Васко Шутаров
Ја препрочитувам црната хроника од пред две години. Возач на џип недозволено преминува две полни линии, удира во мотор и згаснува два живота. Пред два дена од очаен крик на преживеана жртва на овој немил настан разбираме дека возачот на џипот ја признал вината и добил пресуда дека не е виновен и дека ќе биде две години условно осуден.
И сето тоа во име на граѓаните на Републиката! Во мое, твое и наше име! И во име на ваквата правда, укажано им е на жрвите да бидат мирни, да ја премолчат пресудата и да не реагираат на социјалните мрежи. „Сега нека пресуди народот кое судство и каква правна држава имаме”, ќе крикне таткото на 32-годишниот син, чиј живот е згаснат во овој немил настан.
Денес читаме за воздржаност на првите луѓе на судската фела. Им биле потребни дополнителни информации. Им требало време за да кажат што мислат за неправдата од која врие меѓу граѓаните. Разочарување кое се граничи со грозење. Грозење од сè, а најмногу од отсуството на правда и правдини во оваа држава. Згрозување и од судство и од власт и од политика. Политиката, која денес ја одмолчува и оваа неправдина. Поисплатливо ѝ е да крева прашина и фрла димни завеси, од дивоградба која ја руши во директен пренос. Високи се димните завеси помеѓу правдата која никогаш не заживеала во оваа земја. И дивото месо на неправдата кое длабоко вкоренето царува со севкупното општествено ткиво и со животите на секој од нас.
За некој ден ќе славиме 29 години од осамостојувањето на државата. Во држава во која со Устав, во членот 10 е запишано дека животот на човекот е неприкосновен. Држава за која поколенија и поколенија наши претци мечтаеле и се бореле дека еден ден ќе ја има. И дека животот во неа ќе биде неприкосновен. Како држава со правдини за сите. Правдината, таа вечна, најдолговечна тема низ историскиот и културен растеж на мојот народ и држава. До ден денешен.
И што има неактуелно и неевропско во опеаните патриотски стихови: „Слобода немавме, правдини никакви”, „сум се борел за слобода и човечки правдини”, „таква правда, турска правда”, „Македонците се борат за својте правдини’, кои дури ова го пишувам, ми поминуваат низ глава? Кога копнежот по правдата и правдините останал ист, непроменет. Од времето на создавањето на химната и патриотските песни за Кирков и Шатев, Караѓулев, Леонид Војводата, кога и денес, како и во сите долги години под туѓи јареми, си страдаме од истата онаа опеана коб, од времето на Караѓулев. „Од неразбрани трговци”! Далеку од Европа и тогаш, колку што сме подеднакво далеку и денес. На план на химничен копнеж, по европско право и правдини.
И што остана од уставното, неприкосновеното право на живот, во нашава држава? Освен безбројните лични голготи по правда и правдини низ судските лавиринти, сите овие години на самостојно постоење како држава. Право и правда чија потрага уште во старт почнува и завршува само со една надеж во таму некој далечен Стразбур. Право и правда кои се одмеруваат секогаш на кантарот на Јустиција, но со пари и моќ? Право и правда во кои секогаш победува принципот – ако не може за пари, може сигурно за многу пари. И паролата – секое чудо за три дена. Најголемото, за четири дена! Таму каде умира правдата, не царува само неправдата. Таму царува нечовештвото. Ние неми, правдата слепа, власта глува. Идеална тријада за тиранија. На моќта и парите. Врз правото и правдата.
Има ли чаре? Власта ветува проветрување на судството. Читај, ќе ги пролуфтира фиоките низ кои стенкаат заклучени и длабоко заборавени предмети за кои некој добро се потрудил да ги потисне „со камен”. Низ тие предмети стенкаат неправдите на илјадници граѓани кои се соочиле со правото на силата и моќта, наспроти правото на аргументот и доказот. На правото на интересот против правото на вистината. Само за проветрување ли е натоварениот како танкер, архив од стокмени папки во кои останала заклучана правдата, со години. Некаде и децении? Ако се положат хоризонтално тие предмети во папки, веројатно би се исцртала цела километарска траекторија која допира илјадници граѓани за кои правдата засекогаш останала далечна и недостижна.
