Васко Шутаров
Навидум, две неспојливи нешта. Далечни, како Небото и Земјата. Како светото и профаното. Еден цел милениум, разлика. И златен пресек на мудроста и честитоста, во предвечерието на Светиклиментовите чествувања.
Големиот Учител е упокоен на денешен ден пред 1103 години. Образувал ученици, ги славел учителите, садел и калемел дрвца, градел, вдахновувал и воздигнувал. Неговите духовни, образовни, културни и морални вертикали, длабоки колку “добриот корен”, високи и широки “колку добрите фиданки, што добар корен ги дава”, го осветлувале цел еден милениум патот на илјадници негови следбеници-дејци, до денешен ден. Од неговиот Охрид, пред секое заминување од родната куќа, пред неговата икона и кандило се молел и Григор Прличев, слушајќи го тивко зад себе гласот на мајка му : “Не бој се! Пред свети Климента горат безброј кандила!”
1103 години, во една од најубавите фиданки од добриот корен, се слави бесмртното дело на Светецот-Учител. Во Македонија, 11 години по ред се доделува наградата “Св.Климент Охридски”, како највисоко признание за долгогодишни остварувања од областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на животната околина и социјалната дејност. Сè она што Учителот, како крајаголен камен го втемелил од својот храм во Охрид, до секој денешен дом каде гори едно од неговите безбројни кандила.
Денес, 1103 години потоа, славиме свесни дека нештата не ни се нималку светли. Денес, ние сме поделени помеѓу себе на повеќе од 1103 начини. Фиданка, со фиданка (Чиј е коренот?). Наградени, со ненаградени. Воспитание со образование, култура со уметност, здравство со животна средина, социјална дејност со реалниот живот. И Охрид со Струга.
Да, Охрид и Струга се скараа. Чија е вината за загрозувањето на статусот комбинирано (што значи и природно и културно) наследство на листата на УНЕСКО, едно од седумте такви во Европа? Од 1978 година Охрид го има овој статус. Македонија стана дел од УНЕСКО, 14 години подоцна. Охрид е град, со препознатлива и неспоредлива духовна и културна вертикала, втемелена врз делата на Свети Климент и Свети Наум, врз делата на бројни нивни наследници-дејци, низ сите подоцнежни епохи. Заедно со Струга и целото крајбрежје, чинат природна целина на амбиентално-пејсажни вредности, исто така неспоредливи на поблиската мапа во регионов. За жал, Охрид и Струга споделуваат и една друга култура, култура на мерење мускули. Култура на надградби и доградби, кои светската културна организација не ја препознава како додадена културна вредност. И слушаме, точно во предвечерието на прославите на Денот на Св. Климент, меѓусебни обвинувања помеѓу Охрид и Струга, кој и зошто повеќе загадува, кој повеќе доградува, кој со повеќе диви депонии и диви плажи располага. А, државата молчи. Сензибилно било времето, доаѓале избори, можело ова и да почека после избори. Чувствителни се владејачките партии и нивните локални моќници, кога се во прашање личниот и партиски интерес. А процедурата на реферирање за поправање на штетите врз природното и културно наследство пред УНЕСКО, започнува за неполн месец дена.
И сите наши системски слабости, како што се образовно-воспитните или културно-образовните, излегоа на виделина, токму неделава, во пресрет на чествувањата за Учителот. Едно тестирање спроведено од ОЕЦД со средношколци (на 15 годишна возраст) во 79 држави, ја рангираше нашата држава на 67 место. Многу поблизу до дното, отколку до средината на табелата, каде во поголем дел се рангирани државите од регионот. Се разбрануваа духовите-македонските средношколци се меѓу најлошите во три клучни категории кои ги оценува студијата: читањето, математиката и природните науки. А она што посебно загрижува е високиот процент (60 %) од тестираните македонски средношколци, кои сметаат дека не можат да напредуваат или да се развиваат. Авторите на тестот даваат и одговор за причините на овие неповолни резултати: ниско ниво на самодоверба, слаба мотивираност, слаб развоен менталитет. Дијагноза, во три поими. Поразително, а и убива во поим сознанието за реалноста на проблемот.
И, зошто во овој контекст РЕЧТА на ПЕРСА од Волково, станува парадигма, како што треба да биде парадигма СЛОВОТО на СВЕТИ КЛИМЕНТ. Контекстот на нашето воздигнување? Контекстот на нашето себенадминување, освестување и отрезнување. Соочување со реалните и вистински проблеми. Најмногу, од корпусот вредносни и етичко-морални аспекти на нашето живеење.
