Петар Поп-Арсов

Велеа дека третата светска војна ќе биде војна на нуклеарното оружје. Четвртата, војна на лакот и стрелата! По се изгледа дека човекот незапирливо граби напред во својата деструктивна инвентивност, при што опасноста од војната со атоми ја трансформираше во отворен судир со оружје со далеку поголеми димензии од јадрата на ураниум и плутониум, „неговото височество“ Корона вирусот.

Кој со кого, кој против кого, допрва ќе разберат оние кои што ќе ја преживеат оваа безмилосна војна за живот и зачувување на физичкото и менталното здравје на човештвото?!

Можеби војнава на вируси не е војна! Можеби е само показна вежба и подготовка за нешто многу поголемо и пострашно! Но, војната на вакцините дефинитивно е војна! Светска, на светско ниво! Трката за пронаоѓање и производство на првата вакцина се претвори во војна чија вакцина е подобра и поефикасна.

Се води медиумска војна. Обвинувања за хакерски напади и крадење на податоци поврзани со производството на вакцини. Светот како да е поделен по геополитичка шема за тоа која земја со каква и чија вакцина ќе го вакцинира сопственото население. Или, како што би рекле вљубените во теориите на заговор, светот е поделен по геополитичка шема на чипирање.

Зависи само од тоа под чија јурисдикција на „чипирање“ спаѓа некоја земја. Ефикасноста и заштитната компонента што ја пружаат различните вакцини, се сосема во друг план. Можеби не сум во право, но таков впечаток и таков логичен заклучок се наметнува и создава од сето она што го гледаме и слушаме.

Оксфордската, Фајзер и Бионтеч, руската, кинеската, Модерна и уште неколку модерни и современи вакцини кои се подготвуваат во Франција, е понудата која го подели светот. Го подели до степен да негативните кампањи и немилосрдната “blame game”, што меѓусебе ја водат „завојуваните страни“, директно им одат во прилог на противниците на вакцинирањето.

Токму тие, антиваксерите се третата и во случајов најстабилна и најпредвидлива варијабла во равенката. Тие мудро молчат! Молчат, или можеби умешно долеваат масло на огнот, мултиплицирајќи го негативниот ефект на играта на бламирање на противникот со поинаква вакцина.

А во суштина не се противници! Сојузници се! Сојузници во војната против вирусот и пандемијата која ја загрозува целокупната светска популација и светска економија! Недоволно! Недоволен мотив да се надвладее мотивот за профит, доминација и потиснување на противникот, пардон, сојузникот, или што и да е во конкретниов случај?!
Кај сме ние? Ние Македонците! Нас никој не сака да не вакцинира! Ниту пак сака некој да не чипира! Барем не бесплатно! Западот не отпиша, во истокот не сакаме да се запишеме!

Големите светски играчи ја започнаа вакцинацијата на сопственото население. Вакцинација, проследена со сите можни проблеми и слабости со кои се соочуваат и кои како што гледаме ги решаваат во од. Соседите започнаа или најавуваат набавка и скорешен почеток на вакцинацијата уште во текот на овој месец.

Србија, Грција, Бугарија, па дури и Албанија се два чекора пред нас. Купуваат вакцини! Со пари! Со пари од сопствените граѓани заради заштита на здравјето на истите тие, сопствени граѓани.
Што правиме ние? Чекаме донации, милостина од Ковакс и лицемерни понуди од по некој сосед! Македонија е можеби единствената земја во Европа која што целокупната сопствена стратегија за набавка на вакцините ја темелеше на донации и просјачење.

Нашиве од владата бараа почеток на преговори со ЕУ, велејќи дека сме подготвена земја за полноправно членство, а во исто време просеа од она ситното што таму ќе остане. Просјаци и бездомници не се примаат во полноправно членство во ЕУ! За нив постојат институции и установи за нивно згрижување. Нема да ме зачуди доколку во тековнава година наместо почеток на преговори, ЕУ ни понуди членство во некоја алтернативна европска установа за просјаци и бездомници.

До тука ја доведоа државата!

Набавката на вакцини ја преспаа. По се изгледа, за најавеното тридневно испраќање на старата 2020 година, дома во пижами, имале сериозни тримесечни подготовки при набавка на вакцините, исто, во пижами. Најважно беше да фрлат милиони народни пари во гасоводниот проект ГАМА, носејќи контраверзни законски решенија.

Се обидоа со полулистичка мерка да ги наградат здравствените работници кои имаат директен контакт со заразените граѓани со SARS-CoV-2, при што направија сериозна поделба и дискриминација кај нив. Огромен број на здравствени работници, кои реално имаат директен контакт со заболените од Ковид 19, останаа надвор од оваа владина мерка. Каде се тука лекарите и сестрите од примарното здравство, оние што ги дефинираме како матични, оние кои што имаат директен контакт во првите и највирулентни денови на секој заболен. Тие кои што се судираат на првата борбена линија со смртоносниот вирус и кои безрезервно ја пружаат онаа прва помош и терапија кои се од пресудно значење за понатамошниот тек на болеста. Кај се многуте други кои владата ги занемари, исто како што ја занемари набавката на вакцини?!
Ги нема!
Тука се Заев и Филипче! Свежи, релаксирани! Си возат моторчиња-тракторчиња, или како и да се викаат оние превозни средства на четири тркала кои служат исклучиво за чалам и набивање на комплекс на пониска вредност кај обичниот народ. Кој нормален човек би планирал да издвои пари за мотор на четири тркала за да се ака по планините. Можеби ќе издвои за кола, мотор, скутер, велосипед или за јавен превоз, но за оние чуда на четири тркала, кои за ништо корисно не служат, нормален човек не помислува ниту во сопствените најскриени мисли. Во ист ден го видовме „технолошки најнапредниот“ начин за рекреација по македонските планини и музејските експонати од противпожарни возила кои го гаснеа пожарот во „неговиот“ струмички Глобал. Во ист ден ги видовме сјајот и бедата на Заев и Филипче. Во ист ден го видовме нивното лично богатство и сиромаштијата на земјата која ја водат.
И после се, ние треба од такви луѓе да очекуваме да се грижат за здравјето на сопствените граѓани и навремената имунизација со потребните вакцини. После се, токму од овие два лика треба да очекуваме да ја вклучат Македонија во некоја од светските „оски и блокови“ на глобалната војна на вакцините. Од овие луѓе ли да очекуваме да дозволат стручната јавност да даде свој коментар и мислење за сите алтернативи кои што ни стојат на располагање во функција на успешна имунизација на населението? Од овие „богаташи“ на лично ниво и „просјаци“ на ниво на државни функционери да очекуваме да повлечат потег со кој ќе ја извадат Македонија од дното на кое ја доведоа. Македонија, петтата земја со најголема смртност по глава на жител во светот!
По се изгледа војната на вакцините ќе ја поминеме во пижами. Ќе си стекнеме природен имунитет преку директната зараза со вирусот, молејќи се на Господ да не загубиме некој од најблиските. Ќе останеме „неутрални“ во оваа војна. Неутрални, не заради нашата неутралност, туку заради нашата индолентност и неспособност.
Нека е Среќна Новата 2021 година! Ќе ни ја треба среќата за да ја преживееме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.