Васко Шутаров

„Внимавајте кога им давате имиња на своите деца. Избирајте имиња за еден ден по нив да се именуваат улици”, говореше Душко Радовиќ. Поетот Љубомир Левчев, пак, пишуваше, „гледајте го она на што си играат вашите деца – тие секогаш си играат на иднина”. А нашиот Љубиша Георгиевски, кон ова само ќе додадеше: „да ги негуваме и градиме спомените за нашите славни предци, затоа што еден ден тие ќе нѐ градат нас”.

„На уличните агли, каде што се спојуваат sидовите, мислев дека можам да видам некои познати карактеристики, како контури на човечки лица, сенки од јаготки на образите и веѓите.” И, „не постои град во светот, кој нема зграда што мора да се запали”, пишуваше писателот Исмаил Кадаре.

Деновиве помина одлуката за (пре)именувања на улици во градот Скопје, меѓу кои писателот Кадаре по уличните агли ќе може да распознава контури на други лица, но не и на погоре цитираниве умни луѓе. Но, ќе може да ја продолжи приказната со еден Теодор Адорно, на пример, кој како по нарачка за темава, само би додал: „тешко, ужасно тешко е да се биде вистинит во погрешно опкружување. Интелигенцијата е морална категорија. А таму, каде е сè лошо, мора да е многу добро да се познаваат најлошите”. Дијагноза за скопските власти, во три реченици.

Интелигенцијата е морална категорија, но кој да го разбере тоа

Градовите со дух и душа имаат свои незаборавни улични приказни. Градските татковци кои вистински си го сакаат градот, ќе имаат секогаш визија за неговиот раст и развој и ќе имаат јасен и траен спомен за своите славни сограѓани од минатото. Улиците во таквите градови, своите недораскажани приказни ќе ги пренесуваат на новите поколенија и преку имињата што им се доделени да ги носат.

Ја паметам како вчера да беше улицата што едно време ме водеше до работа во нашиот Културен центар во Софија. На одење поминував покрај 12 спомен-плочи на фасадите, од стари но зачувани згради, на кои читливо беа испишани пораки за видни личности кои живееле во нив. На враќање, од другата страна на улицата, 13 такви табли со други личности. Познати поети и писатели, музички и ликовни уметници, научници, кои биле обележје на едно време, продолжуваат да комуницираат со градот, неговите жители и странците, ненаметливо и тивко, раскажувајќи приказни кои остануваат во траен спомен. Денес, од тие крајпатни разминувања со амблематични личности на Софија, моето познавање за нив е скоро енциклопедиско, а сеќавањето сè уште свежо и силно.

Има и градови кои со именувањето на улиците и плоштадите предизвикуваат пошироко внимание, некои од тие градски приказни се крајно симпатични, а некои контроверзни или брутално бизарни. Пред некоја година, на пример, градските татковци на малото приморско место од северот на Шпанија, Сан Виченте де ла Баркера, одлучиле на локалното население и туристите, но и на сите странци кои се интересираат за овој дел од покраината Кантабрија, да им овозможат сами да изберат нови имиња на главната авенија и градскиод плоштад, кои премногу долго потсетувале на 36-годишниот режим на генералот Франко. Според Законот за историско сеќавање донесен 2007 година, од јавните места и установите во Шпанија морале да бидат тргнати и променети симболите од воениот удар, граѓанската војна и диктатурата, па градоначалникот на малово гратче посакал локалното население како и бројните туристи, слободно и демократски да одлучат како ќе ја преименуваат главната градска авенија и плоштад. Денес „Авенијата на Генерал Франко” е преименува по една позната музичка арија, а плоштадот преименуван во „Плоштад на средбите”. Непретенциозно, но крајно симпатично и популарно.

Бизарни приказни за локални балкански кабадахии

Побизарниот дел од урбаните приказни секако е врзан за балканските локални властодршци-кабадахии, кои својот авторитарен табиет си го хранат и со арбитрарно третирање на она што го нарекуваме славно минато на еден град. А и историјата на овие простори се пресоздава со секој нареден ден, па час едни херои од минатото се заменуваат со други, а час потполно непознати ликови се стекнуваат со вртоглава улична слава.

Така, неодамна, во српскиот град Чачак, градоначалникот ќе предложи една од улиците да го носи името на германскиот сопственик на компанијата „Ворверк“, Петер Келен. Станува збор за улица долга 750 метри која ќе води до влезот на идната фабрика и која наводно ќе вработува преку 1000 работници. А за да го отфрли сомнежот за некаков посебен алаш-вериш со финансискиот моќник, градоначалникот го проширува предлогот и предвидува секој оној што ќе инвестира и ќе вработи преку 1000 луѓе, веднаш да добие своја улица во овој српски град.

Друга бизарна приказна му се случи пред некоја година на бугарскиот град Стара Загора, каде градските татковци одлучиле, користејќи се со предноста на новото советничко мнозинство, со еден акт да променат дури 838 топоними на подрачјето на градот, чии корени потекнуваат од турски или арапски зборови. И така, со векови познатиот Ахмед баир си го прекрстиле преку ноќ во Антонов Рид, а Карталското дрво – во Орлово дрво.

Како мали Ѓокица толкува традиција и историја

Музеј на комунизмот во Прага

Но, што е сево ова, наспроти листата од 570 нови имиња на стари улици во македонскиот главен град? И подеднакво непријатно станува во таква чудна збирштина да се проговори и за плејадата вистински заслужни граѓани кои ги има на листата, но и бројни интелектуални умови, дејци и уметници кои видливо отсуствуваат од истата, причината ќе е единствено разбирлива ако барем за миг се сетиме на културата на заборавање на неистомислениците, од времето на комунизмот. Негрижата со изборот на само 70-ина имиња на значајни жени, кои заслужуваат да имаат своја улица во метрополата е ништо помалку загрижувачка. Бизарна е севкупната слика, во која е „тешко да се биде вистинит во толку погрешно опкружување”, но важно во која секој што посакал, а бил близок до локалната власт добил прилика да предложи име на улица. За на крај, изборот да личи, онака како што мали Ѓокица замислува историја и традиција, играјќи си со нив, како со стар џубокс за исполнување музички желби.