Не, нашиот правосуден систем не е за обично проветрување. На судии и обвинители, трајно заседнати врз своите зачувани стари предмети им треба нешто посилно од обично проветрување.
Криминалот, непотизмот и корупцијата имаат предлабоки корени во општественото ткиво на нашата држава. Од тие корени, долги години се разгранува еден правосуден систем под чија капа и сенка цвета еден силно самоодржлив систем од истите компоненти: криминал, непотизам и корупција. Проветрувањето на овој систем кој се храни од хумусот на неправото само ќе ја разигра постоечката мрежа од односи базирани на чист клиентелизам, воспоставен трговски систем од капитал, моќ, интереси и влијанија, систем од кој правдата бега. Како срна која бега и од најмал шум, пред ловџии и загари. Завчера една страшна неправда, денес друга, утре трета. На еден, друг или трет. На секој од нас, во една, друга или трета прилика. И сè така, во недоглед?
И затоа, не со проветрување, туку со сечење. Со мечот на Јустиција, засекување од корен, на сè она што ја уништило правдата. Како што прават добрите одгледувачи на овоштарници. Кога меѓу насадите им се намножува Амброзија. Оној некорисен плевел кој расте високо и им ја зема и почвата и водата и воздухот на насадите кои треба да се облагородат и родат плод. Завладее ли амброзијата во таквите овоштарници, ќе нема здрав род со години подоцна.
Да се искорени вкоренетава неправда треба многу силна политичка волја на политичари образовани и воспитувани во дух, во кој животот и правдата за секој, се неприкосновени. Систем во кој таквиот дух станува врховен принцип на владеење. Има ли актуелнава владејачка гарнитура капацитет и волја за такво нешто? Судејќи според најавите за цврста декларативна решеност, но само за проветрување, а и судејќи според случаите низ кои континуирано премногу долго, победуваат и владеат само неправото и неправдата и нарачаното право и правда, имам право сериозно да се сомневам, дека вистински сакаат, знаат и умеат. И убеден сум дека на тој најбрз европски испит за многу брзо и ќе паднат токму со рамката и поглавјата што допрва ќе се отвораат.
И прашањето и дилемата се, ќе имаат ли и европските бирократи, воопшто, волја и трпение, низ тие долги процеси на преговарање да ја очовечат правдата и да ја вратат и насадат конечно на наша почва? И ќе имаат ли вистинска помош и поддршка од наша страна, во тој долготраен заемен процес? Така фино наречен, реформа на правниот систем. Искрено, се надевам во тоа. Дека конечно ќе се воспостави еднаш и засекогаш. И ако веќе биде, барем нека биде за нијанса подобар правен систем и од европски земји членки, а наши соседи, каде правниот систем ја има истата таа реа, на запуштен овоштарник. Зошто гнилото, во иста кошница, само гнило размножува.
……….
Кога престанував да бидам дете, уште го живеевме социјализмот кој сѐ уште беше далеку од онаа, подоцна антологиска флоскула, за социјализам со човечки лик.
Паметам дедо ми, при крајот на својот животен век во кој беше ги поминал сите сита и решета што ги носел животот на едно немирно балканско тло, ме викна да прошетаме заедно до неговиот бербер. Подзастанавме пред зградата на полицијата и судот. „Погледни ги добро овие згради, синко”, ми рече. И во берберскиот салон на старото берберско столче ми кажа совет што и ден денешен го сметам за најголема животна мудост. За сите овие долги години на копнеж и очекување да ни се случи модерна држава, со европско право и правда.
„Сè додека не дојдат времиња во кои одговорните ќе се однесуваат на своите функции како на оваа берберско столче, синко, биди што подалеку од тие две згради пред кои застанавме”.
Ми обелеа и брадата и косата, седнувајќи на слични берберски столчиња подоцна во животот. И сѐ уште сум во очекување на тоа време во кое нема во широк лак да ги заобиколувам тие две згради. Крајно време е! Најкрајно!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.