Д-р Кирил Лазов

Пливање на суво, нуркање, глумење се само дел од термините што се користат за ситуациите кога цврстите фудбалери, паѓаат како да ги удрил гром, иако, никој воопшто не ги допрел. Оваа уметност кај Италјанците е најразвиена, а посебно Кристијано Роналдо ја доведе до совршенство. Оваа уметност е доста развиена и кај нас, посебно во политиката, а најзастапена во изјавите на политичарите.

Во ек на корона вирусот или Сарс-КоВ-2 или Ковид-19 нема фудбал, ама пливање на суво има и те како. И не само пливање има и давење, чунки не знаат да пливаат. Ама нели надежта последна умира, па може и ќе се научи.

Велат “Dies diem docet” или „Денот на денот му е поука“, но ако беше така до денес лекцијата требаше да биде научена, макар и онаа со пливањето, барем кога се во прашање медиумските изјави и пресовите кои станаа дневна рутина на нашиот министер за здравство, Венко Филипче, кој ги игра и прифаќа сите улоги, но за жал најмалку министерската за која е платен.

Иако многу пати до сега укажавме и јас и многумина од колегите, банализмот и популизмот продолжува стилски да ги изведува. Медицинскиот персонал и понатаму е неесодветно заштитен и се снаоѓа како знае и умее, а министерот е глув и нем пред барањата на луѓето во белите мантили кои се на првата борбена линија во справувањето со корона вирусот. Наспроти сите барања и молби, министерот своеглаво продолжува да плива на суво, да си носи неинформирани одлуки и иронично да препорачува да се почитуваат протоколите и упатствата, а не е јасно на кои протоколи мисли. Сарказмот да биде поголем во јавноста со брзина на светлината се прошири изјавата дека медицинските лица заболуваат оти несоодветно ја користат заштитната опрема. Секако не не изненади! Го очекувавме ова само беше прашање на време.

И наместо министерот да го заштити својот кадар кој со денови гори во огнот во борбата со вирусот, полн со заевистички полтронизам продолжува да ја манипулира јавноста инфицирајќи ја со уште поопасниот вирус на лагите. Министре, сто пати кажана лага станува вистина, велат старите. Вие очигледно почнавте сам да верувате во сопствените лаги дека медицинскиот персонал има доволно опрема и е соодветно заштитен.

Време е да се извадат розовите очила и да се погледне на реалноста за да се согледа. Време е сериозно да се зафатите со менаџирање на кризата која ја предизвика пандемијата од корона вирусот и да го залечите и онака нездравиот здравствен систем кој го имаме, а сега кога е најпотребно да биде здрав излегоа сите недостатоци на виделина.

Јас ќе ве потсетам на нешто што можеби сте подзаборавиле во однос на дефинирање на здравје, но ве молам читајте го во контекст на здравјето на здравствениот систем. Во античкиот период Пиндар го дефинирал здравјето како „хармонично функционирање на органите“. Оваа дефиниција и во денешно време не губи од своето значење, бидејќи хармонијата во функционирањето на органите претставува главен предуслов за целосна здравствена состојба. Исто така, оваа дефиниција го става акцентот на медицинскиот концепт на здравјето кој смета дека болеста е последица од нарушување на ткивата и органите и нивното функционирање. Причина за нарушувањето е дејствувањето на некој надворешен причинител којшто е штетен за човечкиот организам.

Ако здравството е тој човечки организам лошото менаџирање е штетниот надворешен причинител поради кои е нарушено функционирањето. Но тоа не се лечи со самобендисаност и полност со себе. Не се лечи со
неприфаќање на добронамерните стручни укажувања. Не се лечи со ширење невистини во јавноста. Не се лечи со пливање на суво и давење во своите изјави.

Напротив, потребен е концепт и стратегија. Потребно е излегување на терени застанување рамо до рамо со медицинскиот персонал. Само така ќе согледате со што се соочува медицинскиот персонал и само така вистински ќе им помогнете на медицинските лица и ќе им ја олесните борбата со корона вирусот.

Човештвото отсекогаш живеело и ќе живее во присуство на најразлични извори на небезбедност, опасностите што нè опкружуваат постојано се менуваат и за жал предизвикуваат сè поголеми страдања, последици и штети. Ние сме сведоци на тоа!

Наша заедничка обврска е што подобро да ги запознаеме и подготвено да се соочиме со нив!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.