Петар Поп – Арсов
Веќе неколку месеци наназад сме сведоци на крајно контрадикторни изјави од врвните функционери на владејачката гарнитура, особено оние во финасискиот сектор. Речиси унисоно, поранешниот премиер, Заев, и актуелната министерка за финансии, Ангеловска, изјавија дека е потребно намалување на платите во јавниот сектор. Тоа и го сторија, ги намалија! Сепак, Уставниот суд, независно од лукративните мотиви, за среќа ја укина оваа владина уредба. Потоа бевме почестени со изјава од министерката дека не смее да има отпуштања од работа во приватниот сектор, за веднаш потоа да каже дека може да се отпушта. Имаше уште многу контрадикторни изјави кои речиси секојдневно ни беа сервирани, додека нашето внимание беше фокусирано на секојдневните извештаи за бројот на новозаразени со вирусот.
Конзистентност, нула! Финансиска сигурност, нула! Предвидливост и бизнис клима, нула!
Да се потсетиме како Нина стана министер за финансии.
Најпрвин нејзиниот претходник, министерот Тевдовски, беше „изметен од метлата на Заев“ во онаа фамозна драмолетка на расчистување со неспособните кадри во СДСМ. Барем така беше побарано на една од оние средби со „партиски граѓани“ кои што ги правеше СДСМ минатата година. Онака, седнати во круг, како на психијатриска сеанса, „партиските граѓани на СДСМ“ даваа предлози, сугестии, пофалби, критики, па дури беше врачена и една метла како подарок за тогашниот премиер. Метла за да „го исчисти ѓубрето“ од сопствената куќа и сопствениот двор.
И, што беше исчистено?
Беше „исчистен“ министерот Тевдовски, со уште некој од неговите советници, кои цврсто веруваа во нивната утопија на прогресивниот данок. Ми се чини дека овие луѓе не се расипани или криминогени. Тие едноставно веруваа и веројатно сеуште веруваат во нешто кое што е неприменливо во македонската реалност и не може да даде резултат. Луѓе со левичарска идеологија. Опозицијата уште тогаш јасно им стави до знаење дека тоа ќе нанесе огромни штети врз македонската економија и значително ќе ги одврати странските инвестиции, кои во почетокот на мандатот на оваа политичка гарнитура продолжија да се реализираат по инерција, како резултат на работењето на претходната владејачка гарнитура.
Беше „исчистен“ и министерот за земјоделие Николовски, се разбира, исто така поради неспособност и отсуство на резултати во овој исклучително важен ресор. Николовски не е предмет на оваа приказна, но тоа не е причина да не го „испочитуваме“ и потсетиме дека и тој беше еден од „изметените“.
Концептот на Тевдовски, кој што беше силно поддржан од неговиот шеф Заев, нанесе реална штета врз македонската економија и наметна потреба од итни промени на ваквите политики.
Што следуваше?
Следуваше нешто крајно интересно и дотогаш невидено во Македонија. Заев се самопромовираше во министер за финансии. Сакаше функцијата да ја извршува паралелно со извршувањето на премиерската функција. За момент се почувствува доволно политички силен за да протурка уште една неуставна небулоза, но овој пат лично за себе. Тој сакаше да стане првиот човек во Македонија кој што истовремено ќе биде и премиер и министер. За среќа, веднаш стигна укажувањето од страна на опозицијата дека ваквата замисла е неуставна, по што реагираше Антикорукциската комисија која истото го потврди давајќи му институционална димензија.
Соочен со неможноста директно да управува со македонските финансии, главниот машки лик од приказнава, дојде на генијална идеја. Ќе постави фигура која што ќе ја игра улогата на министер за финансии, а вистинскиот креатор на политиките во оваа сфера ќе биде токму тој, несудениот чувар на македонскиот трезор. Така Нина стана министер.
Која беше целта на ваквата замисла на поранешниот премиер?
Тој знаеше дека еден ден ќе мора да се формира „пржинска влада“. Знаеше дека еден ден ќе мора да отстапи од функцијата, додека неговите дотогаш потчинети министри ќе продолжат да министеруваат. Ќе продолжат да ја користат моќта, привилегиите и бенефитите на своите функции.
Фрустрирачки!
Гледањето во туѓата чинија, секогаш создава чувство кај алчните луѓе дека нивната е поотпразна од онаа на блискиот со кој јадат. Сакајќи да ја избегне ваквата фрустрација, свесен дека е неизбежна поради „пржинската влада“, Заев посака да стане министер за финансии. А токму тој беше човекот кој бараше постоење на ваква влада.
Карма! Карма ис а бич!
Сакаше подготвен да го дочека формирањето на „пржинската влада“, со намера да има целосна контрола од внатре, како министер за финансии! Тоа говори дека нема доверба во ниту еден од своите соработници, но тоа не е наш проблем! На крајот од денот го имаме ова што го имаме денес, квазипржинска техничка влада за спроведување на избори со мандат и овластувања како што досега го немала ниту една влада во Македонија. Имаме влада во која скоро три месеци е сконцентрирана и извршната и законодавната власт. Влада со најголема моќ досега! Да се знае кој е „закон во државава“! И токму во таквата влада го нема човекот кој за себе смета дека највеќе заслужува да биде таму.
Затоа сака брзи избори! Избори на препад и без никаков законски основ. Законот за избори јасно кажува дека изборите се одржуваат во рок од 70 до 90 дена по нивното распишување и распуштање на Собранието. Поминаа и 70 и 90 дена! Поминаа сите законски рокови. Уредбите на владата неможат да бидат посилни од основните законски решенија кои го регулираат ова прашање и со кои се поврзани бројни правни норми од оваа област, вклучително и оние кои го регулираат правото на секој граѓанин да избира и да биде избран.
