Васко Шутаров

Децата на Балтазар

Плејада од неколку генерации родители и деца од 70-те, 80-те и 90-те години од минатиот век, меѓу мноштвото анимирани Дизниеви миленици, имаа и еден свој домашен цртан јунак, Професорот Балтазар. Малиот белобрад чичко, секогаш стокмен во костум и со цилиндар на глава, не е само јунак од еден загрепски анимиран серијал од втората половина на минатиот век, туку и своевиден културен феномен кој и половина век после премиерните прикажувања, буди спомени за едни времиња на растење во кои беше креиран своевиден бренд за високо морална општествена одговорност. И модел на една заедница, шаренолико исцртана во неговиот Балтазар-град во кој добродушниот професор со помош на својата магична лабораторија ги решаваше проблемите на сите свои сограѓани. Балтазар од нашето детство не е инкарнација на некоја натприродна сила како некои други стрип или цртани јунаци, туку пример за една непресушна креативна и бескрајно позитивна енергија, која научникот-професор и истовремено љубител на природата и на сите живи суштества, ја вложува во решавањето на проблемите. Ненаметлив а секогаш пријателски расположен, професорот Балтазар промовира мир, разбирање и толеранција, трпение и расположение дека сите животни проблеми можат да се решат по ненасилен пат и без измама, па уште и со насмевка. Можеби и затоа овој анимиран јунак од нашите детство и младост, чија препознатливата музика од најавната шпица ни одѕвонува сè уште во ушите, останува наш архетипски јунак со сè уште живи и актуелни универзални пораки за следење.
Оваа несомнено најпопуларна југословенска анимирана серија, снимана во периодот од крајот на шеесетите до крајот на седумдесетите години, во 1979 година беше кандидат за „Оскар за анимиран филм”, а во меѓувреме стана исклучително популарна серија ширум светот, од САД, Велика Британија, Германија, Грција и Франција, преку Израел, Иран до Нов Зеланд и Австралија, па сè до Канада и Зимбабве. Пораките и вредностите кои цртаниот симпатичен лик на Професорот Балтазар ги праќаше до децата и возрасните од целиот свет, денес од милост ги нарекуваме, западни.
Во духот на пораките на Балтазар (каква ли случајност?!) се растени и одгледувани децата и младите од Норвешка, Шведска, Данска и, замислете Финска, каде овој југословенски цртан филм бил исклучително популарен. Токму Финска, денес од милост, посебно ја претпочитаме и промовираме како образец за воспитување и образување на младите. За жал, не успеав во овој список на држави каде се прикажувал овој светски познат југословенски анимиран филм (и тоа замислете од времето на Тито), да ја пронајдам и Бугарија, која од милост посебно во последно време пак претпочитаме да ја цитираме. Што точно тогаш гледале бугарските деца и нивните родители од светот на популарните анимирани филмови, за жал, не можам ни да претпоставам.
Денес, во татковината на професор Балтазар во Р. Хрватска, се прават обиди повторно да се оживее ликот на овој професор-добрица, кој преку своето знаење секогаш изнаоѓаше формула за да произведе неколку капки од волшебна течност со која ги решаваше проблемите на сите. Денес Хрватска креира и извезува и накит промовирајќи го понатаму „брендот Балтазар”, а се прават и обиди за повторно оживување на анимираниот јунак преку нов серијал цртани филмови.

Да сакаше Господ да има брат…

А вчера, читам едно подолго и топло пријателско писмо повторно од татковината на професорот Балтазар, и тоа од поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ. Текстот е посветен на Македонија, која до пред три децении токму со Хрватска делеше исти културни вредности и емитираше универзални пораки со заеднички вредности за цел свет, кои и денес би биле општоважечки и оштоприфатливи.
Професор Јосиповиќ, преку писмото посветено на Македонија, ѝ се обраќа и на онаа земја од рок-химната на Дадо Топиќ, каде сонцето вечно сјае, идиличната земја со натприродни убавини и со добри и срдечни луѓе, чиј бит е сочинет од оној препознатлив екстатичен ритам кој и „клинците во музичките школи обожаваат да го повторуваат во недоглед, татети-тате-тате, татети тате-тате”. Тоа е ритамот на македонското срце кое чука во седум осмини. Претседателот Иво Јосиповиќ, инаку и познат хрватски композитор и докажан пријател на Македонија, денес кога Македонија повторно има едно мноштво ни малку идилични проблеми со своите први соседи, а денес држави во исто европско семејство со Хрватска, ја прекорува хрватската дипломатија дека прилично некоректно молчи за овие проблеми. Професор Јосиповиќ во ова писмо ќе нè потсети и на една шеговита далматинска поговорка, наменета за сите блиски семејства кога се расправаат за меѓусебното наследство, дека ако братот бил добар и Бог би го имал. Така и со соседите. И така со земјите и народите, кои можат и стотици вакви ценети пријатели да имаат низ цел свет, но чуму ако дома не можат да ја разберат моќта на заедничкиот исконски битов ритам.

