Петар Поп-Арсов
Американскиот претседател Трамп во неделата соопшти дека насоките за социјална дистанца ќе траат до 30 април, ретерирајќи од неговиот претходен став дека се надева оти земјата може да се врати во нормала средината на април.
Социјалната дистанца тропна и на вратите на граѓаните на Москва кои од вчера се во задолжителна самоизолација, со можност за излегување исклучиво за набавка на основните потреби или во случај на потреба од итна медицинска помош.
Во Италија, како најпогодена европска земја, мерките за социјална дистанца се веќе подолг период на сила. Граѓаните во северниот дел на Италија не смеат да се оддалечат повеќе од три метри од куќниот праг и се ставени во тотална изолација или карантин, како и да се дефинира сето тоа.
Во Франција, иако во поблага форма во однос на Италија, терминот социјална дистанца исто така доминира во насоките, апелите и мерките кои што ги упатуваат и превземаат француските власти.
Британија до пред некое време сметаше дека ќе нема потреба од мерки на прекин на социјалниот живот и нормалното функционирање на општеството. Британските авторитети на 19 март официјално го прогласија корона вирусот и болеста Covid-19 како заболување кое нема да се смета за заразно заболување со големи последици во Велика Британија. Сето ова беше објавено на официјалната владина интернет страница за да на 27 март самиот премиер Борис Џонсон соопшти дека е позитивен на тестот на болеста Covid19 и се наоѓа во целосна „социјална“ самоизолација.
Германија забрани собирање на повеќе од двајца со цел да го спречи ширењето на корона вирусот. Ова беше соопштено лично од канцеларката Меркел, која побара граѓаните да го намалат контактот со други луѓе надвор од членовите на нивното потесно семејство. Висок степен на социјална дистанца!
Од Шведска пак стигаат поинакви вести. Тамошните власти сметаат дека нема потреба од такви мерки како што беа превземени во претходно набројаните земји. До кога вака ќе тераат „студените швеѓани“, ќе видиме? Тие и без тоа „негуваат култура на секојдневна социјална дистанца“, особено ако поимањето на социјалниот контакт го толкуваме низ призмата на медитеранскиот начин на комуникација и дружење.
Од Кина стигаат вести дека оваа земја, по превземените драконски мерки на социјална дистанца, изолација и карантин, деновиве прогласила крај на епидемијата на оваа болест. Вистина или лажна вест?
Ај сега фати му почеток и крај на сето ова! Знае ли некој што се случува, што се говори, а најбитно од се како се делува? Кој нормален во нашава Македонија ќе може да го знае тоа?
Што е социјална дистанца?
Има повеќе толкувања на тоа што е социјална дистанца или социјално растојание. Општото толкување и дефиниција за тоа што е социјална дистанца вели дека се работи за дистанцата помеѓу различните групи во општеството, како што се општествените класи, расата, етничката припадност, религијата итн. Социолошкото толкување на социјалната дистанца познава неколку категории како што се емоционалната, нормативната, интерактивната, како и културната и вообичаената социјална дистанца.
Најновите толкувања, поврзани со избувнувањето на актуелната пандемија на корона вирусот, на социјалната дистанца гледаат во стилот дека се работи за потреба од свесно и намерно зголемување на физичкото растојание меѓу луѓето за да се избегне ширењето на болеста. Други примери на физичко растојание кои овозможуваат да се избегне поголема гужва или преполн простор се: работата од дома; затворањето на училишта и преминување на часови преку интернет; наместо лична посета и контакт со најблиските се препорачува дружење преку електронски уреди итн.
Што може да заклучиме од кажаново и од примената на терминот социјална дистанца?
Нам ни е потребна физичка дистанца, физичка оддалеченост и растојание! Само физичката дистанца и избегнувањето на физичките контакти се најдобриот лек за спречување на понатамошното ширење на болеста.
Сега не е потребна социјална дистанца во буквална смисла на зборот. Напротив, потребни се меѓусебните контакти, комуникација и разговори преку електронските уреди и алатки, повеќе од кога и да е! Во овој период ни е потребна максимална меѓусебна поддршка, поддршка кон медицинските лица, полицијата и сите останати кои што се на првата линија на фронтот. Потребна е поддршка кон заболените од болеста, а не нивна стигмитизација. Исклучително важно е да се разменуваат точни информации, а не да се споделуваат лажни вести. Колку што е важно да носиме заштитни маски и ракавици со цел да се заштитиме од инфекција, дотолку е поважно да се штитиме од лажните вести и пренагласени информации кои го разоруваат нашето психичко и ментално здравје.
За поздравување е наставата што се спроведува преку интеренет при што владата мора да направи дополнителни напори да овозможи услови за вклучување во сето ова и на оние ученици кои реално немаат финансиска или логистичка можност да бидат заедно со своите соученици и наставници. За поздравување е дисциплината на мнозинството граѓани кои се придржуваат до пропишаните мерки и сето она што во овој момент се поима како социјална дистанца.
Но, за секаква осуда се сите оние кои сеуште ги игнорираат укажувањата и препораките. За осуда се редиците и турканиците пред банките за подигање на пензиите, токму од најранливата категорија на граѓани. Сликите што вчера ги гледавме се токму спротивното од она што се прокламираше цело ова време. Ваквите турканици требаше да се очекуваат, предвидат и соодветно превенираат преку заедничка организација од страна на самите банки и владините институции.
За осуда се турканиците пред УЈП со цел подигање на хартиени документи заради аплицирање за кредити за микро и мали претпријатија, кое патем речено предвидено е да спроведе преку интернет. Некој направил обид за прилагодување на оваа постапка во согласност со „корона вирус мерките“, но не ја завршил работата до крај како што треба.
Има ли некој барем грам памет во надлежните институции на власта за да ги предвиди ваквите ситуации и да стори се, за да она што јавно се зборува и препорачува се спроведе и на дело?
Ќе повторам уште еднаш дека особено е потребна поддршка кон медицинските лица кои во моментов се професија која има најголем број на инфицирани од сите останати професии во државата. Ова многу говори за пропустите во самото Министерство за здравство и неговата подготовка за борба со вирусот. Несмееме да се претвориме во земја која во светски рамки има најголем процент на заболени медицински лица или пак постхумно детектирани случаи на Covid-19.
Не ми е целта да критикувам и да долевам масло на огнот. Сакам да поттикнам за навремено предвидување на состојбите, превентивно делување и акција во правец на пресретнување на опасноста. Сакам да укажам и на потребата од воздржување од политички мотивирани изјави и активности во правец на заработување на ситни политички поени, особено од оние кои се власт во Македонија. Тие ја носат најголемата одговорност за се што се случува и она што ќе се случува!
А има толку многу за критикување!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.