Предраг Димитровски
Што се вели, уште непочнат денот, а со првото отворање на сајтовите човек доживува шок, неверување, вчудоневиденост! И се соочува со реалноста во која е изгубена секоја мерка на елементарно политичко однесување на власта, која се најде распната меѓу сопствените интереси и желби, но на сметка на граѓаните и целото општетсво. Како поинаку да се сфати од една страна пост скриптум пораката на вицепремиерот Бујар Османи дека денеска бројот на новозаболени од корона вирусот е уште позагрижувачка, а од друга, партиското соопштение на владејачкиот СДСМ во кое повикува на избори во првиот можен рок! И кој од нив, Османи или СДСМ, ни ја продава вистината и реалноста и низ какви очила – обични или розови?!
Вчера, недела, 31 мај, Македонија регистрираше двајца починати и 62 новозаболени од коронавирусот. Бројка што е најголема по регистрираниот пик од 107 новозаболени уште во текот на април. Ако денешната бројка биде поголема, како што нè подготвува вицепремиерот Османи, тогаш тоа ќе значи дека рушиме нови црни рекорди и оти се приближуваме до нов пик! А, тоа, пак, е знак дека сè уште сме далеку од смирување на состојбата.
Владејачкиот СДСМ целосно „одлепи“! Или не знае што се случува и дефинитивно го има изгубено секое чувство за реалност или, пак, бескрупулозно и насилнички тера сопствена партиска агенда, што нема допирни точки ни со здравјето на граѓаните, ни со нивните интереси, уште помалку со тие на државата и општеството во целина.
Кој ли им е тој, што им ја спроведува стратегијата преку медиумската пи-ар машинерија, која не мрднала ни милиметар од пропагандата од типот „Црвена застава ви прикажува“!? Јас не знам, они си знаат. Но, образложенијата за итни избори може да ги напише само некој „црпнат“. Па, од „црпнат„ лидер, преку „црпнат“ пи-ар лесно се стигнува до „црпната“ партија.
За СДСМ изборите се поважни за здравјето на граѓаните и од кафеаните, и од спортските натпревари, и од славите и веселбите. Ако сме можеле да ги правиме овие, сигурно ќе сме можеле да одиме на избори, бидејќи тие „се целосно безбедни“. И, замислете, секој термин кој ќе навлегол во летниот период, ќе го загрозел гласачкото право на граѓаните, зашто ќе го спротивставело со правото на одмори! И затоа изборите требало да се случат веднаш!
Мореее, будалштиниии! Дали се слушаат што воопшто зборуваат!?
Сега со ред. Ако изборите биле поважни за здравјето на граѓаните, тогаш зошто во изборниот материјал што веќе го делат им стои дека епидемијата е ставена под контрола? Кога повеќе од очигледно не е! Значи, кога го подготвувале материјалот не тргнале од реалната состојба со пандемијата со корона вирусот, водејќи сметка, пред се, за грижата за здравјето на граѓаните, туку од чисто партиски и политички проценки и интереси! И тие и такви партиски и политички интереси биле одлучувачки и во укинувањето на мерките за спречување на ширењето на смртоносниот вирус.
Отворено се коцкале со здравјето на граѓаните! А, зошто? За да можат сега да кажат дека ако можат граѓаните да одат по кафеани, спортски натпревари, слави, веселби, па и по продавници, тогаш ќе можат да одат и на избори. Види мајката! Кој дозволи и кога да се оди по кафеани? Каде тоа има спортски натпревари во државата? Слави и веселби! Па, што мислат во СДСМ, дека сите се синови на Амди и можат да си организираат забави со танчарки?! Глупости. И каква нискост. Да се споредува одење во продавница со одење на избори. Во продавница оди еден член од семејството на ден, два, три… Не оди цело семејство. Дали тоа значи дека на избори ќе може да оди само по еден член на семејството дневно или на два, три дена?
Останатите членови ќе одат исто на ден, два, три…на гласање? А, што значи поистоветување на продавница со избирачко место? Ќе има пластични или стаклени паравани пред членовите на избирачките одбори и пред набљудувачите и при броењето на гласачките ливчиња?
Вистински „бисер„ е правото на одмор. Од кога тоа правото на одмор има предност пред правото на здравје и живот!? И за кои денови на одмор говорат? За оние што мораа да се искористат до крајот на мај од ланскиот или за оние од првиот дел од годинешниот одмор, што исто така требаше да се искористи?
Дали знаете на што се должат следните симптоми: емоционално студенило и одалеченост, импулзивност и агресивност, недостаток на самоконтрола, недостаток на чувство на вина и каење, непочитување на законите, кршење на моралните норми, неорганизираност и недоверба, променливо расположение, упорно лажење и искривување на вистината, обвинување на други за сопствените недела, манипулирање и злоупотреба на други? Ви се гледаат познати или можете ли да ги препознаете кај одредена личност? Убеден сум дека ќе ја препознаете, особено преку „упорното лажење и искривување на вистината“. Само што ова сега се трансформира и во одредена политичка структура.
И, да, споменатите симптоми се од доменот на менталното здравје и се карактеристични за социопатијата. Ссоциопатијата е назив за личност, која боледува од антисоцијално пореметување на личноста, што значи дека е во прашање или вродена или стекната состојба. А, социопатите имаат проблем со контролата на своето агресивно однесување. И како мала утеха, се разликуваат од психопатите.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.