Васко Шутаров

После партијата шах, кралот и пешакот одат во иста кутија, вели една италијанска поговорка. И црните и белите противнички фигури, завршуваат во истата шаховска кутија. Црната и белата кралица, црните и белите коњи и топови, завршуваат на исто место. На отворена и подредена шаховска плоча, правилата на игра многу малку се променети последниве 5000 години. За шахот се смета дека е најдревна игра, ја викаат „бајка со 1001 грешка”. Шахот е игра на длабока интелигенција и инспирација, игра во која вниманието често е поважно од концентрацијата, игра-неисцрпен извор на избори, можности и креативности помеѓу двајца противници.

Велат, добрите политички игри, се како добри партии шах. Противниците добро се познаваат, меѓусебно се почитуваат, ги почитуваат правилата на играта, влечат стратешки добро осмислени потези, тактички се надмудруваат. И, умеат да признаат пораз. Збигњев Бжежински светската геополитика метафорички ја споредува со шаховска табла, на која големите и помалку големите светски играчи, осмислуваат и повлекуваат стратешки или тактички потези.

Но, ако шаховската табла ви е накриво поставена или шаховските фигури ви се погрешно подредени, тогаш уште во старт сте влезени во погрешен воз, во кој сите следни станици ви стануваат погрешни. Ако седнете да играте на таква шаховска табла: а) планирате да лажете или блефирате до краj; б) прв пат седнувате на шаховска табла, но убедени сте дека во животот ве следи луда среќа, па веднаш ќе научите и победите; в) планирате да подлажнете неколку потези, да ги растурите фигурите и исчезнете. Тоа е сѐ она, што шахот не е. Впрочем, како и политиката. Но во животот, како и во шахот и политиката, ги забележувате вашите грешки тогаш, кога другите веќе ги користат против вас.

Ништо не е поопасно од незнаењето кое станува активно, напишал Гете. „Нешто прочитав”, „нешто видов и наслушнав”, „нешто ми дошепнаа”, може да ве води и провлекува низ животот некое време, низ школски и студентски години, дури и низ професионалната кариера. И доколку никој од вас не очекува да носите важни одлуки кои влијаат и на другите. И во политиката можете така да се провлекувате некое време, посебно ако сте дел од некој поголем политички кампус. Но, ви се „падне ли” да носите државнички и пресудни политички одлуки со кои влијаете на животите и судбините на цели генерации граѓани, а сте „наоружани” само со своето активно незнаење, тогаш ѓаволот ја однел шегата, а работите стануваат пресериозни. Во неволја сме сите заедно, кога политичарите премногу зборуваат, премалку слушаат и воопшто не стигнуваат да мислат, а носат во континуитет одлуки што сериозно ги одредуваат нашите животи и судбини.

Во комбинација со краткото паметење („не се сеќавам”, „заборавив дека така сум кажал и ветил”), активното незнаење создава политички супстракт за крајно неконзистентна, системски неодредена и некоординирана, концептуално празна и хаотична политика, која може да биде ублажена во одредена инстанца и во одредено време, но само ако е водена од некакви повисоки цели и високо-морални принципи и вредности. Но, ако почнете одвоено да ги третирате политиката и моралот, никогаш нема да ги осознаете суштински ни политиката, ни моралот. Како со моралот, така е и со правото и правдата. Така се создава тријадата што ги карактеризира погубните и штетни владеења.

Мешетарењето е уште една од најизразените карактеристики на погубните владеења, како на нашево во заминување. Сѐ може да се истргува и сѐ си има своја цена. Овде, на овој план, историјата долго ќе ги памети блес(к)авите дострели на оваа власт во заминување. Најмногу, по трговијата со правото и правдата. И никој веќе нема да може да ги убеди граѓаните на оваа држава, дека тоа се случувало за повисоки политички и државни цели. Само за лични лукративни цели, се случуваше три години по ред, тоталното деградирање на правото и правдата во нашата држава. За бонбона, бајадера и марихуана бизнисите. За биснисот во најава, за предавањето на нашето здравје во рацете на белосветски мешетари, со либијско-малтешко-албански предзнак. Такво, мешетарско е и собраниското финале со нова драмолетка во најава, околу дво-третинско мнозинство за закон за Јавно обвинителство, кој после мандатот треба да им гарантира мирно и спокојно грицкање на милионите, што ги заработија за неполн мандат. Или малку се милиони, некој рече и носач на авиони можат да потонат, колку бргу и махерски се нафатираа со пари.

