Васко Шутаров
(Краток приказ за спалувањата книги во човековата историја)
Третата светска војна завршува и повеќе од половина од светското население е уништено. Врз рушевините од цивилизацијата се формира една нова нација, наречена Либрија и e водена од нејзиниот непогрешлив диктатор, наречен „Татко”. Најстрашен грев во новата заедница е покажувањето емоции. Чувствувањето, креативната провокација и уметноста мора да бидат уништени, бидејќи според правилата на новата власт тоа биле главните причини за сите зла кои му се случиле на човештвото во минатото. Според новите правила на игра, секој граѓанин мора секој ден да прими задолжителна доза од дрогата „прозија”, која ги убива чувствата и создадава еден фин автоматизиран свет, без тие големи „пороци” од минатото.
Ако помисливте на нешто друго, веднаш ќе ве разочарам. Вака би звучела само кратка реклама за американскиот дистописки филм од 2002 година, „Еквилибриум” на режисерот Курт Вимер?!
Во една друга држава, пишаниот збор исто така не е добредојден и тој мора по секоја цена да биде уништен. Книгите само создаваат конфузија и мора да горат, а „пожарникарите” да ги палат. Книгите горат на точно 451 степен по Фаренхајт. Главниот јунак Монтег е еден од „пожарникарите”, сѐ до моментот кога најпрво од љубопитство ќе украде неколку книги за да се увери дали е во право телевизијата кога убедува дека книгите се непријатели на човекот. Разбирајќи ја лагата, почнува да се приклонува кон бунтовниците кои сакаат да го зачуваат пишаниот збор од тоталитарната смрт. Тивкиот бунт го започнуваат група учени, кои за почеток се обидуваат да го спасат светот, со учење на книгите напамет за да го зачуваат знаењето за во иднина.
Ако помисливте на нешто друго, повторно грешите! Вака би звучела само кратката фабула на антиутопискиот роман на Реј Бредбери „Фаренхајт 451”.
Либрицид или палење на книги
Идејата за забрана и палење на книгите е стара колку што се стари и книгата и огнот. Борхес во еден свој запис пишува за Првиот кинески император Ши Хуанг, кој во 3 век п.н.е. наредил масовно палење на книгите во неговото Царство. Интригантното за Борхес е што истиот овој император е познат во историјата со уште една негова голема одлука, да се подигне Големиот кинески ѕид. „Можеби, палењето на библиотеките и градењето на Ѕидот се два чина кои на некој чуден таинствен начин се поништуваат”, ќе напише Борхес.
Многу порано од првиот кинески император, магичната привлечна моќ на огнот кон пишаната реч, била неодвоив дел од освојувањата на Вавилонците и Скитите врз асириската престолнина Ниневех, кога до темел била запалена библиотеката на кралот Асурбанипал. Во 7 век пред нашата ера, јудејскиот крал Јехојаким запалил две пророштва на Еремија. Книгите на старогрчкиот филозоф и оратор Протагора –основач на софистиката и хуманизмот, запаметен по сентенцата „Човекот е мерило на сѐ”, биле јавно спалувани на атинската Агора, родното место на старогрчката демократија.
Најпознатата библиотека на Стариот век подигната 288 година пред Христа, од Птоломеј Први во Александрија, била симбол на севкупното дотогашно знаење собрано на едно место. За време на римската граѓанска војна, во 47 п.н.е. запалена е до темел, а од светската ризница на знаења неповратно се исчезнати 50.000 исклучително важни ракописи.
Римскиот императот Нерон рецитирал стихови додека горел Рим заедно со ризницата од непроценливо културно наследство, во кое голем дел било и пишано богатство. Неговите подоцнежни наследници на римскиот трон, ги палеле првите ранохристијански записи. Диоклецијан во 302 година после Христа, започнува масовен прогон на христијаните, неговите легии ги палеле и уништувале светите ракописи. Не многу потоа, кога христијанството станува официјална религија, во 391 година христијани предводени од патријархот Теофил повторно ќе ја запалат големата библиотека во Александрија, каде изгореле пишани дела од грчката филозофија, како и вредни преводи од египетската и персиската книжевност.
Католичката црква во Средниот век, јавно го спалувала Талмудот (еврејската света книга), а шпанската инквизиција целокупната литература што не била католичка. Ова злогласно време претпоставувало спалување не само на книгите што според црковната инквизиција ширеле ерес, туку и на нивните автори кои биле живи спалувани. Првиот преведувач на Новиот завет на англиски јазик запален е заедно со своите преводи, а во 1683 година во Оксфорд организирано се палеле дела на англискиот филозоф Томас Хобс.
Таму каде ги палат книгите, еден ден ќе ги палат и луѓето.
Така пророчки запишал во 1822 година славниот германски поет Хајнрих Хајне. И навистина, меѓу првите гореле токму неговите книги, во мај 1933 година на берлинскиот булевар „Под липите”. Само четири месеци по освојувањето на власта во Германија во јануари 1933 година, нацистите започнуваат борба за освојување на умовите и срцата на Германците, со паролата, „Државата е освоена, Универзитетот сѐ уште не е”! Ноќта на 10 мај 1933 година се запалени 20.000 книги кои не припаѓале на новата нацистичка идеологија. Делата на Хајне се меѓу првите што биле фрлени во огнот, заедно со делата на Ман, Ремарк, Брехт, дури и на славниот детски писател Ерих Кестнер. Денес во Берлин, на местото на големото нацистичко уништување и палење на слободоумната пишана реч, се наоѓа споменикот наречен „Потоната библиотека”.
