Весна Јаневска

Илjадници и илјадници луѓе ширум Америка и Европа со денови, во време на корона епидемија протестираат поради убиството на Џорџ Флојд, а против полициската бруталност.

Нема да коментирам дали протестите се насилни или ненасилни, она на што во моментот ќе се фокусирам е тоа дека на тие протести излегоа и црни и бели, и муслимани и христијани и припадници на други вери, без разлика на пол и возраст.

Не е можно на медиумите да се гледаат оние слики на маса луѓе, кој со маска, кој без маска, како бестрашно маршираат по улици и плоштади, а човек да не се запраша што е тоа што во пандемија на КОИД-19, ги натерало да излезат од дома, да се збијат во редови и да доаѓаат во близок контакт со други.

Со оглед на тоа дека не сум ни психолог, ни социолог, ни политиклог, мене како на најобичен доктор кој се бави со прилично егзактна наука, на ум ми дојдоа неколку мисли, но решив со вас да споделам две мои теории.

Мојата прва теорија вели дека овие луѓе кои сега протестираат достигнале такво ниво на лична, а веројатно и колективна свест, што без разлика на ризикот кој ги демне на улица, решиле да се борат за она што претставува нивна и потреба и перцепција за тоа како треба да изгледа светот во кој живеат и во кој треба да живеат сите нивни поколенија. Тие луѓе осознале во вистинска смисла на зборовите за тоа што е тоа и што значи и право и правда и право на живот и демократија и слобода и конечно се осознале и реализирале себе си. Во овој контекст би можело уште многу да се зборува, но мојата идеја не е да влегувам во филозофски и социолошки расправи, туку да се обидам во понатамошниот текст да направам паралели со општеството во кое што живееме ние.

Втората моја теорија вели дека луѓето кои во корона кризата излегле да протестираат против неправдата, се луѓе кои до толку се чувствуваат загрозени што не водат сметка за ризикот од коронавирусот. Мојата претпоставка е дека тие живеат во постојан страв за својот живот, што конечно не им е важно дали ќе го загубат поради некаков тип на дискримонација (во овој случај расна, според бојата на кожата) и полициска бруталност, или од коронавирусот. Овие луѓе се борат за прост опстанок, односно демонстрираат за живот, по можност за живот без страв за сопственото преживување.

Ми изгледа дека што и да е во прашање секако е умно и мудро.

Сосема ми е јасно дека сликата не е црна и бела, дека сето тоа што се случува не може стриктно да се одвои, тука се присутни и бројни други елемнти како што е на пример шарена револуција, криминално лоби, мафијашки интереси и слично, но тоа не е тема на овој текст.

По ова би сакала да Ве потсетам на една турска серија која во Македонија беше прилично популарна. Предрасудите кон сапуница, километарски серии ми ги сруши еден англиски уредник на една англиска телевизиска куќа пред повеќе години. Не не сум нивен љубител, но тогаш тој мудар човек ми посочи со примери дека тие може да имаат и едукативна улога кај одреден слој на необразовано население. На пример, за силно карикираните, но реални карактери, необични животни ситуации, вообичаени животни настани, за постоењето и работењето на фирмите, банките, државните институции, случувањата во здравството, земјоделието и слично. Се разбира таквите серии се со различен квалитет и намена, но оваа за „Султан Сулејман“ со каков и да е квалитет и со каква и да е цел, беше гледана ширум Македонија.

Пред некој ден на фејсбук страницата на наставничка од Канада, по потекло Македонка, најдов секвенца од оваа серија постирана за нејзините пријатели и ученици.

Во оваа секвенца султан Сулејман го учи својот син велејќи му:
„Најголемо богатство е умот, најголема сиромаштија е глупавоста, најголем страв е самољубието, најплеменита доблест е благ карактер. Не се дружи со глупави, и ако сакаат да ти помогнат само ќе те повредат; не другарувај со циција зошто кога ќе ти треба нема да те поддржи; не другарувај со расипан зошто ќе те продаде евтино и не другарувај со лажливец, зошто создава фатаморгана, се што е далечно ќе ти го прикаже блиско, а сѐ што е блиско ќе ти го прикаже далечно.“

Во последно време зборовите на султанот Сулејман беа толку многу воочливи во нашата држава што само „слеп при очи“ не би можел да ги види.

