Васко Шутаров
(Ред корпускули и ред лудило во воздухот)
Претседателските избори во САД се вистински празник за сите политички сладокусци. И овие први денови од ноември американските избори ги ставија сите други светски случувања во втор план. Сосе галопирачкиот есенски бран на коронавирусот на целата северна хемисфера. Таков првокласен политички театар и вистинска гладијаторска политичка арена не се пропуштаат лесно. Медиумите уште од средината на минатиот век успеваат да направат таква помпа, а поновите медиуми и вистински политички реалити шоу, така што редот налага на еден или на друг начин, да се биде задолжително дел од најголемата политичка пресметка на годината. Битката на гиганти во политиката на секои четири години започнува со првиот изборен вторник во месец ноември, а ако за изборот не се доволни двајцата претседателски кандидати, тука се нивните поубави половини да освојат срца и умови и на оние на кои политиката не им е најважната работа на светот. Ако споредуваме со спортот, на пример, првата асоцијација би биле борбите за олимпискиот трон кој најдобрите спортисти од светот, исто така, на секои четири години имаат прилика да го освојат. Борбата за американскиот претседателски трон мене отсекогаш ми асоцирала на борба за тронот во тешка категорија во професионалниот бокс. Исто таква благородна игра како и политичката, што би рекле Американците. Овие денови од ноември се резервирани денови за Америка, денови во кои на одреден начин секој станува или Амер или Американино, со свој фаворит за изборите. И секој навива за својот победник, кој барем во последните 100 години, станувал и креатор и владетел на светот во духот на Pax Americana. И, секако, станувал неформален господар на судбините на милијарди луѓе на планетава.
Исчитав деновиве бројни статии за познати и помалку познати куриозитети поврзани со сите американски претседатели. Некои од нив и понатаму крајно интригантни, како Џон Кенеди, на пример. За него слушам од најмали нозе и поради тоа што атентатот врз него се случил на денот на свадбата на моите родители во далечната 1963. И зад делумно подотворената Железна завеса на тогашна Југославија, живо се толкувало влијанието на САД врз останатиот дел од светот, па и врз нашите животи.
Две статии на кои случајно налетав деновиве, ме заинтригираа и малку повеќе, па затоа ги споделувам со вас. А, инаку пишан, сликовит и филмски материјал за сите американски претседатели има доволно, таман неколку пати да се обиколи и покрие целата земјина топка.
Во една од тие статии, се спомнува колку Кенеди бил воодушевен од книгата на Ричард Кондон, инаку инспирирана од случувањата за време на Студената војна. Овој бестселер, токму со силна поддршка на Кенеди се екранизира и подоцна станува култен филмски политички трилер. Станува збор за книгата и филмот „Манџуриски кандидат”, во кој една од носечките улоги ја игра блискиот пријател на Кенеди, Френк Синатра. Поради огромната популарност, во 2004 година е направен и римејк на црно-белиот филм од 1962 година. Случувањата во првиот се сместени на корејска почва за време на војната во 50-те години на минатиот век, а вториот е лоциран во Кувајт, за време на Заливската војна. Стожерната оска околу која се вртат и двете филмски стории е ноќта во која американска патрола паѓа во непријателска заседа, за која подоцна ниеден од учесниците нема јасно сеќавање. Но, следот настани при враќањето во САД, уште во почетоците, создава меѓу соборците од единицата одредени недоумици. Најнапред поврзани со помладиот наредник Рејмонд Шо кој добива „Медал на честа” за спасување на патролата од заседа, а набргу и со вртоглав политички подем во американската политичка номенклатура, од конгресмен до кандидат за потпретседател на САД. И вториот главен лик Бен Марко, инаку капетан на патролата, кого по враќањето во САД го следат кошмарни сонови за ноќта во која паѓаат во непријателска заседа. После една случајна средба со уште еден поранешен соборец кој му се пожалил дека и тој ги сонува истите кошмарни сонови, Марко почнува посериозно да истражува што поточно им се случило на фронтот кога паднале во заседа. И заклучува, дека на сите ним кои паднале во заложништво им е вграден имплант со чија помош им се контролира мозокот и сите понатамошни постапки во животот. Во романот и првиот филм, таа потполна контрола врз менталните процеси ја имаат Кинезите, а во вториот компанијата „Манџурија глобал”. И во романот и во двата филма, сижето се врти околу теледиригираното пенетрирање во политиката на друга држава, преку луѓе на кои им се избришани сите сеќавања и кои се апсолутно добро водени во остварување на целите на некои центри на моќ однавор. Манџурискиот кандидат оттогаш колоквијално означува личност која беспоговорно испорачува резултати наложени од туѓи центри и за туѓи интереси. „Бре анасана”, би рекле на ова нашите стари.