Една стамена, румена и очигледно честита жена, се појавува и исправа пред првиот човек на општината и првиот човек на владата на нејзината држава и им вели: Само лажете! Ништо не исполнивте од она што ветувавте! Децата низ кал ни одат на училиште! И добива одговор, (со класична фројдовска грешка) дека жената е дел од „инсценирана претстава“. То ест, дека жената лаже. И, така доаѓаме до инсценирањето, Народе! Во предвечерието на Светиклиментовите празнувања.
Инсценирањето, тоа е третиот вистинит и тажен чин од оваа неделна приказна. Звучи како вирус во приказната за Словото и Речта. Звучи, како нешто неприродно. Но е реално и вистинито. Инсценирање се вика на пример, начинот на кој се конституира и устоличува една актуелна власт. Инсценирање е, кога демек водите долги и тешки преговори со соседите за добрососедство, а потпишувате набрзина документи кои дури отпосле ги разбирате. И потоа се исчудувате, каква употреба во пракса да инсценирате. Туркате нови инсценирања. Организирате референдум и инсценирате прашање кое не се толкува со здрав разум, а потоа и инсценирате резултати кои не се толкуваат ни со ум, ни со разум. Инсценирате парламентарно мнозинство, па инсценирате уставни промени, инсценирате реформи на правото и правосудниот систем, инсценирате странски инвестиции, инсценирате намалување на невработеноста, инсценирате живот и среќен народ.
Инсценираш и сапунски опери со наслов “Рекет”, со надеж дека ќе потраат барем до изборите, да замајуваат народ и ти бидат санитарен кордон пред нападите на опозицијата. Патем, инсценираш висока дипломатија, во манирот “шушни ме-мушни ме”, се сликаш со најмоќните светски политички фаци и без оглед на тоа што сето тоа приличи на басните за “стапот и морковот”, мислата те води кон стотици билборди и реклами, кои наскоро ќе осамнат и за кои ќе слушаш, “топ фаца, си Шефе!”. И, така инсцениран, долетуваш од Лондон, директно во Волково-и неспремен налетуваш на жена која не ти го следи инсценираниот филм и која ти вели, “Царе, ти си гол”! И така почнува да ти се “инсценира” народ, кој исто така не е дел од твојот блескав филм за успешно инсценирана приказна, бидејќи таква приказна народот престанал да мачка на леб. Инсценирањето од силно трошење, не приметило дека се потрошило.
И, не е само до инсценирањето! Ами, до образот е! Така вели Словото. Така вели Речта на едноставниот човек од народот! Образ за пример, треба! Тоа е она, што не се “инсценира” ни лесно ни едноставно. “Инсценираниот образ за пример”, ни ги поразува децата и младите во нивниот воспитно-образовен развој. И лесно ни ги носи под влијание на белосветски “културни инфлуенсери” и ни врзува преку ноќ 15.000 ученици, како нивни следбеници. Брзо потрошениот образ за пример, е она што го крева гласот и го артикулира гневот на прелажаниот, обезнадежниот, заборавениот, скоро па неважен, глас на народот. Двојниот морал, моралното слепило и безумие, рушењето на традиционалните вредности и заборавањето на своите духовни образовни, културни и морални вертикали, тапкањето во место во усвојувањето и практикувањето на универзалните, посебно западните вредности , принципи и норми, креирањето систематска негативна селекција во општественото напредување на младите, креирањето на стил и култура на живеење во кое просперираат некадарните и неталентираните , отсуството на правда и правичност без корупција и криминал, добро здравство и чист воздух, тоа е она што не трпи повеќе “инсценирање”. Тоа е онаа пресечна точка, каде се препознаваат и навидум неспојливите средби на Светиклиментовото Слово и Персината Реч. И стануваат река од безбројни кандила, кои можат и мора да ни го осветлат патот. И, патем Народе, “Не бој се, пред Свети Климента горат безбројни кандила!” Слави го и верувај во својата сила и моќ!
овде се живеело илјадници години и, пак, ќе се живее. Ние луѓето сме како тревана- ја газат, се суши, се задушува, гине. Само земјата останува. Ние луѓето сме како мравине- ги гмечат, ги ништат, и, пак, се збрале купче.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.