Петар Поп-Арсов

  • Заев владетелот

Макијавели рекол:

„Првиот метод за проценка на интелигенцијата на владетелот е да се погледнат луѓето коишто ги има околу себе“.

Кои луѓе? Оние кои што ги има или пак оние кои што ги имал? Некои од нив веќе ги нема! Самиот владетел направил проценка на сопствената интелигенција и начин на делување и решил да направи промени?! Да ги смени оние неспособните или за него веќе неподобните?! Да се ослободи од оние со кои до вчера бил прв соработник и ги претставувал како најдоброто нешто кое што го има македонската политика, за кои подоцна сфатил дека се некадарни и со помината употребна вредност?!

И така, лека полека, нашиот владетел создаде армија од соработници, пријатели и партнери кои ги загубија позициите, некои и на најнедостоен начин, со што самиот ја детерминираше сликата за сопствената интелигенција како владетел.

Кои се „паднатите борци“ од раката на Заев?

Радмила Шекеринска, најблискиот соработник на Зоран Заев од почетокот на неговата претседателска кариера во СДСМ. Личноста која што му даде почетен легитимитет. Легитимитет, не би рекол во поширокото членство на СДСМ, туку во онаа нивна партиска елита која што од сенка го имаше најголемото влијание во оваа партија. Елита, длабоко вкоренета во стрктурите на СДСМ која од колено на колено, од генерација на генерација ги пренесува водечките позиции во СДСМ по фамилијарен принцип. Црвена буржоазија која сопствената комунистичка идеологија ја заменува со монархистички модел на устројство на сопствените партиски структури.

Таму не може да влезе случаен човек, без „комунистичко“ педигре. Таму нема случајни и инфилтрати како во партиите од спротивниот табор во кој поединци непромислено говорат дека се борат против Брисел и Вашингтон. Во СДСМ не се влегува со обично пополнување на пристапница со што автоматски се станува член на партијата. Во СДСМ треба да поднесеш „молба“ за членство (член 9 од Статутот на СДСМ), која мора да биде одобрена од нивните партиски органи, и замислете, да добие позитивно мислење од „јатаците“ во базата. Непробојна структура која што може да издржи и нуклеарна војна. Но, структура далеку од една слободна и демократска партија, отворена за секој заинтересиран граѓанин. Структура, особено затворена во оној елитен дел која од немајкаде и со помош на Шекеринска мораше да го прифати Зоран Заев за нивен шеф.

Токму тој, Зоран Заев, и ја скрои капата на Шекеринска и ја елиминираше од врвот на партијата. Ја елиминираше личноста која речиси буквално овозможи скопскиот асфалт, наместо „градски возила“, да го ораат „земјоделски трактори“ и речиси во сите градови и урбани средини да доминира „земјоделската механизација“. Не велам ниту дека „градските возила“ се оние добрите, ниту „тракторите“ дека се оние лошите во нивната меѓусебна споредба. Секој на теренот за кој е конструиран би ги дал најсоодветните резултати. Затоа во моментов ниту имаме земјоделие ниту имаме ЕУ.

Рашковски, втората жртва на Заев. Не по хронолошки редослед туку онака, по звучност. Зоки и Рашко, пријатели, соработници, „brothers in arms“! Рашко падна! Заглави во притвор, а по се изгледа, ако по утрото денот се познава, ќе оди во следниот „квалификациски циклус“ кон крајната цел, Идризово?! Зоран Заев го остави на цедило. Впечаток е дека се обидува да му помогне со разно разни изјави за неговата исправност, но впечаток е дека таа помош всушност не е примарно насочена кон Рашковски, туку во правец на сопствена заштита од последиците на евентуалниот „нагон за пеење“ којшто би можел да му се јави на паднатиот соработник, пријател и партнер.

Се сеќаваме ли на Тевдовски? Министерот за финансии којшто постојано ни кажуваше како е во Данска. Соборец на Заев уште од опозициските денови. Левичар по убедување, со идеи кои имаа за цел да ги привлечат гласовите на работниците и посиромашните. Политичар со улога за анимирање на најранливите, само и само заради гласови и изборна измама. За ништо друго. Одличен параван за Зоран Заев и неговите вистински намери за заштита на интересите на олигарсите и крупниот капитал на кој и самиот припаѓа. Тевдовски го воведе прогресивниот данок кој се покажа како целосно фијаско и којшто му овозможи на Заев во операцијата „Метла“ да исчисти уште еден свој пријател и соборец.

