата, вели нашиот ЕУ-Нострадамус, ќе потраела и во наредните месеци, и наесен, па можеби и во зима… Можеби и со години… Можеби со векови… Нема време за чекање…
Еј, Жбогар, тргни го коленото од нашиот врат. Не можеме веќе да дишеме од тебе и од таквите!
Премногу добро се сеќаваме на сите оние ваши евро-атлантски притисоци и закани, што во тој стил, од минутка во минутка, низ македонскиот и низ целиот европски и светски медиумски простор агресивно ги повторувавте сите вие од истиот црн заговорнички меѓународен ништителски тим: „Мора итно да се формира влада! Нема време за чекање! ЕУ ја чека вашата земја!” А по државниот удар хистерично се натпреварувавте кој попрв ќе му честита на извршителот на тоа гнасно антидржавно и антинационално политичко злодело Заев и на неговата насилничка толпа: ”Честитки, демократијата мора да се поттурне кон напред!” Веднаш потоа продолживте со најгруби притисоци за референдумот: ”Или Преспанскиот договор или изолација!” Насилството го крунисавте со „славната” евро-атлантска „цивилизациска” порака до Заев и до неговата клика: ”Применете балкански методи!” во менувањето на Уставот на Република Македонија и бришењето на нејзиното историско име и на самата неа како таква.
Побрзајте, побрзајте, час поскоро! Нема време за чекање, изолација, балкански методи! А сега, оп: Датум за изборите! – VOLITVE ZDAJ! – крикнува Жбогар.
И што ќе направите, господине Жбогар, доколку епидемијата не дозволи изборите да се случат според вашето валкано сценарио, онака заевски, хистерично, набрзина, во ненормални и здравствено смртно опасни услови, насила, без можност за сериозен и квалитететен меѓународен мониторинг на изборниот процес и на самото гласање?!!! Што тогаш ќе направите? Ќе нѐ ставите ли во ЕУ-изолација?! Или пак „нашата земја и нашиот народ” нема да ги примите во Европската Унија? Ајде, ве молам. Ќе задоцниме таму кајшто датумот ни е веќе ковертиран во убаво сребрено плико со златни панделки, ха, ха, во таа среќна и благословена заедница на народите, заградена и разградена со остри жилет-жици? Престанете, господине Жбогар, со таа ваша ептен глупава вестерн-комедија, која никому не му е смешна. Само е одвратна. А белки и на ЕУ не ѝ е во интерес амбасадорот да ѝ биде таков.
Како интелектуалец кој длабоко верува во победата на Смислата, Доброто, Благородното и Убавото, искрено се надевам дека нашата цивилизациска Мајка Европа ќе најде сили за голем новохуманстички пресврт, и начин да си го врати своето високо достоинство, справувајќи се радикално со својата внатрешна ЕУ-Длабока држава, и со сиот тој и таков морален и непрофесионален џган кој така манијакално ѝ го валка името низ оваа грозна морална тиња што врз нас се разлева оттаму, од Европската Унија, низ која, еве, своите патолошки комплекси си ги изживуваат вакви „чудни” претставници, кои ја понижуваат и ја срамотат древната и ценета дипломатска професија, спуштајќи ја до најниското морално и професионално дно.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.