Весна Јаневска
Што ли се случува во нашава земја, на која ни името какво што ѝ го знаеме во јавност не смееме да ѝ го изустиме, тешко се објаснува!? Никако да прогледаме и да ја видиме бруталната реалност околу нас, туку како ној си ја пикаме главата во песокта, веројатно затоа што е добро да не гледаме. Во случај да прогледаме може да се доведеме во ситуација сами себе да се прашаме: Каде ли ни беше умот сиве овие години? Тоа дополнително ќе ја зголеми депресијата во која повеќето живееме, предизвикана не само од КОВИД-19 и сиромаштијата, туку и од бројните фрустрирачки и разурнувачки случувања и во земјата и во нејзиното, односно нашето соседство.
Веројатно, наивно и неуко граѓаните на Македонија слепо веруваа дека патот во НАТО и ЕУ е сосема сигурен, понекогаш малку напорен, но секако изодлив, при тоа не сфаќајќи ја основната претпоставка дека ништо не се добива за џабе и дека нештото, што и да е треба да си ги заслужиш и одработиш и тоа умно.
Сардисани од повеќе страни со децении, ние денес нешто сме збунети како тоа нашиот „добар сосед“ и „пријател“ ни станува пречка кон членството во ЕУ, небаре со децении не слушавме дека сме и еден народ и еден јазик и дека Охрид е најголемото бугарско светилиште и дека Илинденското востание со слободна република во Крушево е бугарско и дека и Светите Кирил и Методиј се Бугари. Во својата наивност и неукост мислевме дека тие затоа што станале членка на ЕУ, само поради интересите на ЕУ, одеднаш се промениле?
Кога во блиското минато се потпишуваше Преспанскиот договор огромен број граѓани на Македонија не гледаа опасност во додавката „северна“ и со искрена желба за влез во НАТО ја проголтаа навредата и понижувањето. Во својата наивност и неукост не ни помислија дека денес некој ќе ги уценува и условува со тоа што ќе побара пред придавката македонски секогаш да стои северни/-а/-о/-ен… Е, па добро утро Северно Македонци. Сега наместо да велиме македонски театар, со главата во песок како ној, ќе се лажеме себе си и нема да велиме северномакедонски театар туку театар на Македонија, демек различно од северномакедонски. Како ќе го нарекуваат театарот и не е толку важно, ако не прогледаме и ако не сфатиме дека северно/-а, северен, северни, искусните политичари на нашиот „пријателски настроен сосед“, во најблиска иднина и јазикот и идентитетот ќе ни го сврзат со тоа северен, па ќе го промовираат нивното тврдење, сега, не дека сме од 1945 година, туку дека како држава, народ и јазик постоиме од Преспански договор наваму. Тоа што огромен дел од политичари, па и други професионалци, ќе нè убедуваат дека ова што го пишувам е небулоза, научниците кои го бранат идентитетот и јазикот ќе ги игнорираат, ќе ги оправдуваат постапките на одговорните, нема да го промени фактот дека сме уценети, дека сме понижени и дека нашиот пат кон ЕУ ќе трае најверојатно најмалку уште 30 години (се разбира ако таму не се случи некаков за мене непојмив земјотрес).
Згора на сѐ, ние во Бугарија праќаме специјален преговарач. Воопшто немам намера да ја дискутирам личноста, туку постапката. За што ние преговараме? Па нели и „птичките на гранките“ знаат дека ако преговараш резултатот на преговорите ќе биде компромис. Преговорите не се битка во која победува посилниот и помоќниот и спроведува свој закон. Резултат на било кои преговори е компромис!!! Затоа, македонскиот народ треба да знае за што се преговара и какви се можностите за компромисот. Се надевам никој од нашата страна не помислил дека можеби ќе ја надмудри другата. Тоа нема да се случи. Тие знаат што сакаат, ја сакаат Македонија, нејзиниот народ и нејзиниот јазик, а ние сакаме компромис. Сакаме компромис, за нешто кое можеби никогаш нема да се случи, затоа што денес со нас има проблем Бугарија, утре можеби ќе има Грција (како што уште сега наговестува), а еве деновиве и Србија се јавува.
Покрај ризикот да бидам остро нападната, јас сметам дека тие не се криви, тие со децении ни ги презентираат своите ставови и штитат свои интереси. Каде нам ни беше умот? Сѐ повеќе добронамерници на Македонија, европејци, јавно проговоруваат дека нашата иднина е во нас самите и во тоа што ние сами ќе го создадеме, патем став за кој ВМРО-ДПМНЕ во претходниот период беше остро критикувано. Денес пак ВМРО-ДПМНЕ го користело општото незадоволство за партиски рејтинг. Незадоволството не го поттикна ВМРО и не го користи. Тоа што јавно говори за тешката состојба во која се наоѓа Македонија и тоа што критикува одредени дејствија на претставниците на власта е само приказ на бруталната реалност, која македонските граѓани, напатени, изморени, посрамотени, веројатно не сакаат да ја видат. Тоа што повиците за декларација во парламентот, повиците за лидерска средба, повиците за заеднички став останаа игнорирани, не е пораз на ВМРО-ДПМНЕ, не е победа на СДСМ, тоа е пораз и срам за македонскиот народ и за една држава извојувана во крв и саможртви.
За месијанската амбиција Македонија по секоја цена да се втурка во ЕУ, некои политичари, пратеници и граѓани наоѓаат оправдување, најверојатно мислејќи дека по влезот на Македонија во ЕУ, во земјава ќе потечат мед и млеко. Не е така. Бугарија е во ЕУ, ама таму мед и млеко не течат, затоа што и тие не си ја сработиле работата, како ни ние.
На крај, ако Македонија и нема друга опција освен ЕУ, а нема, па да прифатам и дека мора да преговара, како тоа првиот човек на Владата дава интервју во кое брутално ги руши нашите позиции. Не му се лутам на човекот кој струја мери во терабајти, кој прави брејн дрејн, кој весла со палка, не дозволува ширење на пандорината кутија и одозгора на тога се обраќа со џенерали секретари и одозгора на тога објаснува како се случил дожд од 93 литра во секунда и ќе ја намали глобата за 150% и се чука и удара у грудима нашим, не се лутам, само се чудам и бескрајно сум тажна што професори и интелектуалци од СДСМ стојат зад него без нешто да сторат и што 42 пратеници на СДСМ и коалицијата, не се срамат.
Тажна сум заради апатијата, заради стравот за работните места, заради беспарицата, заради епидемијата, заради нашите деца во странство, заради јазикот, идентитетот, заради нечистиот воздух, преполните болници, недовербата, заради неуспехот, заради свитканата кичма, заради срамот, заради…
Во што ли се крие тајната на излезот од оваа тага и депресија?
Веројатно во знаењето и незнаењето, разумноста и неразумноста, работливоста и неработливоста, честа и нечесноста, срамот и бесрамноста…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.