Ламбе Арнаудов

Во овие тешки, претешки денови на црнилиште што се надвисле на Македонија, кога македонскиот народ се бори за својот опстанок, душманите безмилосно газат, а безгрижните народи ни се потсмеваат, eден дворски ШУТ маестрално ја игра својата предавничка улога, не пред цар или крал како привилегирана публика, туку пред душманите на Македонија и ги забавува на штета на сопствениот народ до степен на сигурно и конечно исчезнување.

Ќе го запреме ли овој шутмангал, дрво дафино, неделкано, во намерата да го уништи сé она што до сега не се уништило со сабји, секири, ножеви, силни кавалерии, пушки, пиштоли, топови, тенкови, палежи, колективни стрелања и бесења за заплашување или сите заедно ќе бидеме дворски шутови кои што ќе играме и ќе го засмејуваме самоназначениот крал шутрак, многу пошутрак од сите познати шутраци на светот.

Дали гледаш народе македонски?

Зоран Заев, кој наизменично овие 4 години, час е грчки премиер, час бугарски, никогаш македонски, нарцисоидно себе си се претстави дека тој ја создал Македонија и македонскиот народ.

Се надмина себе си и предлага сите придавки македонски да се замениле со атрибути на Македонија.

Тоа дефинитивно значи дека Македонија е негово дело кое започна да живее од 2017 година. Се бриши сé што е вековно, се бришат двата Илиндена, АСНОМ, усвоената Декларација за независност потврдена со референдумското изјаснување од 1991 за независна држава и се заменува со државата на Зоран Заев.

Држава која до неговото “триумфално“ доаѓање била лабораториски производ на Коминтерната, Сталин и Тито.

Те прашувам Зоране? Каков лабораториски производ е македонскиот народ и Македонија, вакцина, серум, генетски модифицирана храна, хибридна пченка, пченица? ШТО?

Засрами се! Македонија ја направи да личи во целост и ја изедначи со клонираната овца „ДОЛИ“ од крајот на XX век која сега е мумифициран експонат во еден музеј во Лондон.

Си се умислил дека си научник, доктор од Универзитетот Оксфорд, па си зеде едно влакно од Бојко, претпоставувам од кој орган, зошто на главата нема, ќелав е, и направи држава. Вистински “нобеловец“. Таквите нобеловски достигнувања да си ги чуваш само за себе, за твоите следбеници и оние заслепените кои те подржуваат.

Е, па Зоране! На лизгав терен си.

Македонија е држава, не е мумија. Жива е, вистина е, таа е чест, љубов и слобода.

Тоа ти го гарантира македонскиот народ во кого ти гледаш најголем душман и си влезен во битка што однапред се знае исходот. Битка која ќе те дотолчи, дури и име да не ти се споменува.

Македонскиот народ не е лабораториски производ, македонскиот народ е цвет САМОНИК, автохтон, природен, со прекрасни бои и мириси кој никнува и вирее бесконечно од оваа наша црна земја натопена со потоци и реки крв и солзи. Затоа никој не може да го СКОНЧА, најмалку ти безумнику еден.

Македонскиот народ е од најплеменит род, кој сé што создал, сите свои вредности несебично ги споделува со другите народи, повеќе дарува отколку што за себе задржува.

Такви народи не исчезнуваат. Господ ги чува затоа што се направени според ликот НЕГОВ.  Твоето време на безмилосен и омразен од сиот македонски народ стечаен управник кој го распродава сиот македонски духовен и материјален имот бесценето, за без пари, заради конечна ликвидација, ќе помине. Многумина околу тебе во моментов заведени ќе се освестат и ќе разберат. ТИ НИКОГАШ.

За твоја несреќа, а на радост на Македонија, секогаш во ваквите тешки времиња сам се појавува ТОЈ. А, Тој е студенти, војници, полицајци, работници, земјоделци, учители, наставници, негувателки, доктори и медицински сестри за почит, средношколци, пожарникари, спортисти, актери, уметници, писатели, свештеници, академици и со посебна почит уставобранителите од 27ми aприл кои гнијат во зандани заради твоето безмилосно владеење… сите со заеднички именител НАРОД.

Премногу амбициозно, сам си се преценил и си одбрал вака снажен, никогаш непобеден противник.

Глупостите што невешто ги претставуваш како факти и аргументи и ги ставаш да станат дел од срамен предавнички договор и глупаците што се замислуваат експерти и научници и потпишуваат такви договори се најдобар доказ дека овој будалест проект ви пропадна.

Зоране, Ти порачувам:

МАЛО СУТРА ќе куртулиш од гневот, осудата и пресудата на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.