Петар Поп Арсов
Се допреа врвовите на балканската и европската политика. Се допреа на едно брдо, Брдо крај Крањ, во Словенија. Едните дојдоа од горе, другите од долу и се сретнаа некаде на средината. Ниту високо, ниту ниско. На Брдо. Таман.
Се оддржа она што се нарекува Самит на ЕУ и Западен Балкан.
Самит?!
Делува некако пренагласено, предимензионирано, претерано! Зборот самит (summit), кој во буквален превод значи врв, онака, баш врв, планински врв, збор кој се однесува на највисоките планински врвови на планетава, е тешко да биде прифатен како опис за поедини политичкин ликови кои во моментов ја преокупираат политичката сцена. Ликови коишто во својата земја го допреа секое дно.
Но, тоа е таа, формалната страна на состанокот. Форма која треба да претставува поткрепа и гарант за суштината која е од примарно значење за сите нас. Форма, неопходна за кредибилност и веродостојност на пораките упатени од Самитот, пораки коишто треба да претставуваат патоказ или светло на крајот од тунелот за земјите кандидатки и нивните граѓани во процесот на пристапување кон ЕУ.
А какви се пораките од т.н. Самит?
Некои се добри, но има и не толку добри, би рекол загрижувачки лоши! Разбирливо е што протагонистите на Самитот се обидуваат да ја вперат сета светлина кон оние добрите и позитивните, настојувајќи да го насочат нашето внимание само кон нив, со намера за момент да нѐ „заштитат“ од заслепувачкиот блесок на вистината за европската перспектива на Западен Балкан.
Да почнеме со Заев. Делуваше најзагубено од сите. Како Алиса во земјата на чудата.
Од Словенија директно нѐ информираше дека „чекорите и блокадите што Радев ги превзема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани“. Неколку часа подоцна, истиот тој Заев, на еден од предизборните митинзи на неговата коалиција, еуфорично ни пренесе топли поздрави од Меркел, Макрон, Мишел, Урсула фон дер Лајен, премиерот на Словенија (домаќин на настанот на кој ни името не му го спомна, демек онака, случајно) и, најважно од се, топли поздрави од претседателот Радев. Да, истиот тој Радев, за кој Заев во очај изјави дека ги навредува македонските граѓани, испратил топли поздрави до сите нас?! Или само до митингашите на СДСМ?!
Не знам!
Заев не беше доволно јасен во кое својство говори на митингот. Веројатно говореше како претседател на неговата партија. Според Заев, она што е навреда за македонските граѓани и македонскиот народ е топол поздрав за членовите и симпатизерите на СДСМ?!
Толку околу оваа илустрација за контрадикторноста на пораките што ги добивме од средбата на „врвовите“.
Западен Балкан е од стратешки интерес за Европската Унија.
Тоа е првата позитивна порака од Брдо кај Крањ. Би рекол ништо ново и ништо значајно коешто би требало да се третира како чекор напред. Но, со оглед на можноста Западниот Балкан да останеше и без оваа формулација, задржувањето во фокусот на стратешките интереси на ЕУ во овој момент изгледа како освојување на највисоките врвови во Европа.
Која иронија!
Ќе има инвестиции.
Ќе има пари. „Дури“ триесет милијарди евра за целиот регион. Уште една добра вест! И толку! Тоа е отприлика се она што би го дефинирале како позитивна порака испратена од Самитот ЕУ-Западен Балкан. Останатите пораки се за сериозна анализа.
Особено е потребна внимателна анализа на пораките кон Македонија, за кои Заев тврди дека некој друг не ги разбрал или погрешно ги толкува. Се плашам дека е спротивното, дека токму Заев има проблем со толкување на текстот на Декларацијата од Брдо. Токму Заев има проблем со наоѓање на излезот од лавиринтот преполн со замки спакувани во прецизни дипломатски формулации. Тој има проблем и со толкување на вербалните пораки на Меркел и Макрон кои што со „прецизна двосмисленост“ му кажуваат дека стапот има два краја, но подебелиот е планиран за нас.
„За решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото!“
Вака Заев ја пренесе до македонската јавност пораката од Меркел и Макрон која била упатена на заедничката средба со Радев. Но, дали можеби пораката ја упатуваат кон Заев и Македонија? Дали копањето во минатото, за коешто зборуваат, како и потребата од поглед кон иднината, повеќе се однесува на оној којшто сака да се приклучи кон клубот отколку кон оној кој веќе е таму?!
Убеден сум дека Меркел и Макрон се солидаризираат со Радев, особено ако се земе во предвид содржината на точката пет од Декларацијата во која, меѓуостанатото, јасно се нагласува и потребата од спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Македонскиот превод на дел од точката пет од Декларацијата гласи:
„ЕУ потполно ја поддржува изразената од партнерите од Западен Балкан обврска за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ. И понатаму останува важно билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати.“
„Партнери од Западен Балкан“, „обврска“, „зајакнување на добрососедските односи“, „билатерални договори“, „со земјите членки на ЕУ“, „да се спроведат“, „видливи резултати“! Ова се клучните термини содржани во точката пет од Декларацијата од кои јасно може да се види кој е тој што има „обврска за зајакнување на добрососедските односи со земјите членки на ЕУ преку спроведување на билатералните договори со видливи резултати“. Тоа се земјите од Западен Балкан!
