Пишува Васко Шутаров
Преповторувам познати драмски сцени и реплики, колекционирајќи ги по тематска сродност или степен на луцидност. Се обидувам преку компилација од неколку највозбудливи драмски текстови од минатиот век, за кои мојата генерација беше убедена дека само некаде далеку од нас може да се случуваат, да препознаам цели фрагменти од нив директно пресликани во нашето и повеќе од драматично секојдневие, за кое исто така мојата генерација никогаш и не помислуваше дека може некогаш да ù се случи.
Стаклена менажерија
„Стаклената менажерија“ од Тенеси Вилијамс, на пример, е еден моќен драмски текст, за кој како генерација бевме убедени дека ќе остане само наша „квака за интерно зезање“, кога некој од нас ќе заминеше во војска, па ќе добиеше провокативни писма од пријателки кои го потсетуваа на тоа дека мора да остане барем една цела година во „стаклената менажерија“. Во тие 80-ти години од минатиот век, години на надежни освојувања на слободи и среќа раскрилени од пукнатините на југословенскиот социјализам, служењето војска остануваше единствен синоним за менажерија. Популарен термин токму поради „Стаклената менажерија“ на Тенеси Вилијамс, термин кој пред објавата на ова славно дело означуваше само затворени простори во кои се чуваат циркуски или диви животни во зоолошките градини.
Денес разбирам, дека не сосем добро и во целост сме ги разбрале пораките на творечкиот гениј на Вилијамс, тогаш повеќе понесени од неговите необични реплики, отколку од неговата длабока вивисекција на западниот потрошувачки менталитет, консумеризам и замките во освојувањата на среќата и слободите, кон кои без остаток стремевме. Си велам, можеби ќе бевме и поподготвени за овие времиња на тенки линии помеѓу разумот и безумието, ако ги разберевме подобро и „Стаклената менажерија“ и „Трамвајот наречен желба“ и „Мачка на вжештениот лимен покрив“ не само како проклетство на пропаѓањето што ги следи одредени семејства во суровиот капитализам, туку како сеопшто проклетство на пропаѓање на пошироки и поголеми заедници, кои се збогувале со (со)чувствителноста, каде грубоста и дрскоста станале препорачлив стил на однесување, каде човечноста се претворила во најдалечна особина на човекот.
Кога од денешен аспект промислувам за „Стаклената менажерија“ од мојата младост, јасно ја разбирам и кваката на сите наши заблуди и превиди, разбирам каде и светот и ние грешевме. И каде упорно и денес грешиме?! А, сме имале можност за готови одговори, еве преку примерот на распадното семејство Вингфилд токму од „Менажеријата“. Од тогашната драмска стаклена менажерија, па до нашата реална санитарна менажерија со која се соочуваме денес, водени во меѓувреме само од сопствената младешка надобудност, сме заборавиле вистински да се заложиме, покрај освојувањата на нашите лични права, слободи и среќа и за правото на послабите од нас, за правото на нивната кревкост и немоќ.
Денес, кога ги препрочитувам репликите од „Менажеријата“, посебно помеѓу братот Том и неговата сестра Лора, разбирам колкава била моќта на тоа младешко растргнување, од една страна преку бегството од одговорности и потребата од освојување лични слободи, но истовремено од друга страна, со ништо непоматената љубов на братот кон понежната сестра и неговата исконска потреба, во светот „кој денес е осветлен од молњи“ да го заштити „тој мал пламен на една свеќа“. Кревката и пресензибилна Лора, родена со мала физичка попреченост, го живее својот затворен свет полн со илузии, преку колекцијата од стаклени фигури на животни, меѓу кои најгрижливо ја чува фигурата на еднорогот, животно кое историски одамна (из)умрело.
Она што не сме сакале да го разбереме, а ни било дадено како на подавалник (со сите грижливо чувани стаклени фигури од менажеријата на Лора), е дека правото на слабост и правото на немоќ се права на најдлабока човечност. И права трајно вградени во темелите на демократиите кои пледираат на трајност и постојаност во своето функционирање. Времињата во кои кревкоста и секоја посебност се осудени на изумирање, се времиња во кои сме допуштиле некој послаб од нас да биде третиран како прекуброен и непотребен, како „шестиот прст“ од текстовите на еден друг великан на модерната драма, Чехов. Тоа е најкраткиот пат од „стаклената“ до „санитарната“ менажерија, и најдлабок морален пад на човештвото, од минатиот век до модерново доба што го живееме.
