Маја Славева
Живееме во време кое ќе стане историја од која ќе учат сите генерации за тоа како се обезличува еден народ и земја стари повеќе од 2000 години. Живееме во време во кое реалноста е болна, изгубена и скоро па иста како во некој паралелен Универзум од кој навидум нема никаква црвоточина да излеземе. Не е ова лош сон, ова е реален кошмар во кој сдсс не’ убива национално!
Ни остана Македонија како една дупка во душите која никогаш нема да биде пополнета. Никако, дури ни со 500 евра плата, недраги северџани кои материјалното го ставивте пред душевното. Вас најмногу ве наоѓам виновни. Народот е во право дури и кога греши, но овојпат згрешивте што му верувавте на колнењата во децата, во колнењата во жицата, во тоа дека осамен ќе оди по светот трагајќи по жицата македонска.
Ветуваа живот во Македонија, донесоа смрт во Македонија. Парадокси!
Очекувам во секое време нас Македонците кои останавме, да не’ сместат во резервати како Индијанците во Америка. Далеку од очите на јавноста за да не се слушне нашиот збор, за да не се види ниедно знаме од Кутлеш, за да не се чуе Македонија или Македонец, за да не се размножи словото на вистината и полека, полека да бидеме замолчени до исчезнување.
Ќе се раскажуваат две приказни, две страни од земјата која некогаш постоеше.
Приказната на северџаните во најмала рака би звучела вака: “Си беше еднаш една земја, еден народ и една историја, немате вие врска со неа, ете така се погоди случајно луѓе од таму да ве создадат, но не сте вие Македонци, не. Вие сте Северџани. Имате нова историја, таа претходната не важи. Вас ве создаде зоран заев, таканаречениот месија кој вели дека Господ од нивата го црпнал за да ја води Македонија. Од него за жал, потекнувате, а ние кои живеевме во тоа време заедно со вас кои доаѓате по нас, сме генерација Црпковци! Шитнавме корени за 500 евра плата!”
Ние, во резерватите кои ќе ги создадат, какви и да ќе бидат во ова модерно време на европеизација и глобализација, ќе ја пееме онаа нашата. Приказната нема да запре, водата нема да пресуши, Македонија во нас ќе живее. Со сета историја од Библијата, со сите камења во археолошките македонски градови, со сите епископски базилики со библиски записи на мозаиците, со сите списи во Отоманските архиви во Турција, со сета крв македонска во нас, Македонија е жива и срцето уште и’ чука на Балканот!
Во меѓувреме, ќе се бориме и со останатите зла што оваа монструозна власт ни ги донесе. Се соочуваме со смртност на дечиња, епидемии од морбили и грипови, со кадар кој во болниците е вработен поради вујко Владика, а не поради стручност. Јака им душа на стручните и професионални доктори и медицински сестри! Јака им душа поради тоа што трчаат и по пациентите и по неспособните колеги и им ги исправаат грешките!
Белата чума не’ изеде, оваа власт допринесе за масовно иселување на народот, цели семејства си одат од тука! Не само млади луѓе, цели семејства, додека власта подига бели знамиња пред Влада во која се опремија да не почувствуваат ни глад, ни жед, ни студ додека се на власт!
Вие од власта си ги вработувате секојдневно најблиските роднини, пријатели, на чиче, на тате, на швалерче, на мама најубавиот!
Оние што ве гласаа и на кои им ветувавте брда и долини, останаа да пишуваат разочарани статуси и твитови за вашето расипничко однесување. Тешко дека пак ќе ве гласаат. Но, мислам дека не се изненадени. За оние коишто се, искрено ми е жал што не ми е жал. Не е дека не им беше кажано и не беа предупредени.
Јас знам дека сте свесни дека ова владеење ви е со краток рок. Додека сте тука ќе си го товарите магаренцето и ќе си се обезбедите до крајот на животот, туку душата каде ќе ви оди?
Каде ќе ви одат душите, северџани?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.