Васко Шутаров
Кога обично се испуштаат пробни балони поврзани со југословенското наследство, како што по којзнае кој пат се пуштаат деновиве, сами по себе првично наидуваат асоцијации од култните филмови од т.н. југословенски „црн бран”. За еден од нив, кој сѐ уште ги возбудува светските филмски сладокусци, велат дека иако е стар скоро 55 години, сѐ уште нема ниедна брчка на него. Филмската приказна сместена на северот од Војводина, зборува за еден сосем обичен живот на Ромите, собирачи на перја. Тоа е „бизнис” со кој се занимаваат двајцата главни јунаци во филмот, Бора и Мирта. Антологиски се филмските кадри во кои Бора (кој маестрално го игра Беким Фехмиу), опијанет од љубов, коцка и ромски песни што во филмот ги интерпретира Оливера Катарина, ја крши последната чаша со испиена ракија, со рацете удира по острите остатоци од двете чаши на маса и крвавите раце како за молитва ги подига кон Бога. Култна е филмската страст што се разгорува меѓу младата Тиса и Бора, нивното црковно венчавање пред попот Павле (Мика Алексиќ), пристигнувањето во трошниот дом во кој на куп живеат и старата мајка и првата жена и дробните деца на Бора. Трајно врежана во сеќавањето останува конечната пресметка на двајцата главни ликови и претенденти за срцето на Тиса, меѓу Мирта (инаку нејзин очув) и Бора, во собирната одаја за перја, вадењето ножеви, локвата со крв од градите на Мирта среде балите од бели гускини пердуви. Бели пердуви за други топли перници и слатки соништа.
Од еден обичен ромски живот од нашето соседство, Александар Саша Петровиќ во „Собирачите на перја”, со Роми натуршчици од северот на Војводина и само на ромски јазик, раскажува необична животна приказна, една екстатична и бујна рапсодија од емоции и страсти во кои хуморот толку лесно преминува во драма, драмата – во поезија, поезијата – во бунтовен крик, а крикот – во опојна песна, копнеж за раскинување со тие невидливи, а цврсти нишки од судбини кои се предодредени да го живеат животот само така. Светската публика во оваа филмска приказна го препозна истовремено и Шагал и Мунк и Коњовиќ (славниот српски сликар кој потекнува токму од овој крај), препозна егзотичност и повторно пронајдена романтичност во една сосем обична сторија, типична за Ромите ширум светот. Оваа уметничка постапка и авторска провокација со која публиката се поттикнува одново и необично да ги одживее сосема обичните нешта, кои инаку ги доживува рутински, ги зема здраво за готово и без посебна емпатија, во уметноста се нарекува очудување.
Очудувањето од „Собирачите на перја”, предизвика огромен јавен интерес за животот на Ромите, за проблемите поврзани со нивната дискриминација и општествена еманципација, а покрена и цел бран филмски, театарски и музички проекти кои ја третираа токму темата за вечната ромска Одисеја. Филмската „Ѓелем, Ѓелем” стана химна на сите Роми од светот, Беким Фехмиу стана првиот актер што ја проби Железната завеса и заигра како голема ѕвезда во европски и холивудски филмови, Оливера Катарина со денови ја полнеше париската Олимпија, а режисерот Саша Петровиќ застана рамо до рамо во славната галерија филмски автори од тоа време, Микеланџело Антониони и Клод Лелуш.
Очудувањето во уметноста секогаш откривало нова и покомплексна психолошка, социолошка и културолошка димензија на состојбите и појавите која публиката обично не ги забележува. „Собирачите на перја” се пример за очудувањето во уметноста, кога и главите длабоко потонати во постелнина од најубави гускини перја, зад онаа страна од сонот, ќе ја видат суровоста на една толку блиска, а толку далечна, толку обична, а толку необична животна сага, каде зад стерилната чистота на белото се разоткрива зовриената страст од вистинскиот живот на другите.
Зa расфрлувачитe со перја
Денес, кога без никакви скрупули и пардон, политиката го узурпира просторот и на севкупното уметничко и културно изразување, кога политичкиот наратив го карикира и потиснува на крајните маргини книжевниот уметнички израз, кога театарот и филмот се целосно потиснати од дневниот политички театар, очудувањето од сферата на уметноста се пресели во пределите на политиката. На сцената стапија „расфрлувачите со перја” кои очудувањето во уметноста го обрнаа наопаку и поставија на глава. Така необичното стана обично, ненормалното – секојдневно и толку нормално. И „публиката”, на што во меѓувреме спадна јавноста, сето тоа почна да го зема здраво за готово, рутински и како сосемa природно и нормално.
