Д-р Марија Јовановски-Срцева

„Добре дојдовте… овде, во ова наше мало одделение, во него ќе можете да го видите најлудиот карневал што некогаш поминал низ вашиот град, само за вас, човекот бомба и неговиот другар, кој продава непотребни работи и гледа нешта што никој не може да ги види“. Ова беа воведните зборови на претставата „Лет над кукавичко гнездо“ кои ги запаметив од повеќе причини.

Кога ќе се навратам многу години наназад, она на што се сеќавам, е фактот што додека ја читав книгата се прашував дали авторот е визионер, психијатриски случај или можеби најреалниот човек на светот. Подоцна дознав дека истиот тој често користел ЛСД и затоа толку визионерски, пред 60 години, ја халуцинира, доживува и ja пишува денешнава македонска реалност, претставена во една ментална институција, која би ја нарекла општествено – институционална реалност.

Последниве неколку денови некако се почесто состојбата во Македонија од повеќе аспекти ме потсетува на книгата. Така, одеднаш ни се случи работа за која цел свет бара начин да се справи повеќе од четири месеци, моли за помош, меѓутоа ние пусто македонско, се додека е кај комшиите можеме сеир да фаќаме, за нормално на крај да сме веројатно единствената земја во светот која ја има “работата под контрола”.

Е сега ајде да елаборирам. Месеци наназад светот на својата глава ја носи со голема тежина, круната на овој вирус, но ние некако ноншалантно однадвор наводно имавме точна стратегија и план, се додека наездата од македонски граѓани не почнаа да се враќаат од привремена работа од Италија (заради фактот дека државава работи интензивно да го задржи работниот капацитет во неа и “ретко “кој од македонскиот народ бара работа во другите земји).

И замислете, после четири месеци говорење за вирусот, кога некако се насетуваше дека се повеќе тропа на македонските порти, првата изјава која ја слуша македонскиот народ е дека тестови за докажување на вирусот, ќе се носат во соседна Србија, се додека овој државотворен профил(читај министер и координативното тело, чии членови никако да разбереме кои се) не ги набават тестовите. И сега што? Што со фактот дека за четири месеци додека ја “имавме контролата” на никој не му текна да седне и да прочита што се случува во светот и кои се постоечките насоки од СЗО (земјите да се припремат стратегиски за случај на можна пандемија)? „Единственото“ нешто кое веројатно нè затекна неспремни, впрочем е тоа дека лабараториски тестови и докажување запациентите во оваа држава е излишно, а сè друго ни беше спремно. Кај баш на овој дел не фатија, пууу јаз’к.

Одлично, магарево од кај комшииве, сега е во нашиот двор, упппппппс. И баш како во книгата, првата круна ја носи жена. Таа во книгата е со брада и во суштина не е жена и нема брада, но сега во адаптацијата на нашата реалност е жена со вистинска круна. Притоа излегува едно младо момче (во нашата адаптација и не толку младо) кое има, како во оригиналната верзија, комплексен карактерен пристап (гледано од многу полиња и аспекти – како во книгата)да говори за нашата спремност и да ни вели дека сè е “под контрола” во прилично контроверзни изјави. И наеднаш, лудилото почнува.

И исто како во книгата, аналогно на оние две млади дами кои се задолжени секоја забава да ја зачинат до врескање, така народот ја зачнува анатемата на температурата, кашлањето,паниката и неизбежната хистеријата.

Државата која беше “спремна за се” и не гледаше како помоќни држави молат за помош застана да се бори со проблемов на “вистински“ начин, одлично, парадоксално, но некако не знам дали ми е жално или смешно.

Државотворниот профил почна да ја смируваат паниката и да му велат на народот парафразирам: имаме топломериили термални камери (дека ако се напијам во авион два парацетамола, бруфен и аналгин, кога ќе ме мерат ќе имам температура), немаме многу маски (но не ви ни требаат, не штитат, ама еве некои епидемиолози ги имаат во џеб) и се говори дека нема средства за миење раце (но ќе распишеме тендер) И ВЕ МОЛАМ НЕМОЈТЕ ДА ПАНИЧИТЕ, спремни сме доплнително со едукативен и секаков материјал, а немајќи ни еден лист со напатствија (барем јас немав видено до пред некое време).

Парадоксалноста продолжи дополнително на секоја прес конференција. И народот почна да се чувствува беспомошно, во паника дека ќе умре ако има било какви симптоми. Зошто не се едуцираат луѓето, училишта, да се работи на свеста на народот да се побара помош многу месеци наназад? Сепак, има доста погрешни чекори ретроспективно гледано.

И од оваа гледна точка, иако знам дека се работи за нов вирус за кој светот нема јасни решенија прашувам јасно зошто претходните три месеци не можеше да се отворат плановите на ЦУК (Центарот за Управување со кризи), да се отвори планот за подготвеност и одговор при кризни состојби и катастрофи кој е присутен на страницата на Министерството за здравство и во кој има различни напатствија, зошто не се направи стратегија (за која се тврдеше дека постои), зошто правилата на комуникација со народот како дел од овој план според мене небеа запазени докрај и на крај зошто не се потрудија да ја чујат опозицијата која навремено им подаде рака за помош, но надмено беше одбиена.

Вистината на институцијата и на нарацијата на Кен Кисеј е реалноста на денешницата. Исусе, вие НЕПРАВИТЕ НИШТО, НО ПОСТОЈАНО СЕ ЖАЛИТЕ ДЕКА ОВА МЕСТО ЌЕ Е НЕПОДНОСЛИВО, НО НЕМАТЕ ХРАБРОСТ НИ ДА ЗАМИНЕТЕ. БОЖЕ ДАЛИ СМЕТАТЕ ДЕКА СМЕ ЛУДИ НИЕ ОВДЕ СИТЕ ИЛИ ШТО?!

Се надевам дека малкумина ќе ја фати круната, сепак не сме со кралска традиција, но нека се замислат елитистите кои постојано сметаат дека сè им следи, недај боже не мораат да се полажат по некоја круна.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.