Петар Поп-Арсов

Пак редици и гужви пред банките и поштите! Повторно турканици! Ако до пред само една недела немаше турканици и гужви во маркетите, сега и таму ги има! Ова е епилогот од најновите мерки на владата, во моментално најзагрозениот град во државата, Куманово.

Очигледно дека мерките се носат без темелна анализа, без познавање на начинот на функционирање на населението и без никаква вертикална координација меѓу локалната и централната власт. Нема координација меѓу највисоките функционери од една иста политичка гарнитура. Нема координација меѓу Максо и Оливер!

Техничкиот премиер и градоначалникот на Куманово се кумановчани. Двајцата треба добро да ги познаваат навиките, потребите и начинот на функционирање на нивните сограѓани. Токму тие треба најдобро да ги познаваат луѓето од кои ја добиле довербата и во моментов кога ги извршуваат најодговорните функции на државно и локално ниво.

Почитувани Оливер и Максим! Во Куманово ве познаваме сите. Сите го знаеме вашиот меѓусебен анимозитет, лична нетрпеливост и политички ривалитет. Во политиката е добро да постои амбиција, конкуренција и натпревар. Навикнавме и дека во политиката е нормално да постои задавање на ниски удари и подметнување сопки. Но, почитувани сограѓани, највисоки функционери во државната и локална власт, НЕМОЈТЕ СЕГА! Куманово има највеќе заболени по глава на жител и најголем број на смртни случаи. Погубно за градот и за државата ќе биде ако тестот за вашата способност на крајот покаже негатив!

Немојте сега да го зголемувате вашето меѓусебно инаетење со ист експонент колку што е експонентот на растот на заразата и болеста. Немојте сега дополнително да стварате поделби во вашите политички редови и дополнително да ја зголемувате поделбата на вашите лични подржувачи во рамки на вашатапартија. На Куманово во моментов тоа најмалку му треба. Закопајте ги вашите „воени секири“ и фатете се за вистинска работа, меѓусебна соработка и координација. Пратете сигнал до сите останати да се обединат во борбата против ова зло, како во Куманово така и во цела Македонија.

Почитувани Оливер и Максим! Не се објавува воведување на полициски час во пет до дванаесет. Граѓаните не се вашите противници или непријатели „па дај да ги изненадиме и фатиме на препад“ со воведување на полициски час, без претходно да бидат направени неопходните подготовки. Не се постигнува ефект на таков начин! Напротив, беше постигнат контра ефект од кој ќе произлезат многу нови случаи на заразени и болни во наредниот период.

Вклучете експерти од секоја област во работата на кризниот штаб. Раширете го кругот на комуникација, не комуникација во смисла на физички контакти, туку комуникација во смисла на размена на мислења, предлози, идеи, укажувања. Создадете организирана мрежа од паметни, искусни и оперативно способни луѓе кои ќе ви помагаат во вашата работа. Вклучете претставници на опозицијата за да помогнат во решавањето на проблемот. Одлуките на крајот од денот ќе бидат ваши, но и одговорноста ќе биде ваша, исто како што е и сега.

Најдете решение за турканиците пред банките. Ќе ги праќате ли пензиите преку пошта или на друг начин, незнам, но направете анализа и донесете вистинско решение. Тргнете ги оние сироти луѓе од пред влезовите на банките кои се доведени во состојба „пари или живот“. Има многу сериозни предлози кои деновиве доаѓаат од повеќе страни, политички лидери, експерти, граѓани. Баталете избрзани решенија и пристапете кон брза, но темелна анализа со цел усвојување на најдобрите можни решенија. Залудни се сите активности во здравствениот сектор ако останатиот дел од општествените активности се несоодветни во однос на актуелната криза. Јалови и задоцнети ќе бидат и евентуалните мерки за масовно тестирање, кое што во моментов и така го нема и дали воопшто ќе го има?!