Во 20 век масовно гореле книги и во Ирска, Англија, САД, Канада каде е спалувано првото издание на „Улис” од Џемс Џојс. По Втората светска војна во САД, под надзор на свештеници и наставници започнува масовно палење на стрипови наменети за помладата публика. „Сатанските сихови” на Салман Ружди, беа причина да бидат напаѓани со молотови коктели и изгорени до темел бројни книжарници во САД и Велика Британија. Југословенските војни од крајот на 20 век, само ќе го заокружат огнениот магичен круг во кој страдала книгата и пишаната реч. Радован Караџиќ кој повеќе милувал да го нарекуваат поет, издал наредба на зградата на Националната библиотека во Сараево да се испалат фосфорни бомби, кои за само неколку часа од бесценетиот фундус на оваа позната библиотека, оставиле само прав и пепел.
И за огнот и за книгата, од прапочетоците на човековата историја се смета дека се магични и моќни. И има нешто така проклето привлечно помеѓу огнот и пишаниот збор, штом така страстно се привлекуваат провлекувајќи се низ севкупната човекова историја. Во привлечната магична игра на огнот и пишаниот збор, секогаш се одмерувала моќта на една освојувачка култура пред друга култура подготвувана да оди во заборав и заминување. Колективното знаење испишано во книжевните, религиските и историските записи на еден народ, отсекогаш биле симбол на најсуштинскиот и највиталниот дел од културниот и личниот идентитет на една заедница и сите нејзини членови. Во книгите како збир од идеи, верувања, знаења и сведоштва за едно време се чувало од заборав културното сеќавање на еден народ. Забранувањето, палењето или „повлекувањето” книги секогаш имало политичка, религиозна или идеолошка причина и заднина, со една и единствена цел, книгозаборавот да биде себезаборав на еден одреден културен идентитет, од едно одредено време и одреден простор на постоење.
О, блажено незнаење!
Во недостиг на пишани записи, уште една легенда за огнот и спалувањето, вреди да се спомене во овој контекст. Во 1415 година во Кобленц, кога се потпалувала кладата на која требало жив да биде запален големиот чешки филозоф и реформатор Јан Хус, една подзгрбавена бабичка натоварена со суви дрва од дома, тргнала на кај огнот. Запрашана, зошто го прави тоа, само одговорила, „ами да помогнам, да се разгори огнот”. Овој чин на простодушност, оттогаш и до денешен ден се нарекува просто, Sancta simplicitas. Блажено, свето незнаење!
Денес, кога магично-привлечната игра на пишаниот збор и огнот се преселуваат сѐ поизразено во областите на дигиталниот простор, светото блажено незнаење наоѓа одраз во наивната помисла, дека токму таму пишаниот збор и книгите ќе бидат спасени за век и веков од пламените јазици на огнот и заборавот. Блажено е она незнаење кое не разбира, дека само со три несакани клика, во една недоволна заштитена дигитална содржина, можат да бидат избришани цели банки од знаења и податоци. Лори Андерсон, американската култна икона на новото електронско и дигитално во музиката, во една своја антологиска тема „Worlds Without End” ќе запише „умре татко ми, и со него како да изгоре цела една библиотека”. И дигиталните пишувани записи ги согоруваат, зарем не? Уште полесно и поедноставно од ритуалното палење големи огнови.
Блажено е она незнаење кое ќе поверува дека книгите мора да бидат „повлечени од употреба бидејќи се парталави и полни со грешки”. Секој и малку просветен книгољубец, веднаш ќе разбере дека зад овој мотив можат да се кријат само политички, идеолошки и лукративни причини, ништо помалку различни од мотивите на сите погоренаведени зла над книгите во историјата.
„Ракописите не горат”, ќе запише Булгаков после обидот сам да го запали првиот ракопис на својот роман „Мајсторот и Маргарита”. Ни тестаментот на Кафка со кој ги задолжил најблиските да ги запалат посмртно сите негови ракописи, не се остварил. Не постои ни природна ни модерна дигитална сила која може да ја ограничи и забрани моќта на креативниот дух преку пишаниот збор да шири и оплодува нова креативна моќ. Но, постои уште една опасност, подеднакво моќна како огнот, како палењето и забраните на книгите.
Според Јосиф Бродски тоа е, нечитањето. И затоа се плашам, а можам овде само скромно да предупредувам, дека нема поголемо зло од тоа, наместо да се всадува љубов кон книгата и пишаниот збор, со дигитални алатки во кои се вградени уште милиони други полесни и попривлечни содржини за младите ученици, да се поттикнува токму обратното. Да останат и пишаните и дигиталните книги, непрочитани. Во плиткото и без посебен ангажман и емоција, влегување во едно сосем предвидливо автоматизирано доба на блажено незнаење, толку посакувано од властите на модерново доба.
Зошто најновиот македонски обид за повлекување на сите пишани книги-учебници од наставата за основно и средно образование (освен за првите три години во основното), би имал поразличен мотив, од сите погоре наведениве? За жал, не постои аргумент кој би ме убедил во тој дополнителен и ексклузивен мотив!
„Рајот отсекогаш го замислував како своевидна библиотека”, пишуваше Борхес. Додека благоглаголи Мила, за добрите намери со кои се поплочува патот за повлекување на сите досегашни македонски учебници, така само се исцртува најкраткиот пат до пеколот на македонското образование, наука и култура. Каква епска трагедија, поттикната од три учебника по историја од завчера и крунисана со игнорирање на највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев”, од вчера!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.