Ако може да прашам? Каде е правото на оние македонски граѓани, млади луѓе кои во меѓувреме наполнија осумнаесет години, да можат да бидат бирани? Ова право е предвидено со Уставот и Изборниот законик и секоја инпровизација со изборните процедури, кандидатските листи, роковите и сите останати заврзлами не смеат да оневозможат ниту еден македонски граѓанин во остварување на сопствените права и обврски.
Затоа е потребен целосен “reset” на изборниот процес! Од почеток до крај! Најдете си начин во согласност со Уставот и законите!
Заев сака брзи избори во јуни, во услови кога владата цел ден во петокот дебатираше дали да воведе тридневен полициски час, како резултат на повторното зголемување на бројот на регистрирани случаи на инфицирани граѓани. Сака брзи избори во услови кога никој од здравствените власти не посочи дека постојат услови за нивно оддржување. Делува осамено во ова негово настојување. Делува како да посакува повторно некако да се добере до власта по принципот „сите против ВМРО“. Нема политичка платформа за реализирање на оваа замисла, но има материјал за распродавање, материјал за политичка трговија. Го има македонскиот јазик и македонскиот идентитет ставен на тезга, со намера да го трампа за датум за преговори и тоа да биде моментот на обединување на „сите против ВМРО“.
Што потоа?
Потоа може епидемијата повторно да избувне! Потоа може повторно да биде воведена вонредна состојба со неограничена власт сконцентрирана во владата. Но, овој пат тој да биде премиерот!
Посакува нов четиригодишен мандат во кој нема да му биде проблем да ги намали платите на 14 500 денари. Нема да му биде проблем да ја зголеми акцизата на бензините, ниту пак ќе му биде проблем да го укине повратот на ДДВ. Онака, предизборно-срамежливо ги повикуваа граѓаните самите да се откажат од ова нивно законско право. Сосема очекувано, се што воведоа како новина самите го укинуваат, исто онака како што Нина го укина прогресивниот и го врати рамниот данок. Не им се важни ниту политиките ниту програмата која што ја немаат. Важно им е голото опстојување на власт, исклучиво како резултат на распродавање на вредности градени и стекнувани со генерации наназад, македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
Министерке Ангеловска! Не извршувајте се што ќе ви се каже „од горе“ без поговор! Сите кои што претходно извршуваа без поговор, по принципот „разваљуј шефе“, сега се „редовни муштерии“ на Кацарска и Русковска. Сите што претходно викаа „да шефе“, нарушувајќи го здравото кадровско ткиво, кое понекогаш имаше критички однос кон поедини политики, сега се најредовните посетители на новите судски згради кои самите ги изградија.
Министерке Ангеловска! Не можете така лесно да давате изјави дека ќе има намалување на платите, за веднаш потоа да изјавите дека ќе…нема. Недопусливи се изјави дека приватниот сектор не може да отпушта од работа, за потоа да кажете дека ќе може да се отпушта. Не може да нема пари за оние кои што се на првата линија во борбата против „епидемијата“, полицијата и здравствените работници. „Епидемијата“ како поим го ставам под наводници затоа што никаде не слушнав дека официјално е прогласена епидемија од страна на Министерството за здравство, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Можеби грешам, но, ако не, тоа ја става во правен вакум целокупнава ситуација со вонреднава состојба и сите владини уредби што во меѓувреме беа донесени, вклучително и онаа за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите.
Затоа изборниот процес треба да биде целосно ресетиран!
Не може неконтролирано да лицитирате со бројки за тоа колкава е буџетската дупка и што треба да се направи истата да биде пополнета, оставајќи впечаток во јавноста дека немате поим какви се финансиските биланси во државата. Тоа создава несигурност кај сите нас, особено во стопанството и кај оние кои ја создаваат реалната вредност во државата.
Секоја изјава од типот дека треба да се намалат платите или дека може да се отпушта од работа, треба да биде проследена со изјава за намалување на сопствената плата и самоотпуштање, односно оставка. Не може владин министер да повикува на отпуштање, а притоа да не сноси никаква одговорност, барем само политичка. Леснотијата со која се даваат ваквите изјави говори дека морална одговорност не постои, ниту пак постои некаква совест или емпатија со оние кои останаа без работа и приходи во овој период.
Функцијата министер за финансии е сериозна позиција. Не смее главниот мотив за стапување на ваквата функција да биде збогатување на личното CV на оној што ја извршува, каква што беше првичната перцепција за актуелната министерка. Влезот понекогаш е бесплатен, но излезот може скапо да чини!
Опстојувањето на функција на еден ваков профил на министер, со цел да се маскира вистинскиот креатор на политиките во овој сектор, оној кој што сакаше да биде министер за финансии, само ќе ја продлабочи кризата и ќе ја зголеми агонијата на македонското стопанство.
Целиот мадат на оваа влада го следат метли, неуспеси, нереализирани ветувања, недобиени датуми и корупциски скандали. Целиот мандат се заснова врз трговијата со македонските национални вредности. Евентуалните јунски избори, кои покрај нарушеното достоинство на македонецот и македонскиот граѓанин, овој пат можат да го нарушат и неговото голо здравје. Тоа ќе биде уште една авантура со непредвидливи последици!
Изборите мора да бидат резултат на почитување на Уставот, законите и консензус меѓу политичките партии кои го претставуваат огромното мнозинство на македонските граѓани. Никако поинаку!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.