Умно и мудро е за епидемијата на КОВИД-19 да се слушаат експерти. Умно би било да си член на Комисијата за борба против заразни болести и да си дадеш оставка, ако одговорните кои треба да ги спроведат твоите препораки ги игнорираат и не ги спроведуваат. Умно е на населението по направената грешка, да им се извиниш и да бараш помош од сите и секого, за да ја поправиш истата и да ја намалиш штетата. Умно е јавно да изјавиш дека не сме изградиле култ кон знаењето. Умно е да изјавиш дека животот е поважен од изборите, зошто тоа е вистина. Најумно што се случи оваа недела, според мое мислење, е изјавата на еден албански аналитичар кој рече дека на Македонија не ѝ треба премиер Албанец, туку и треба ДОБАР премиер.

Не е умно кога бројките на заболени од вирусот Ковид-19 енормно растат секој ден, да велиш дека ситуацијата е под контрола и нема опасност за граѓаните при спроведување на избори. Не е умно вината за своите грешки да ја префрлаш на други велејќи дека не биле конструктивни и да мислиш дека некој ќе ти поверува. Не е умно и да не ги почитуваш препораките на експертите за борба против епидемијата само затоа што не се во ликот на твојот партиски или верски водач. Не е умно за земјата, ако во амбасадата на твојата држава работат луѓе кои не познаваат ниту еден светски јазик и не можат да се разберат со сопствените граѓани. Да, слушнав дека Министерството за надворешни работи демантираше таква можност, но со оглед дека мене ми се случила таква ситуација со некои наши министерства, не сум сигурна во веродостојноста на демантот. Најнеумно што сум го слушнала во изминатиов краткорочен период е да изјавиш дека кроната од денес е мртва.

Дефинитивно е самољубие по професија да си бизнисмен или економист или земјоделец, а да даваш експертско мислење за епидемијата, тврдејќи дека заразените не се опасни и дека вируленцијата на вирусот опаднала.

Жално е во државата УЈП да објавува незмисливо големи приходи и на поединци и на фирми, а да нема донации за најранливите категории на население во Македонија, па макар само за децата со попреченост. Добро имаше неколку, за право на вистината и чест и почит кон нив.

Некако со прескокнување стигнав до расипаноста и евтиното продавање. Луѓето се секаде исти. Да им се лутиш на луѓето затоа што не се едуцирани и неинформирано не е фер, затоа што тука откажал системот. Зошто луѓето не веруваат во постоењето на коронавирусот има многу причини, но една од причините е сигурно присутна и тоа е незнаењето.

Луѓе кои не знаат има секаде, па и во најнапреднатите светски држави, а има и во Македонија. Тоа не е грев и може да се поправи, но грев е да го манипулираш незнаењето. Да им понудиш на луѓето лажна сигурност и да им дозволиш, да ги прекршат сите пропишани правила за борба против корона вирусот значи дека за свои најсебични цели бесценето евтино си го продал сопствениот народ. Да врбуваш луѓе кои за твои цели ќе пропагираат твоја теза значи бесценето евтино да ги продадеш нивното достоинство и професионален интегритет (веројатно кај дел од нив со сопствена дозвола).

Да примиш помош од државата и да не поделиш плати на работниците значи бесценето евтино да ги продадеш нивната гордост, нивниот труд и нивната доверба во државата и институциите. Да им даваш ваучери за туризам на оние на кои парите им требаат за леб и да им ветиш ваучери на студентите и да не им ги дадеш кога им се најпотребни, да делиш ваучери на ученици и да делиш пакети со компир, брашно и масло, при тоа со некакви слатки со изминат рок (најверојатно со вреднос од една до две илјади денари) значи беценето евтино да ги продаваш нивните души на ѓаволот.

Не дека помош на овие луѓе не им треба, не дека државата не е должна да помогне, но, нели таа држава треба да им овозмои чесно, гордо и достоинствено да си ги заработат тие две, три, шест или девет илјади и да си ги потрошат како сакаат, или да имат барем толку за да ја преживаат оваа елементарна непогода.

Мудра Влада, би вложила во образование на населението, би вложила во градење на демократски капацитет на народот, во градење патриотизам и почит кон институциите, се разбира под услов тие прво тоа да го заслужат, во градење чувство за праведност, се разбира откако ќе се изгради цврст и стабилен правен систем, би вложила во враќање на достоинството на сопствениот народ, се разбира кога би престнала прво евтино да го продава. Мудра Влада би сторила сѐ за нејзиното население никогаш да не се почувствува како демонстрантите од мојата втора теза.

Треба уште нешто, за одреден процент од населението (не правам никакви етнички, верски или други инсинуации) треба систематско и системско, комплетно рушење на менталитетот на жртва, менталитетот на Стокхолмскиот синдром и менталитетот на авторитарност и изградба на самосвест опишана во мојата прва теза за демонстрирање во корона епидемија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.