Видете само што се случува во Собранието деновиве. За неполни пет работни дена до распуштањето, „кампањците” од власта, пуштаат 300 закони, што во скратена, што во редовна процедура. Меѓу нив и исклучително важни, за кои е неопходна повеќедневна собраниска дебата. Шеесет закони дневно, во просек? На толку труд и ресурси што ги имаат вложено и странски меѓународни организации во подобрување на демократските капацитети и процедури на законодавниот дом, во подобрувањето на институционалната меморија на најважната од сите лостови на власта, законодавната. Стотици кампањски закони, кои треба да бидат во служба на неостварените памфлети и фолскули од една програма без проекти, рокови и буџетски рамки, од минатите избори. Тотален „хаос во Лаос”. А да биде трагедијата уште поголема, Собранието и не знае дали ќе се распушти во претходно предвидениот рок, бидејќи сега веќе бившиот премиер, мисли дека тој и само тој треба да одлучи, кога ќе се случи тоа. И ова веќе не се вика активно незнаење или лесна амнезија, туку класична идиолатрија, која веќе до болка ги повредува и интелигенцијата и трпението на народот.

Се мешетари со сѐ и сешто-и свето и профано. И она што има цена и она што е бесценето. Како водата и воздухот, на пример. И како поинаку да се разберат, оглушувањата околу прозивките за нафтениот кокс што интензивно се увезува и ги труе граѓаните дури и во досега чистите еколошки и земјоделски краеви. Како да се разбере недозволувањето Шар Планина законски да добие статус на национален парк, со изговорот „дека нема да можат слободно да се користат во тој случај пасиштата ”?!? Или обидот за приватизирање на водите во Дојран следните триесет години, кој само благодарејќи на здравата колективна меморија на дојранчани, деновиве референдумски беше спречен. За среќа, народот го нема краткото паметење на власта во заминување, па уште сега длабоко се врежува горчилото од фактот дека Преспанското езеро активно изумира пред нашите очи, испразнето во меѓувреме колку за две Дојрански езера. Екологистите алармираат, власта мува не ја полазува. А да слушневме барем, дека и Преспанското и Дојранското езеро, со своите амбиентални специфики се влезени во некаква процедура за заштита под капата на УНЕСКО? Чувај Боже од влада, на која и загрозениот статус на Охрид-Град на УНЕСКО и Охридското езеро им тежнале, па и натежнале, па не знае како да се справи со тоа. Мешавината од активно незнаење, кратко паметење, мешетарење и морално деградирање е токсичен и остава само пустош за себе. И не е никаква коинциденција, што токму во мандатите на оваа власт, изумираа и Дојранското, а сега и Преспанското езеро. Важно, договорот од Преспа, да ни е вечен! И важно со тој бел лист хартија, да го плашиме народот со бели глувци кои може да надојдат и да го подјадат. А тоа ќе е, најновиот „опиум за народот”, во предизбориево.

Не траеше ни 1001 ноќ, бајката што власта требаше да му ја раскажува на народот, барем еден цел мандат. Приспивната бајка за нашето експресно брзо патување кон западниот систем од вредности и принципи. (На)седнати на шаховска табла, за една мандатна партија шах со политичките противници дома, со политиките на соседите надвор, со европските и глобалните политики. А направија и повеќе од 1001 грешки, кабадахиски, во типично балканско-деспотски манир на некомпетентно и неуко владеење, со дневна доза мешетарски ујдурми, лесно заборавање, поради што набргу и лесно ќе си заминат.

Деновиве и возовите ги запреа? Ги стивнаа сирените, таман за да им ги чуеме свирежите со кои ги испраќаат. Свирежите кои ги фатија, како со свиткани р’бети се поклонуваат на некои за нас свети места. Но, кога мешетареа со сите наши свети, што си мислеа? Дали ова е само најава како ќе поминуваат меѓу народот, вака како брод натоварени со пари, салтанати и лаги. Народот ги прочита сепак брзо, дека ако добијат шанса за уште еден мандат, сѐ ќе раскрчмат и распродадат. И затоа, народот им спрема брзопотезен шах-мат, за многу бргу. Еве, каде е април! Симултанката шах со народот завршува. Шах-мат партија, овојпат народот спрема!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.