Санитарна менажерија
Светот кој го живееме денес и буквално е претворен во менажерија од стаклени фигури, одвреме-навреме поместувани, подредувани и пребројувани, по строго утврдени правила, процедури и протоколи смислени од актуелните власти. За потребите на власта и нејзиното фриволно поимање на колективната безбедност и колективното здравје. Го „живееме“ времево на санитарна менажерија, скоро без преседан во развојот на човековата цивилизација. Затворени во своите стаклени кафези, со права, слободи и (со)чувствителност, поставени на мали стаклени нозе. Правото на слабост и правото на немоќ врз кои требаше да почиваат општествата со вградена правичност и солидарност, останаа надвор од новите правила на игра. Кревкоста и немоќта први беа поставени на олтарот на жртвувањето. И еве до каде стасавме…
Во стаклената санитарна менажерија на нашите „нови животи“, во која веќе не е најважна вест дека вчера на пациент со телесена попреченост му е ускратена медицинска помош, затоа што бил позитивен на корона вирусот. До стаклени кафези со застаклените фигурки заштитени од сеќавања за, не така дамнешни вести, кога повозрасни лица беа враќани од вратите на медицинските установи како прекубројни за здравствениот систем, во кој цел животен век зад себе и верувале и вложувале. До стаклено-санитарната менажерија во која не постои ни сеќавање за десеткуваните домови за згрижување возрасни лица или лица со посебни потреби. До стаклените ѕвона во кои не допира ни квант-емпатија и кога дневно умираат десетици и десетици сѐ помлади луѓе или до застаклениот молк пред крикот на здравствено покревките и понемоќните кои не можат да бидат имунизирани, но зошто да не им се згази врз маката и загорчи животот со дополнителнителни дискриминиторски тормозења, кога крикот на личното страдање допира само до стаклените ѕидови во сеопштава санитарна менажерија. Идеално скроена само по мерните единици на интересите на власта.
Трамвајот наречен „Желба“. И вакцината, наречена „Среќа“.
Во другава не помалку славна пиеса од Тенеси Вилијамс, „животната белја“ се качува на трамвајската станица наречена „Желба“ и се вгнездува во домот, тивко и без најава. Kако што со вековниот копнеж по трамвај на илјадници жители во нашиот главен град, се вгнездија ликови со лесни и лажливи ветувања за сите останати можни копнежи. Другото име за актуелната македонска власт и на централно и на локално ниво, со полно право можеме да го наречеме, белја.
А, како поинаку да се именува власта, која токму деновиве во санитарнава менажерија во каква што со невидена леснотија ја претвори и кревката држава и уште покревката демократија и сите нас редум, посегнува по кампања во која ветува враќање на среќата, со едно или две, а можеби три вбризгувања на чудотворната анти-ковид вакцина. Белја работа! Небаре среќата допрва треба да се преоткрива како нова идеја во нашите животи. Не, нова е само перверзната замисла дека вакцината може да биде чудотворна инкарнација на среќа и истовремено амнестија и замена за сите други откраднати права, слободи и среќи, што систематски и масовно унесреќуваа во меѓувреме. Ептен белја работа е кога се поткраднуваат и последните изблици на живост, преку нивно претворање во сеопшта конфронација, на вакцинирани против невакцинирани, прележани против непрележани, повитални против здравствено покревки. И вработени против работодавачи, ученици против наставници, наставници против локални власти, дедовци против внуци, деца против родители, браќа против сестри, семејства против семејства.
„Вбризгајте си ја вакцината за сите ваши идни моменти на среќа“, ќе каже најновата владина ПР-кампања. И така најлесно ќе ви се вратат, сите изгубени месеци и години од вашиот живот, во кои среќата и радоста како уплашени срни бегаа пред гласното репетирање од ветувања за подобар живот. Од кои не се оствари ниедно, ни за подобар живот, ни за правда за сите, ни за поголеми плати, ни за чист воздух, ни за бесплатно здравство! Ни за елементарно чувство на национално и државно достоинство, бетонирано во една подолгорочна колективна несреќа.
„Здраво и Збогум“, како што небрежниот татко од семејството Винфилд за последно ќе им испише преку разгледница на најблиските, од таму некаде далеку зад граница. Со исто такво, „Здраво и Збогум“, што наскоро ќе ù се испише на небрежната власт, чија забеганост веќе повеќе од четири години не знае за граници.
Последниот трамвај наречен „Желба“, копнежот за враќање во нормален живот со сите животни радости ќе пристигне повторно за неполн месец, со најновата понуда за локални избори. Да внимаваме и да ги препознаваме со леснотија оние кои нѐ доведоа не само зад застаклени решетки и огради на санитарнава менажерија, туку и до понудена среќа на која системски и смислено и ја одзедоа нејзината иманентна духовна и душевна димензија. Тоа се оние што на среќата и ги сосекоа крилјата, и пред да им се појават и пандемијата и имунизацијата како алиби за сите други политички промашувања. Тоа се оние, што за среќа можат да ви понудат уште само вакцина. Тоа се оние што ќе понудат од истата фирма и „Вијагра“ ако затреба, под графата „за подобра виталност на повозрасните“, или нешто фино домашно за дување, под графата „за поспокојни и поисполнети млади“. И тоа е сѐ што имаат да понудат.
Додека со кикотење на хиени, одѕвонуваат сите нивни лажни ветувања во нашите сѐ уште живи стаклено-санитарни домашни менажерии. Сѐ уште живи?! Затоа што заложбата за заштита на правата на слабите, кревките, немоќните ќе излезе и посилна и потрајна и од нејзиното книшкопрепознавање и од искуственото спознавање. Темјанушките во планините ги распукаа карпите, ќе напишеше кон ова Тенеси Вилијамс. Да не ја занемариме никогаш повеќе таа моќ на немоќните, кревките и послабите и кога ќе ги рушиме стаклените и санитарни менажерии, и во нас и околу нас!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.