Весна Јаневска
Од појавата на епидемијата на мали сипаници пред неколку месеци, па сè до сега постојано се дискутира на темата вакцинација.
Деновиве освен здравствен вакцинацијата во нашата држава станува и образовен проблем. Дете од еден наш град, заедно со своите родители, е изнесено од училиштето со полиција. За односот кон родителите нека расправаат институциите, но за односот кон детето, треба да расправа целата македонска интелектуална јавност, психолози, педагози, детската амбасада, сите родители, сите бранители на човековите права и така натаму.
Директорот на училиштето се брани со тоа што вели дека почитувал закон. До кога на одговорни места ќе седат луѓе кои не го ни прочитале законот, а ниту Уставот и не знаат дека основното и средно образование во нашата земја се задложителни? Документот и забраната која ја донел министерот за здравство не е закон. Овој документ има сила на закон во време на епидемија, тоа е точно.
А кога сме кај епидемијата неопходно е да се каже дека вакцинирањето претставува животоспасувачка интервенција, со цел да ги заштити луѓето кои се под одреден ризик од разни болести и луѓето кои живеат во региони под ризик за епидемии. Целта на вакцинацијата е и да ја превенира болеста, да го намали ефектот од болеста, да ја ерадицира (искорени) болеста и да го намали товарот на болеста во општеството. Сѐ тоа преведено во неколку збора е: да ја спречи болеста, нејзините последици и смртноста од неа. Кога се зборува за вакцинирање и ефектите од вакцинирањето, се мисли на поединецот, но исто така и на групата, односно заедницата во кој живее индивидуата.
Несаканите ефекти од вакцинацијата се локални, на местото на инокулација на вакцината (ако се добива во вид на инјекција) и системски, и во научниот свет нема сигурни докази, не е потврдено или утврдено дека некоја од постоечките вакцини се одговорни или се причина за појава на аутизам и мултипна склероза.
Епидемијата на морбили во Република Македонија направи непроценлива штета, односно однесе неколку човечки животи.
Вакцинацијата во нашата земја во минатото не претставувала проблем на населението. Имајќи доверба во институциите, населението се вклопуваше во општествените вакцинални програми.
СДСМ во нејзината желба да дојде до власт и со негативната кампања против тогашната вмровска власт непромислено во кампањата вклучи сегменти од здравството, кои по ниедна цена не смееше да ги вклучи. Кампањата која ја водеше против вакцинирањето, компромитирајќи ја набавката на вакцини и нивното производство, им се враќа како бумеранг. Недовербата и неоправданиот страв кои тие го посеаја меѓу населението, особено меѓу родителите на децата, резултираше со епидемија на нешто за што се надвавме дека е искоренето.
За жал, цената не ја плаќаат ТИЕ, цената ја плаќаме НИЕ, заразените затоа што боледуваат тешко и со компликации, здравите затоа што се под ризик, а болните од заразната болест и други болести цената ја плаќат со живот.
Епидемијата стивна, најверојатно благодарение на нејзиниот природен тек, и мерките кои ги презедоа стручните лица, но сега се отвора нов проблем, образовен.
Медиумите пренесуваат информации дека одреден број деца не се примени во училиштата, некои се примени, а некои се изнесени од училиште со полиција.
Постојат високо развиени земји во кои вакцинирањето не е обврзно, па оттука дискутабилно е прашањето за тоа дали родителите имаат или немаат право да одлучуват за здравјето на нивните деца. Проблемот покрај тоа што е етички, станува и општестен ако при тоа го разгледуваме и прашањето, дали тие исти родители со невакцинирање на своите деца имаат право да го загрозуваат здравјето на другите деца.
Етички и морален е и проблемот кој се поставува во однос на образованието. Невакцинираните деца не можат да одат во училиште. Ако родителот опстојува на својата одлука, а Уставот на Република Македонија им гарантира право на образование на децата и по закон се обврзни да се школуваат, што со тие деца?
Власта повторно неспремна, родителите збунети, децата оштетени по сите основи. Токму заради нив еве неколку размислувања:
Се очекува ли повторно разгорување на епидемијата? Ако епидемијата е победена, симнете ја забраната. Ако не сте сигурни во тоа, преземете мерки: агресивната медиумска кампања за едукација на населението, родителите, наставниот персонал. Додека се подготвувате за горенаведеното организирајте настава за невакцинираните деца:
- Е-Learning – Компјутерско учење. Се разбира на сите ќе треба да им набавите компјутери, а децата и родителите да ги пратите на краток курс за да може да ја следат наставата. Веројатно и дел од наставниот кадар.
- Одредете простор за учење (училиште, училници), за невакцинирани деца, но не заборавајте дека не смеете да ги изолирате од другите долготрајно.
- Купете им карта на родителите во еден правец за Германија, или некоја друга западноевропска земја.
- Отавете ги во мрак и незнаење, така полесно ќе владеете.
Има и други можности, но оставам на вашата инвенција и да се потрудите, ако знаете, можете и сакате. Се сомневам во сите три. Жал ми е за децата.
За крај, ако мајките ги вакцинираат здравите деца, ќе им помогнат на своите, но и на оние кои не смеат да се вакцинираат поради здравствени причини. Тие ќе бидат под намален ризик ако се во опкружување на вакцинирани. Најважно од сѐ е што сите заедно ќе одат во училиште, ќе растат заедно и се разбира ќе учат, ќе учат за да не дозволат вакви пропусти пак да ни се случуваат.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.