Такви листи може само во главите на мали Ѓокици да се случат, оставени сами да си креираат историја и традиција како во локална антикварница без стопанин. Стари книги од Габриел Маркес и Симон де Бовоар, до плочи од Боуви, „Квин“ и Милан-ЕКВ, постери и видеокасети на своите филмски јунаци Љубиша Самарџиќ-Смоки и Небојша Глоговац, па до редица ордени од партизански народни херои, па пожолтени книги од науки што не ги разбираат. Па носталгично воздивнување по времињата од комунизмот, па малку носталгија по туѓи кралства, кнежевства и граѓански војни, па подзинато застанување пред макети на американски и поранешни советски вселенски летала. Но, тоа не е сè?! Им  доаѓаат и другарчињата, слични на нив мали Ѓокици опиени од истата локална власт, па ги истовараат во заедничките торби нивните идоли и симболи, учители, херои, јунаци, пејачи,  и што сè не, собрани во некои други соседски антикварници. И заеднички ја затвораат торбата, патем покривајќи ја со книги од Џорџ Орвел и Еразмо Ротердамски, за да биде, ни по ваше, ни по наше. И сеедно што не ја разбрале пораката од кориците од врвот на торбата, за „Пофалбата на глупоста” од Еразмо Ротердамски и за „Живинарската фарма” од Орвел.

Едно такси на улица Макс Хоркхајмер, ве молам!

Нашава актуелна скопска бизарна приказна, од годинава ќе изгледа и звучи отприлика вака. Ало, ми треба едно такси на ул. Макс Хоркхајмер 44, до улица Теодор Адорно 16? Каде е тоа точно, ќе прашаат од централата. Па, ако колата е пред вашата централа, најпрво нека фати по улицата Аполо 11 и сè така до првата улица десно, сега наречена Нил Армстронг. Потоа нека вози во продолжение на Октомвриската револуција, преку која еден крак води до Ленинова, а другиот до Лав Троцки. Ако фати по Ленинова има многу повеќе уличиња, Антонио Грамши, УРС-ови синдикати, преку Владислав Гомулка, па до најблиската, Долорес Ибарури. Ако возачот налета на табла, „Но Пасаран”, значи дека уште траат градежните работи од летоска и најдобро е да се врати малку назад, до првата споредна улица лево, улицата Фадиљ Хоџа, која ќе ја препознае по тротоарите полни со коли, па уште една таква со густо паркирани автомобили, улицата Алија Изетбеговиќ, па најживата улица во квартот, Сестрите Мавровски. Преку Веселата улица, директно доаѓате на мојата, чекај запишав како се викаше – е да, Макс Хоркхајмер.

Новата скопска урбана легенда вели дека возачот кој ќе успее да ја совлада најновата скопска релација од улицата „Хоркхајмер” до улицата „Адорно”, исто како да ја исчитал во еден здив нивната заедничка „Дијалектика на просветителството”. Просветување, до распаметување. Ете, толку за едноставноста и леснотијата на изборот на нови улици по мерка на последниот скопски градоначалник.

А требаше да никнат нови улици, нови булевари и мостови, нови велосипедски патеки, патеки за лица со попреченост, патеки за лица за кои токму Симон де Бовоар пишуваше  (ама кој да ја чита, доволно е што белосветски звучи), нови тротоари, нови фасади. Да заличи градот на метропола со вистинска урбана култура, европска естетика и креативност, пристојно место за живеење на скопјани, пожелна дестинација за туристи отсекаде. И наместо да раскажеш таква модерна европска приказна, повторно почнуваш да ламентираш над Ленин, Троцки и Гомулка, надевајќи се дека само новата улица Нивици, сама ќе те донесе пред портите на Европа. И уште карма-кашата од листа со стотици анонимуси за пошироката јавност, ја зачинуваш со некое звучно светско име, од типот на еден Жак Дерида или Артур Кларк, на пример, за да покажеш европска или светска димензија на градската кујна. Потипичен пример за паланечки дух има ли?

Кловновите го трчаат последниот почесен круг

И да е гревот поголем, во месеци кога севкупниот, а посебно скопскиот бизнис прокнижуваат само загуби, градската власт уште им наложува нови и нови задолжувања, преку тони хартија на кои повеќе нема да важат старите имиња и адреси на улици, тони хартија што ќе треба дополнително да ја плаќаат и граѓаните од свој џеб. Важно, нека пукнат душманите! Не им даваме ни сокак повеќе, времето на нивните херои заврши. Па браво, најбраво! Збогум Петре Пирузе-Viva Mexico! Да живеат поделбите, да живее суетата, да живее паланечкиот дух во градов што некогаш пледираше да се нарекува и европски. Скопје никогаш не бил толку европски маргинален и толку длабоко ориентално потонат и поделен.

Мириса на мизерија. Мириса на кванташки пазар од ситни души и големи паланечки суети. Мириса на парада од пијанство и кич. Мириса на циркуз кој треба да си оди, но никако да замине од Градот. Мириса на кловнови и шарлатани кои го трчаат последниот круг, низ почесни улици низ кои нема да ги спаси и стаса ни туѓата интелигенција како морална категорија.

П.С. Сите споменати ликови во текстот добиваат свои улици во Скопје. А сега, јуриш кон Европа!

 

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.