Не постои темнина низ која нема да пробие зрак светлина

Оваа моја колумна во пресрет на новогодишните и божикните празници, воопшто не би била во духот на погоре напишаново, ако продолжи како трактат за некогашните и актуелни европски вредности, за принципите на добрососедските политики, за толкувањето на историјата дома и надвор, за сите равенки со една или две непознати, кои во нашето потесно балканско милје би ги решиле засекогаш, ако секогаш кон домашната непозната би го додале терминот демократија, а на равенките со една непозната од соседството би го додале терминот, хегемонија. За жал, на толку пораснати генерации Балтазарови деца со веќе посребрени коси, балканските држави не успеаја да ги решат овие две обични равенки, со по една непозната.
Излегуваме од една од најтешките години од нашите животи, тивко следејќи ја секоја искра надеж која се појавува на хоризонтот на Новата. И силно потсетувајќи се на посветлите години од нашето минато, да се препознаат полесно со тие нови искри светлина, станувајќи по којзнае кој пат свесни, дека нема темнина низ која нема да помине и зрак светлина. Тој зрак светлина за еден дел од човештвото наликува токму како на волшебните капки течност од цртаните филмови на професорот Балтазар. Во неговата денешна татковина, тоа се вика „цјепиво”. За останатите држави од Балканот, просто вакцина. Како и да ја наречеме, ќе треба да се измислат и мноштво други волшебни течности од Балтазаровата магична лабораторија, да не се цепиме дополнително и по овој повод, на „за и против”.
Имунизацијата против коронавирус сакам да верувам дека ќе биде зрак светлина и надеж за голем дел од човештвото. Сакам да верувам, дека паралелно со развојот на вакцините против вирусов, ќе се откриваат „Балтазаровски волшебни капки” против глупоста и против лудоста, против срамот и стравот, против лагата и лакомоста, против самобендисаноста и себичноста, против неукоста и лековерноста, против недостоинството и понизноста, против малодушноста и апатијата, a наjмногу, против нечовечноста.
Сакам тие златни генерации кои со ширум отворени очи ги голтаа волшепствата на добриот професор Балтазар, со возраста веќе се поблиску до неговата, да доживеат време во кое реалната и вистинска моќ ќе доаѓа само од знаењето, вештините и умеењето, а не само од голата еманација на сила и политичка моќ, а среќата не од унесреќувањето на другиот, туку само со усреќување на другите. Посакувам толку силно, едни златни генерации млади што растеа со некои понови анимирани филмови после Балтазар, да доживеат и реално токму такво Балтазаровско време, во кое светот ќе биде сè она што во моментов не е, свет на ненасилство, на вистини и достоинство од секој животен аспект.

Победата има стотина татковци, поразот само еден!

Посакувам во Новата да се радуваме барем 365 пати почесто отколку во годинава на заминување, да се радуваме на обичните, а во годинава на заминување и заборавени животни задоволства и радости, да се радуваме на наши заеднички и лични победи. Годинава само еден фудбалски гол, барем за една ноќ, го крена духот на сите граѓани во државата и само едно филмско славење на медената земја даде доволно блажина да претуркаме една цела пелин-година. Посакувам тоа екстатичното детско „татети-тате-тате, татети тате-тате” годинава да нѐ сплотува како никогаш посилно во еден силен заеднички ритам на срцата кои ќе чукаат во седум осмини. Годинава што ни доаѓа и повеќе од годинава на заминување, ќе го искушува и предизвикува тоа наше единство. Празници се ближат, старите Балтазарови сонувачи сè уште веруваат дека чуда се случуваат, па зошто не и оваа.
Велат, победата има најмалку стотина татковци, а поразот само еден. По овој претпразничен повод нема да гo именувам таткото на сите наши овогодишни порази. А ги имаше годинава безброј. Историјата во Новата најпрво ќе започнат да ја испишуваат оние со новите победи во неа. Победата против коронавирусот ќе биде првата од таа серија. Не сакам да бидеме на опашката и повторно да се доведеме во ситуација други да ја испишуваат нашата судбина и нашата историја. А Новата нека биде и реалност во која конечно, фрлајќи ги маските од себе, ќе демаскираме и сè она што не чинеше во меѓувреме. Ако е бал, барем да биде Балтазаровски немаскиран бал!
Среќна нова, за сите стари и нови Балтазаровци! И татети-тате-тате, татети-тате-тате…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.