Убаво и не еднаш рекле луѓето-Никогаш не му се смејте на глупав човек или глупак! Зашто, еден ден може да стане нешто од него! На пример, пратеник, собраниски спикер, премиер, министер…едноставно, претставник на власта. Чест на исклучоците. Има и такви, но во моментов се безгласни, неми, глас на им се слуша пред налетот на политичкото насилство на владејачкото мнозинство во Парламентот.

Актуелната власт, преточена во парламентарно мнозинство вчера на отворена сцена и во пракса ни демонстрираше што значи неконтролирана политичка моќ, која премина во владејачка глупост спакувана во скафандер!

Исполнета со примитивизам, простотилак, злоба, омраза, неизлечиви фрустрации…пред кои паѓаат и Устав, и закони, и собраниски Деловник, и сите политички договори и желби за компромис во интерес на надминување на собраниската блокада и на граѓаните на државата. Ако таа воопшто и постои како таква.

Двајца пратеници од владејачкото мнозинство, заболени од Ковид-19, барем едниот од нив тоа отворено и го призна, по нарачка на „својот шеф“, одлучија да присуствуваат на собраниските седници и тоа во скафандери! Зошто? За да се знае кој е газда во куќа! Што ќе рече, ние сме власт, ние имаме моќ и ќе правиме што сакаме! Владејачки идиотизам спакуван во скафандер!

И за тоа добија отворени аплаузи од своите колеги од владејачкото мнозинство, фејсбук честитки од премиерот Зоран Заев и други министри! Демек, сите заедно ја изиграле опозицијата и без неа успеале да носат закони. Бре мајката! Човек да не знае чија глупост е поголема. Дали на оние двајца со скафандерите, дали на тие што аплаудираа, дали на тие што им честитаа!

Зашто, ниту еден од нив, пред да го направи тоа што го направи, не стави прст на глава и не размисли дека вчера сите заедно го урнисаа целиот систем на заштита во борбата против пандемијата од Ковид-19!

Во услови кога власта не почитува Устав и закони, кога манифестира двојни стандарди, кога дозволува болни од коронавирусот слободно да шетаат низ државата, низ највисокиот законодавен дом, да злоупотребуваат здравствени ресурси за строго партиски цели, тогаш за што ќе заседава денеска Владата и ќе носи одлуки за истите или за нови мерки против пандемијата!?

Со кој образ и авторитет, ако воопшто ги имаат, на пример, денеска премиерот или министерот за здравство, или обајцата заедно ќе соопштат дека полицискиот час продолжува или се укинува, дека кафулињата, рестораните и кафеаните остануваат затворени, дека заболените од Ковид-19 и оние кои биле во контакт со нив и натаму ќе мораат да седат дома во изолација…

Или кој сега ќе ги казнува и за што обичните граѓани ако го прекршуваат полицискиот час или ако одлучат да одат во црква или во џамија за време на претстојните големи верски празници…Како обвинителството ќе ги казнува луѓето, кои со скафандери навечер ќе излегуваат надвор, ако тоа не го стори со двајцата пратеници…Како ќе ги спречат групирањата, особено оние масовните…Со водени топови и гумени куршуми?!

Со полнење на затворите?! Кој и како ќе ги спречува луѓето во скафандери веќе од денес да влегуваат во автобусите на градскиот или меѓуградски превоз…За кого ќе ги носат вакцините и ќе повикуваат на масовно вакцинирање ако се може да помине со носење скафандери…

Да, кога не се мисли, целиот систем на заштита се урива како кула од карти, а аплаузите и честитките се претвораат во аплаузи и честитки на смртта, во обичен театар на апсурди! Не дека тој, системот на заштита, до сега беше добар, уште помалку идеален, но како-така функционираше некако. И мнозинството граѓани го почитуваа, онолку колку што можеа, иако не ретко власта вината за својата немоќ, неспособност и не знаење ја префрлаше на нивни грб.

Зошто пратениците од власта не аплаудираа, а премиерот и министрите не и честитаа минатата година кога д-р Цаца се врати од скијање во Италија и со денови си одеше на работа? Зошто тоа не го направија со кумановскиот градоначалник, кој влезе во отворен конфликт и со министерот за здравство и со министерот за внатрешни работи? Не, тогаш пееја друга песна. Тогаш им беа важни законите и Уставот. Сега не им се. Важно им е да ја девалвираат опозицијата, притоа не водејќи сметка буквално за ништо!

А, овој спикерот Талат Џафери голем мангуп да ти бил! Ај убаво нека каже дали протоколот за работа на Собранието се однесува за заболени од Ковид-19 или за пратеници на кои им е одредена изолација. Зошто бараше пратениците да можат да работат од дома, кога ете можеле и болни да одат во Собрание?

Па, граѓаните не се ни малку наивни, особено не во време кога затворањето дома предизвикува (не)контролирана нервоза, за која никој не знае кога, како и на кој начин во даден момент може да се манифестира.

За тоа никој не мисли, а најмалку власта, која е и најодговорна за севкупната состојба во државата. Таа, важно, испишува нови лекции и учебници по имунологија од кои ќе можат да учат студентите по медицина од целиот свет дека скафандерите служат за заштита на болни, а не на здрави луѓе.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.