Да биде иронијата уште поголема, токму зад атентатите врз браќата Џон и Роберт Кенеди се кријат сериозни индиции за извршители кои и науката денес ги нарекува „манџуриски кандидати”. Одредени сведоштва и протечени инсајдерски информации од неколку најмоќни тајни служби, укажуваат на тоа дека не е само фикција сижето од романот, туку реалност и практика од функционирање на тајните служби, каде редовно со помош на психологијата, парапсихологијата и психотропни супстанци се експериментирало со креирање идеални за навигација агенти, за постигнување одредени цели. Типични, манџуриски кандидати.
Друга една студија, на која налетав деновиве е објавена на почетокот на оваа година од Би-Би-Си – „Не е лесно да се биде американски претседател.” Во неа се цитираат еминенти научници од психологијата кои се занимаваат со психолошките профили на американските претседатели. Почнувајќи од првиот, легендарниот Џорџ Вашингтон, па до последниот – Доналд Трамп. Во оваа рестроспектива за психичкото здравје на првите луѓе на Америка, се зборува за наводниот обид за самоубиство и нервниот слом на Џорџ Вашингтон кога американската војна за независност во летото 1776 година имала свои тешки денови, за Теодор Рузвелт за кој еден часопис за абнормална психологија пишува дека „ќе остане запаметен во историјата како еден од најрепрезентативните психолошки примери за пореметени свесни ментални процеси”, па до сведоштва за тоа, во каква своевидна лудница била претворена Белата куќа по мозочниот удар на уште еден историски важен американски претседател Вудро Вилсон, па до тешката депресија и комплетната професионална неспособност за вршење на претседателската должност на уште двајца од претседателите, Френклин Пирс и Калвин Кулиџ. Ни Ричард Никсон не е поштеден од студии за неговото ментално здравје, низ студии и истражувања во кои се зборува за „добра порција невротични симптоми”, но убедливо највисоки се дометите на развојот на претседателската психологија за времето на Доналд Трамп. Постои и цел еден книжевен поджанр кој целосно е посветен на психијатрискиот кауч наменет за 45.претседател на САД. На тоа, Доналд Трамп, во само нему познат стил алијас стрип-јунакот од нашата младост Денис Напаста, знаеше често да каже дека тој е само еден „многу стабилен гениј”. Тој, за волја на вистината, не се колебаше во ниеден момент да испука вистински политички плотуни кон политичките конкуренти, доведувајќи ја политичката култура на многу проблематичен и лизгав терен, но и да се брендира како неприкосновен цар на мемињата во светот. Американската демократија, сепак, има раскошна традиција и капацитет да ги апсорбира сите овие изблици на луцидност или лудило на своите претседатели, од првиот до последниот. За среќа и радост на индустријата за забава, обложувачниците и игрите на среќа, за кои ваквите податливи политичка игри вистински немаат цена.
А да не беше медиумскиот упад на македонскиот премиер, во типичен негов стил за „деливери казината” токму среде оваа страстна недела за следење на американските претседателски избори, немаше да има ни потполна смисла денешнава тема за испорачувачите во политиката, манџуриските кандидати и менталното здравје на првите луѓе во американската политика. За македонската политика во овој контекст и најмалку, со оглед на досегашниот третман што овие теми во кревката македонска демократска традиција го имаат стекнато како недопирлива и апсолутно забранета табу-тема. Со исклучок на еден луциден проблесок во кампањата за парламентарните избори во 1998, кога во битката на тогашните политички титани на разгорена ТВ-дебата, се продума и за консумирање виски со кокаин на едниот и невообичаените психички испади на другиот, што и ден денешен со жар се прераскажуваат. „Бре анасана, па живи луѓе се”, повторно би рекле нашите. И ни г’к повеќе за темава!
И во сиот подоцнежен разгор на остри политички дебати, македонските политички опоненти во широк лак секогаш ги избегнувале темите за психолошкиот профил и менталното здравје на другиот (барем на јавна сцена), но избегнувајќи ја на ист начин и темата за манџурискиот кандидатски капацитет, оставајќи ги и двете теми да бидат само слатки теми за кои тивко ќе мрмори јавноста.
А податлив материјал и за евидентното забегување и постојаните испорачувачки налози кои во континуитет пристигнуваа сиве овие изминати триесет, а посебно последниве три години на македонската политичка сцена, колку ни душа сака.
Но, само ако се присетиме за час, како еден ваков политички интерлудиум во светската политика за време на американските претседателски избори од ноември 1992 годинана, беше искористен за акцелерирање на југословенската криза на распаѓањето во најкрвава војна на европска почва по Втората светска војна, мала е утехата ако и овојпат само ги спуштиме немоќно рамената и си кажеме: „Па да, ова не е Америка!“
Македонија не е Америка! И затоа, можеби само кај нас „корпускули лелујаат во воздухот” што би рекол првиот човек на македонската Комисија за заразни болести. Но, ашколсун на кој било негов колега од други медицински гранки, пред сѐ психијатриските, кој би имал професионална доблест да отвори и кај нас дебата и тоа без скрупули и лажен морал, за „долготрајното лулеење на политичко лудило” и неговото влијание врз менталното и физичкото здравје на граѓаните на Македонија. Колку да одмориме барем за момент од корона-лудилово и барем во нешто да заличиме на Америка.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.