А која е земјата која ги има потпишано Преспанскиот договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија?
Се знае, Македонија!
Кој ја има обврската да работи на зајакнување на добрососедските односи со земјите членки на ЕУ преку спроведување на билатералните договори со видливи резултати?
Повторно Македонија!
Овој дел од точката пет, без оглед на тоа што во него општо се спомнува Западен Балкан, не допира ниту една друга земја кандидат, освен Македонија. Србија, Албанија или Црна Гора ги немаат потпишано Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Тоа сме ние, Македонија!
Епа друже Заев, копал ти или не копал во минатото, Меркел и Макрон јасно ти кажаа на чија страна се. Тоа што ти и твојата „дипломатска елита“ не знаете да читате вербална и невербална комуникација, како и текст напишан црно на бело, не е само ваш проблем, туку е проблем на целата држава. Текстот од точката пет, за којшто сте се согласиле да биде составен дел од Декларацијата, говори за тоа дека ти и твојот аѓутант Димитров сте оние коишто имаат проблем со приемот на пораките од ЕУ, Меркел или Макрон.
Друже Заев, на Брдо те натовариле со нови обврски! Требало некој „искусен дипломат“ да ти потшепне нешто околу тоа. Обврски за кои не си ни свесен дека си ни ги донел како да сме европска депонија на обврски. А ти, ни пренесуваш топли поздрави!
Мора да се шегуваш!
Речи дека се шегуваш, „те молам“!
Можеле ли Меркел и Макрон да постапат поинаку?
Мислам дека не!
Во услови на пандемија, намалена економска активност, инфлација која нема да ја поштеди ниту ЕУ, сите економски анализи кажуваат дека Европската Унија нема капацитет да ги амортизира евентуалните финансиските потреси и загуби кои би настанале со приклучување на Западен Балкан кон ЕУ.
ЕУ не може да си дозволи ниту увоз на криминал и корупција која цвета во земјите од Западен Балкан, при што Македонија е лидер во регионот. ЕУ ниту пак може да си дозволи партнерство со премиер и влада устроени по мафијашки принципи, без никакво чувство за морална и политичка одговорност.
Европа сега е свртена кон себе и се обидува да се стабилизира сведувајќи ги сите ризици на минимум. За ЕУ во моментов е исклучително тешко да води борба со внатрешните проблеми кои ја мачат и истовремено да врши притисок врз „русофилот“ Радев да попушти пред Македонија. За Европа е невозможно да ја менаџира ниту поливалентноста на српската политика која истовремено преговара со ЕУ и отворено соработува со Русија и Кина.
Во услови на енормен скок на цената на енергенсите, особено цената на гасот кое што се случуваше токму во периодот пред и за време на оддржување на Самитот во Брдо кај Крањ, и во услови кога Русија и Путин со една изјава влијаеа на стабилизирање на овие цени, Меркел и Макрон немаа друг избор освен да го употребат Западен Балкан како „кусур“ или уште полошо, како „бакшиш“ на руските геополитички интереси.
Затоа, не зачудува отворениот став на Меркел дека таа е еден од европските лидери кои биле против определување на краен датум за полноправно членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Како госпоѓа Меркел да биде поддржувач на некој вид предвидливо и извесно членство на земјите од Западен Балкан кога токму во очи на Самитот во Брдо, Русија ги отвори вентилите и почна да ги полни со природен гас цевките на гасоводот Nord Stream 2 кој директно води кон Германија?! Таа сака да замине како херој пред своите Германци и токму сега го соопштува она на кое што активно работела во текот на својот премиерски мандат, блокадата на земјите од Западен Балкан за возврат на енергетска стабилност и економски просперитет на сопствената земја!
Американската „твитер поддршка“ за потребата од интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, како и деблокирање на македонските евроинтеграции, нема да биде аргументот кој ќе има поголема моќ на убедување за партнерите од ЕУ во споредба со рускиот гас.
Во 2015 година, Џон Кери, американскиот државен секретар од времето на претседателот Обама и потпретседателот Бајден, во американскиот Сенат рече: „Кога станува збор за Србија, Косово, Црна Гора, Македонија и други – тие се на линијата на огнот“.
Епа драги мои, ја имаме линијата на огнот на дело, директно на терен. Декларацијата од Брдо кај Крањ е класичен доказ дека линијата на огнот постои и функционира.
Би сакал да бидам оптимист и да верувам во брз напредок на македонските евроинтеграции, но со оглед на поставеноста на односот на силите на светско ниво, сметам дека што и да се направи ќе биде недоволно за продолжување на процесот на македонските евроинтеграции. Тука не мислам дека треба да застанат реформите и усвојувањето на европските стандарди, туку треба да застанат понижувачките отстапки кон надвор. Затоа, некој треба да му објасни на Заев дека треба малку да „дигне рачна“. Дури и прифаќањето на најекстремните барања од соседна Бугарија, за кои Заев се покажа како „спремен дечко“, нема да бидат доволни. Ќе има нови… и нови… и повторно нови! Односите меѓу Македонија и Бугарија не се само производ на локални балкански политики и интереси, туку на нешто многу поголемо.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.