Само да ја земеме за пример овонеделнава претстава од политичкиот театар наречена „Бели скафандери во Собрание,” со која расфрлувачите со перја, се обидоа да заметнат трага и да очудат со необичниот призор, не за да откријат подлабоки вистини, туку да ја подзаскријат вистината и дефокусираат од затворените пунктови за вакцинирање во свечено прокламираната масовна имунизација на населението, од ноншалантното приведување со рацете в џеб, на осомничен за криминал и корупција висок владин претставник, до скандалозната одлука без јавна дебата за повлекувањето на сите печатени учебници од четврто одделение, па нагоре. Двата бели скафандери во Собрание, цел еден ден им беа покритие на двајцата моторџии маскирани во црно- главни јунаци на актуелниот политички театар, кои викендите и во кризна состојба си ги имаат за изживување на својата страст, без одлагање.
Очудувањето од катадневниот македонски политички циркус се врти секогаш наопаку како последица на едно трајно непроменливо својство на актуелната власт – тоа е нејзината епска ароганција и постојаното генерирање нови дискриминации по сите основи, кои произлегуваат од неа. И немањето елементарно чувство за таа трагичност од сѐ подлабоките поделби. Затоа се секојдневните драмолетки и петпарачки приказни во кои се расфлаат перја за да се одвлече вниманието од вистинските состојби, како нон-пејперите за можно прекројување на границите на балканските држави, како променадата на двата собраниски скафандера во бело, како обраќањето на министерката за култура пред битолското Ислахаме истиот тој ден, со свечен глас на античка хероина чиниш Хомер во хексаметри го рецитира или благоглаголивата министерка за образование, силно очудена како никој пред неа не се сетил да ги реши сите проблеми на државата, со просто повлекување на сите досегашни печатени учебници. Каков квантен скок, што би рекол нивниот шеф, од таму некои заостанати „собирачи на перја” до „шведска акција” за поблес(к)ава иднина?!
Што да се каже за нашиве расфрлувачи на перја, кои наместо со мудрост и креативност да очудуваат, со секој нов дневно-политички настап, само нови гневови да зовриваат. Каква ароганција треба да го завладее и помрачи умот, па во една модерна социјална држава што претендира да биде и европска, општествениот статус и положба да бидат причина за предности и привилегии во здравствената заштита и пред здравствено загрозените и хронично болните, пред граѓаните со посебна нега или посебни потреби, пред армијата невработени или армијата од касиери, возачи, текстилци, послужувачи или разносувачи кои никако да се наредат рамо до рамо со „суштински важната државна администрација”, барем во редовите за имунизација.
И што да се каже за расфрлувачите на перја како од дрон, кој од птичја перспектива (сон на секоја обична гуска) ќе ја набљудува инфраструктурата на македонското образование, која е во голем дел остаток од времињата на „собирачите на перја” од пред 55 и повеќе години. Но, може ли таква дребулија да биде пречка за брзаобразовна реформа со предумисла и по секоја цена, за најбрзо можно трансформирање во нешто далечно, скандинавско, на пример?! Важно да звучи нобл и шведски?! За sine nobilis (или без благородништво), како причина за постоењето на снобизмот и снобовите, нашите генераците образовани уште пред реформата наречена „Шуварица”, учеа интердисциплинарно, изучувајќи го и латинскиот јазик и едно мноштво предмети од социологијата и културата. Со реформата „Царовица” денешниве деца без интернет, без таблети, компјутери и мобилни телефони, ќе чекаат трпеливо во ред да им бидат (како по казна) отпечатени учебници и некогаш може ќе научат за латинската основа на потеклото на зборот сноб, за културолошкиот контекст кој го продуцира, но арогантното снобовство на македонската политичка елита ќе го осетат од најмали нозе.
Очудува ароганцијата на македонските расфрлувачи на перја, до толку несовладлива што загрижувачки ја помрачува моќта на нивното расудување, па умислуваат дека гушкањето и поделбата на слаткиот финансиски колач со претставници од невладиниот сектор кој до неодамна се занимавал со прашањата на дискриминација, денес ќе ја ублажи горчината на сѐ поновите и сѐ подлабоки дискриминации, по сите основи. Едни поеднакви од другите во здравствената заштита, втори поеднакви од другите пред правосудните органи, трети поеднакви од другите во распределбата на буџетските средства, четврти поеднакви од другите пред административните органи, во образовнииот систем, во секторот култура, насекаде.
И настрана, црниот југословенски филми бран и „собирачите на перја” од нашето минато, кога веќе години во низа го живееме најцрниот македонски политички бран, кој државата ја измести од своите зглобови, а граѓаните ги натера да зглобуваат живот, од денес до утре. Уште очудувањето да ни го присвојат и земат?! Очудувањето, тој Божји креативен дар, што ни ја дава привилегијата да ги гледаме нештата појасно и подлабоко отколку што појавно се, или онакви какви што двајцата „голи јавачи во седло” или „двата скафандери во бело” посакуваат да ги гледаме. И само очудувањето, тој Божји дар на духот, го артикулира сѐ уште гневот и не му дава да излезе на улиците слободно или во скафандери по нивниот налудничав пример, за да им каже гласно, најгласно што може: „Доста ви беше, расфрлувачи и украсувачи со туѓи перја”!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.