Петар Поп-Арсов
Среда, 15ти септември, некаде пред полноќ. Време за спиење. Одеднаш телефонот почнува да сигнализира. Пристигаат нотификации на социјалните мрежи како денот тукушто да започнал. “UK Prime Minister is live now”! Неколку секунди потоа пристигнува нотификација и од преку Атлантикот, “The White House is live now”! Вклучувам CNN, и таму „нешто гори“! Заедничка пресконференција на американскиот претседател, Џо Бајден, британскиот премиер, Борис Џонсон, и премиерот на Австралија, Скот Морисон. Заедничка, но во современ манир, онлајн! „Сите по дома“, а сепак заедно пред очите на целиот свет!
Што беше тоа што буквално во пет до дванаесет, по наше европско време, сакаа да ни го соопштат тројцата лидери?
Формиран е АУКУС (AUKUS – Australia-United Kingdom-United States)!
„Австралија, Обединетото Кралство, Соединетите Држави!
Поморски демократии! Обединети и поврзани преку огромни океани низ три континенти! Во мир и во време на потреба! Водени од трајните идеали што ги споделуваме, демократијата, истрајноста и способноста за прилагодување кон предизвиците, иновацијата и диверзитетот, нашите три нации се обврзуваат да го зајакнат глобалното партнерство и да работиме за слободата и безбедноста на нашите луѓе, за мир и стабилност на Индо-Пацификот и за доброто на светот!“
За доброто на светот?!
Ова е наративот кој претставуваше вовед во историската пресконференција на тројцата лидери. Ова е наративот кој имаше улога на лубрикант за полесен прием на вистинската вест, формирањето на сојуз за спротивставување на Кина и експанзијата на кинеската моќ во Индо-Пацификот. Тоа беше наративот кој требаше да претставува амортизер за Индо-Пацифичкиот тектонски потрес кој со светлосна брзина предизвика цунами дури на Атлантикот, во Европа, потопувајќи ги во миг односите меѓу евроатлантските сојузници.
Формирана е алијанса, пакт, сојуз, наречете го како сакате, помеѓу Австралија, Британија и Америка!
Што ни соопштија тројцата лидери?
Што беше тоа што можеше да се прочита во длабочините на нивните, навидум јасни и лесно разбирливи пораки? Што беше тоа што предизвика шок и изненадување дури и кај најблиските партнери? Тоа што ниту најсофистицираниот сонор не успеа дотогаш да го открие, се до моментот кога тројцата лидери, како скриени подморници на нуклеарен погон, изронија од Индо-Пацификот соопштувајќи ја веста за формирањето на АУКУС?!
„Се роди АУКУС – ново засилено трилатерално безбедносно партнерство помеѓу Австралија, Обединетото Кралство и Соединетите држави. АУКУС, партнерство каде што нашата технологија, нашите научници, нашата индустрија, нашите одбранбени сили работат заедно за да обезбедат побезбеден и позаштитен регион, што на крајот ќе им користи на сите.“ – беше воведната порака на австралискиот премиер, Скот Морисон.
Беше краток, јасен и фокусиран исклучиво на улогата на Австралија во контекст на сопствената заштита и придонесот во партнерството со далеку поголемите воени сили, САД и Британија. Тој, покрај вообичаената реторика и останатите „бла, бла“ фрази од типот: „Ние отсекогаш верувавме во свет кој ја фаворизира слободата, свет што го почитува човечкото достоинство, владеењето на правото, независноста на суверените држави и мирното заедништво на нациите.“, ја соопшти „суштинската“ причина за формирање на АУКУС која е од исклучителен интерес на неговата земја: „Првата голема иницијатива на АУКУС ќе биде испорака на флота од подморници на нуклеарен погон за Австралија.
