Дафина Стојаноска

Вчера, после едно 15 – 20 години, бев слободна за да го изгледам целиот финален меч за мажи на Вимблдон. Јас, заедно со синот и сопругот, 5 часа пред телевизорот (ќерката не е љубител на ова хоби).

Се навратив во моите студентски денови, кога обично, пред последниот испит од јунската сесија, задолжително ги изгледуваав финалињата на Вимблдон, па макар и ако во понеделникот рано наутро полагав. Тоа беше за мене празник за душата. Јас, сестра ми и татко ми не трепнувавме пред телевизор, додека мајка ми редовно не‘ послужуваше со сокови, грицки, кафиња… па, дури и ручекот се јадеше пред телевизор тие денови.

Последниот, така на раат изгледан финален меч на Вимблдон, ми беше во далечната 2001 – ва. Тоа беше и последен Вимблдон што заедно го изгледавме со татко ми. За два месеци почина од рак, но во мене ги остави сите убави спомени на него и на времињата поминати со него.

Тој Вимблдон мислам дека подобро влијаеше на неговата тогаш веќе влошена здравствена состојба, отколку хемотерапиите кои беа во тек. А, на нив тогаш одеше под многу тешки околности. Некогаш до Скопје патуваше преку Прилеп, за да се избегнат ризиците од воените конфликти тоа лето. Така секојдневно, за крајот да биде каков што беше.

И секогаш кога доаѓа времето за Ролан Гарос и за Вимблдон, секогаш мислите ме навраќаат на татко ми. А, незаборавната победа на Иванишевиќ ( над Рафтер чинам дека беше ) во далечната 2001 – ва, секогаш и неизбежно ме навраќа и на Македонија во военото лудило од 2001 – вата. 18 години подоцна мислам дека на Вимблдон повторно му се случи едно од најдобрите финалиња, но што и‘ се случува на Македонија? Фала на Бог што не сме во никаков воен конфликт, но дали после 18 години Македонија не е пред конфликт на умови, конфликт на нормалното, конфликт на генерацијата, конфликт на невозможното?

Не можам, а да не направам уште една паралела меѓу вчерашниот Вимблдон и денешнава Македонија. Вчера главните актери на финалето дадоа се‘ од себе за да победат. Ех, кога така би било и со сите политички лидери во Македонија. Кога сите би давале се‘ од себе за да победат на следните избори. Велам: да дадат се‘ од себе за Македонија, а не да земат се‘ од неа. Тогаш Македонија ќе ни беше преполна со народ ( исто како што беше вчера Вимблдон со публика ) и народот немаше да се плаши за својата иднина. Вчера публиката во Вимблдон 5 часа уживаше во фер играта на двајцата најдобри и не им беше важно кој ќе победи. Играа најдобрите, а победи Вимблдон и вековната традиција.

Кај нас, народот е исцрпен од убедувања, интриги и малверзации, за да после избори биде прелажан од истиот кој ветувал „добра игра“.  „Добриот играч“ кај нас веќе секојдневно почна да прави двојни сервис грешки. Публиката гласно веќе негодува, но тој останува упорен и без срам од публиката. И залудно судијата замолува за тишина. Залудно ни ветува подобра игра следниот пат. Залудно. Публиката свирка, го напушта теренот. Следниот пат овој „добар играч“ ќе нема пред кого да игра, а и за кого. Македонија ја испразни, Македонија ја опљачка. Ќе остане сам „добро да игра“. За кого, како?… веќе никого не го интересира.

Следниот Вимблдон за финалето ќе се изборат повторно најдобрите и повторно ќе биде исполнет до последното место од верната публика. Следниот Вимблдон ќе ја продолжи традицијата и ќе го награди најдобриот и оној кој дава се‘ од себе за фер победа. Уште од денес веќе започнуваат подготовките за Вимблдон 2020.

Следните избори во Македонија мора да победи само чесниот и искрениот. Следните избори нема веќе место за фолиранти и измамници во Македонија. Следните избори мора да победи Македонија. Дотогаш и‘ останува на верната публика да се стрпи уште малку, за да го изгледа и последниот меч на кој „добриот играч“ ќе мора да биде победен од играчот кој долго време работи, долго време се подготвува и кој долго време дава се‘ од себе за мечот на својот живот, за мечот за Македонија. Мора да победи оној кој дава, а не оној кој зема (читај: пљачкосува).

Подготовките за следните избори кај некои се во полна пареа, а кај некои не се ни започнати, зашто се‘уште живеат во славата од последната им „победа“.

До следните избори, сите заедно мора да издржиме и да работиме, да веруваме и да победиме! За Македонија и за традицијата на македонската верба и борба за подобро утре! Работата мора да ја победи неработата, вербата мора да го победи сомнежот, правдата мора да ја победи неправдата!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.