Зошто нема масовно тестирање? Незнаеме! Нема официјална информација од министерот за здравство! Причините за отсуство на масовно тестирање може да ги  дознаемеод информации споделени од претставници на опозицијата, како што беше неодамнешното интервју на потпретседателот на опозициската партија, Александар Николоски. Човекот ја информираше јавноста дека нема доволно персонал за спроведување на анализи на земените брисеви. Рече дека нема доволно машини за испитување. Луѓето чекаат и по 7 до 10 дена за резултатите од сопствените тестови. Згора на се, нема ни доволно тестови. Луѓето ни умираат во момент кога ги добиваат тестовите или пак болеста се потврдува после смртта. Работава се сведе на „тестирање за живот“!

Помошта од надвор е симболична. Словенија и Унгарија први „повлекоа нога“ и донесоа помош. Знаеме кој ги повика и кој ја побара нивната помош. Турција, и покрај дилетантскиот дипломатски потег со некаква си блокада или смешни санкции што и ги воведовме на оваа земја, само со еден потег „ја урна целата блокада“ упатувајќи помош за Македонија. Бојко најавува стотина мантили или скафандери да бидат испратени од Бугарија за медицинскиот персонал во првите борбени редови во Македонија.

Сето ова треба да ги стимулира оние најодговорните во власта, министрите големи, за да ги активираат своите партнерски врски и да издејствуваат помош. Дај боже нивната досегашна политика да се засновала на некаков партнерски однос и искрени лични контакти, а не само на вазалски однос кој што во ваква криза никој нема да го есапи.

Тука е и економијата. Кризата веќе тропа на нашите врати. Нема да бидеме исклучок од останатите земји во светот, но мора да ги засукаме ракавите и да го береме нашето гајле.

Уште еден значаен момент ми остави особен впечаток од гостувањето на Александар Николоски на една од националните телевизии. Тој е првиот актуелен политичар кој јавно ги повика банките да се вклучат активно во превенирање и справување со оваа криза. Тој е првиот кој упати добронамерна критика укажувајќи дека банките не се затворен систем сами по себе. Тие зависат од граѓаните и стопанството, аекономското пропаѓање стопанството и граѓаните неминовно ќе има негативни импликации и врз банките. Точно е дека овој сектор треба да остане стабилен во овој момент, но во услови кога сите се погодени од кризата треба и банките да сторат нешто и на пример да се откажат од оние фамозни камати за овие неколку месеци. Барем толку можат да издржат и да поднесат. Или пак мислат дека кризата ќе трае два-три месеци, па потоа повторно се ќе биде исто.

Е нема да биде исто! Ништо во светот после оваа криза нема да биде исто! Се надеваме дека ќе ги извлечеме поуките и ќе биде подобро. Но, за да биде подобро мора да се поставиме како за криза која ќе трае многу подолго од два-три месеци, со цел истата навистина да трае само толку. Доколку се поставиме обратно и превземаме мерки како за криза од два месеци, тогаш неминовно ќе се соочиме со нешто кое ќе трае многу, многу подолго од два или три месеци.

Банките имаат сериозни и искусни менаџери кои одлично ги познаваат состојбите во државата, особено кај стопанските субјекти. Нивни интерес е сето ова да заврши со најмали можни негативни последици. Токму банкарите, заедно со стопанствениците, стопанските комори, експертите и универзитетските професори, занаетчиите, угостителите и сите останати, треба да бидат столбовите кои ќе и дадат поддршка на македонската економија, како и поддршка на онаа кревка министерка за финансии, која за жал не влева ама баш никаква доверба, и на која, токму во овие моменти, СЈО и беше поважно од се друго во државата.

Немам ништо паметно да додадам, освен тоа дека е потребно целосно искористување и добра организација на сите човечки, финансиски и останати ресурсисо кои што располага државата. Потребно е ставање на суетите на страна, меѓусебните несогласувања да бидат одложени за после кризата, за да можеме на раат,„како луѓе да си се караме и расправаме“.

Сега ни е потребно единство!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.