Неговото дополнително објаснување дека „Австралија не се обидува да стекне нуклеарно оружје или да воспостави цивилна нуклеарна способност.“, делуваше како една од оние изјави на Брус Вејн: „Јас не сум Бетмен“! (позајмена досетка)
За Австралија овој сојуз е од огромен значење, како во воена така и во егзистенционална смисла. Австралија беше особено вознемирена од модернизацијата и порастот на моќта на кинеската морнарица во водите на Индо-Пацификот. Кина ја надмина Јапонија, Индија, но и Австралија, што претставуваше аларм за потребата од модернизација на конвенционалната австралиска флота на подморници на дизел-електричен погон. Во времето на претседателот Трамп, чии што експлицитни критики кон сојузниците беа доживувани како офанзивни и навредливи, ја стимулираа официјална Канбера да ги диверзифицира своите безбедносни партнери. Тука лежи причината зошто Франција, преку француската државна компанија „Навал груп“, го „добива бизнисот“ за производство на нови, пософистицирани подморници, дизел-електрични, но со перформанси на нуклеарни подморници. Некој вид на „дрвено железо“!
И така тргна приказната за подморниците.
Но, дали се во прашање само подморниците?
Морисон во истата прилика даде вовед и во некои далеку посуштински компоненти кои што во себе ги содржи проектот АУКУС, а кои што повторени и надополнети од Борис Џонсон и посебно од Џо Бајден, ги оцртаа контурите на силуетата на новородениот џин и неговата вистинска мисија.
Да одиме со ред.
Противниците на британското учество во овој пакт зајадливо ја нарекуваат Британија „петтото тркало“ на колата. Нејзиното учество го доживуваат како изневерување на европското партнерство. Токму затоа, имајќи го во предвид доскорешното Британско членство во ЕУ, Борис Џонсон во своето обраќање беше прилично воздржан и внимателен со цел да не ги иритира дополнително доскорешните ЕУ партнери. Тој претежно се фокусираше на значењето на Британија како една од водечките земји во сферата на науката и технологијата, како и на можноста за зајакнување на британската улога во овие области кое ќе следи благодарение на АУКУС.
Но, Борис Џонсон се надоврза на една мошне интересна констатација искажана од Морисон, со што на истата и даде особена важност и сила. Џонсон рече:
„Обединетото Кралство, Австралија и САД ќе бидат уште поблиску поврзани, со изразен степен на меѓусебната доверба, длабочината на нашето пријателство и трајната сила на нашите заеднички вредности на слобода и демократија.“
„Австралија е еден од нашите најстари пријатели, сродна нација, демократија и природен партнер во овој комплексен проект.
Најстар пријател, сродна нација и природен партнер!
Клучните термини во проектот АУКУС!
Наликува на британско враќање кон подзапоставената „англосфера“ и Комонвелтот, со што му дава суштина и објаснување на „Британскиот ЕУ егзит“.
Бајден беше брутално јасен! Независно од тоа што и тој како неговите колеги јасно повтори дека се работи исклучиво за пакт во рамки на кој првично е предвидено Австралија да биде снабдена со подморници на нуклеарен погон, но не и да бидат вооружени со нуклеарно оружје, тој отиде чекор понатаму.
„Нашите нации и нашите храбри борбени сили стојат рамо до рамо буквално повеќе од 100 години“, рече Бајден, набројувајќи ги сите војни во кои трите земји беа сојузници, почнувајќи од Првата светска, преку Втората светска, Корејската и војната во Персискиот Залив. „Соединетите држави, Австралија и Обединетото Кралство одамна се верни и способни партнери, а денес сме уште поблиски.“
Бајден гледа на АУКУС како на продлабочување и формализирање на веќе постоечкото долгогодишно стратешко партнерство во рамки на кое е препознаен императивот за осигурување на мирот и стабилноста во Индо-Пацификот, на долг рок!
Старите партнери од минатото, формално стануваат нови партнери, и тоа на ДОЛГ РОК!
Интересни пораки! Јасни маркери со кои се дефинира стогодишното пријателство! Интересни примери на водени војни во кои се калело пријателството на трите земји!
А кои беа непријателите и сојузниците во наброените војни? Подобро да не навлегуваме во детална анализа затоа што со сигурност ќе констатираме дека секој војувал со секого и секој против секого. Овие пораки се особено индикативни за европските НАТО партнери на САД и Британија.
Франција е во шок! Макрон е надвор од колосек, независно од тоа што Бајден направи обид да амортизира, истакнувајќи дека:
„Франција има значително индо-пацифичко присуство и е клучен партнер и сојузник во зајакнувањето на безбедноста и просперитетот во регионот. Соединетите држави со нетрпение очекуваат тесна соработка со Франција и другите клучни земји додека одиме напред.“
На Макрон му се случува воведување на „нова методологија на преговори“! Слична на онаа каква што во последен момент побара да биде воведена од страна на ЕУ за Македонија и останатите земји кандидатки за членство. Само што оваа е многу појасна, поизразена, на повисоко ниво и со реални буџетски импликации по француската воена индустрија и француската држава. Губењето на бизнисот со производството на подморници на дизел-електричен погон е класична опомена во пракса со јасно изразени консеквенции. Низата од дипломатски укажувања од страна на САД за потребата од заокружување на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан и стабилизација на овој регион со што ќе се превенира растечката пенетрација на кинеското и руското влијание е заменета со конкретен недипломатски чекор на другиот крај од светот.
Пактот во Индо-Пацификот е порака дека американското трпение е при крај и дека чашата наскоро би можела да биде прелиена. АУКУС е порака дека повеќе нема толеранција на двојните лицемерни игри кои го поткопуваат евроатлантскиот сојуз, во кој најголемиот влог го имаат токму САД, меѓудругото и за осигурување на безбедноста на најголемиот број од европските земји. Она што Трамп постојано им го говореше на европските лидери за недоволното исполнување на нивните финансиски контрибуции кон НАТО, Бајден со пример го преточува од зборови на дело.
Америка пред сѐ! И по Трамп, Трамп… или Бајден?! По се изгледа дека е сеедно!
АУКУС е порака до официјален Брисел (ЕУ) и разгалената бриселска бирократија која никако не сака да излезе од комфорната зона. Индолентниот и неефективен однос на најблиските партнери повеќе нема да биде третиран само со „нежни“ дипломатски укажувања. Пораката на АУКУС до Франција е опомена и за Германија, според онаа народната „Ти зборам ќерко, сети се снао“! Тоа е опомена за нејзината промискуитетност со гасоводите Nord Stream 1 и Nord Stream 2. АУКУС е потсетување и на неуспешната германска авантура со процесот на проширување на ЕУ за време на нивното претседавање. Обидот на германското воскреснување на поредокот и идеите за односи на силите на Балаканот како од времето на Втората светска војна, кое резултираше со блокада на македонските евроинтеграции, но и со контра блокада на германски предлог на заклучоци, скапо ја чини Бугарија која сеуште не може да излезе од изборниот вртлог и да формира политичка влада.
Колкава цена ќе плати Германија?
Токму затоа се исклучително силни и значајни пораките на Џонсон и Бајден дека АУКУС е сојуз на старите пријатели, сродни нации и природни партнери! АУКУС е субсојуз во кој Америка и Британија попрецизно го дефинираат просторот зад сопствениот грб и јасно ставаат до знаење дека времето на дипломатската нежност помина. Повеќеслојниот АУКУС, покрај справувањето со кинеското вјијание на Индо-Пацификот, има за цел да ги дисциплинира европските партнери на САД и Британија, кои како недораснати деца или партнер кој изневерува дозволуваат да се руши системот, стратегијата и политичкиот интерес токму на европскиот континет, пред нивниот нос.
Пораките од АУКУС треба со внимание да бидат примени и анализирани во македонската влада. Нема потреба од брзоплети, несмасни и штетни изјави на Заев со кои се релативизираат историските факти. Нема потреба од избрзано редефинирање на некои воспоставени термини од македонската историја со цел набрзина да се одоброволат Софија, Берлин и Брисел заради „повторно“ добивање на датум за преговори. Работите се сменија! После АУКУС веќе не се исти! Интересот на Америка, стратешкиот партнер на Македонија, е постоењето на македонскиот државен субјективитет. Секој обид за негово изчезнување, разнебитување или растворање по пат на осмоза, со намера за претворање во втора бугарска држава, е директен судир со американскиот интерес на Балканот. Брзањето на Заев за редефинирање на историските факти може да се сфати на два начина, или како незнаење и борба за неговото голо опстојување на власт или како колаборационизам по примерот кој што и самиот го даде за колаборационизмот на поедини Македонци со бугарскиот фашистички окупатор од времето на Втората светска војна.
Јас би сакал да верувам во ова првото!
За второто? За второто ќе му се случи некој „АУКУС“!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.