Кирацовски?! Не знам зошто тој воопшто беше влезен во политиката и високите партиски структури на СДСМ. Веројатно немало некој поасолен во тоа време кој што бил спремен да му даде поддршка на Заев во Битола?! Па се нашол тој, пријателче, другарче на Заев. Беше, ако не грешам, координатор на пратеничката група на СДСМ. Прв парламентарец на новата власт. Беше исфрлен и тој под целосно неразјаснети околности во скандалозни услови.

Ременска, министерката за труд и социјала во техничката влада која што претставуваше предвесник на владата на Заев. Човек од доверба во најневралгичните моменти. Жена којашто му го штитеше грбот кога се „кршеше резултатот“. Доволно блиска до Заев, но и доволно далечна од скопскиот асфалт и сдсмовската елита. Идеална за еднократна употреба. „Загина“ во „Аферата рекет“ и сега се влече по судови чекајќи исход за нејзиниот предмет.

Љупчо Николовски, исто така еден од најблиските соработници на Заев од корпусот на земјоделската механизација. И за овој лик не знам што работи во политиката, кој е неговиот придонес, заслуги, капацитет и по кои критериуми егзистира и опстојува на политичката сцена, освен ако не се работи за пријателство и партнерството со Заев?! Тој е се уште во игра, иако во еден момент беше сменет од министерската позиција во ресорот земјоделие поради неговите „резултати и заслуги“. Таков, никаков, со скршена политичка кичма беше прекомандуван во измислен владин ресор да се бори против корупцијата. И, еве ги првите резултати од неговата борба! Претседателот Бајден издаде Декрет според кој секој кој бил вмешан, директно или индиректно, во корупција или поткуп, вклучително и владини претставници на сите нивоа, ќе биде ставен на црна листа. Толку од борбата на Љупче. Како тргнала работата и тој ќе се придружи на листата на жртвите на Заев. За онаа на Бајден, ќе видиме.

Бранко Црвенковски! Најголемата „риба“ во мрежата на Заев. Маргинализиран, со „замрзнато“ членство, без никакви шанси да се надева на некаков поволен исход во евентуален отворен судир со Заев. Претседател на држава кој што го аболицираше денешниот премиер и го спаси од прогон со речиси извесен исход. Чин со кој фактички ја докажа неговата вина оневозможувајќи ја судската власт да ја изврши својата уставно предвидена функција.

Шарените?! Заев ги измеша сите нивни бои до степен на темно сива нијанса која се вклопува во сиво-црниот колорит на неговото владеење. Ја нема свежината на боите на виножитото, го нема Павле Богоевски, го нема Боки, ги нема гушкачите на ГТЦ, паркобраните. Го снемува и зеленилото и дрвјата во Скопје кои заедно со претходниве беа стратешкиот партнер во походот на Заев кон власта. И овие пријатели и партнери се ставени под нозе и исфрлени од игра. Некој заради криминал, некој од други причини, но во суштина „сите се валкани освен тој“, Зоран Заев.

Каде е Катица? Се колнеше во неа! Се колнеше додека не ја заврши работата од негов интерес. Кога „мечката“ од комшискиот двор посака да игра и во неговиот, Катица стана вишок. Уште едено другарче на Зоран Заев влезе во полициското комбе со решетки на прозорците. И пак само тој е чист?!

Не велам дека споменатите имиња се невини и наивни жртви на Зоран Заев, но факт е дека се негови блиски соработници кои ја осетија жестината на неговото преиспитување на сопствената интелигенција како владетел.

  • Заев малерот

Одиме малку надвор, во надворешната политика. Прв којшто ми паѓа на памет е Коѕијаs. Беше интензивно вклучен во преговорите за името. Се сликаше и гушкаше со Заев и неговите деривати за време на целиот преговарачки  процес. На крајот прв „изгоре“ како покосен од некоја „виша сила“. Замина од функцијата како уште една жртва од сите оние кои што имаа директен контакт со „патогенот“. Сега, во слободно време, Коѕијас се занимава со ФФМ.

И Ципрас замина! Замина онака, постепено, на избори. Не баш онака, како неговиот министер за надворешни, покосен од директните последици на „инфекцијата“, туку како последица на „политичка тромбоза“ предизвикана од „пост-Заев синдромот“.

Бојко! Бојко е на „респиратор“! Со секој нов ден има се помала „сатурација“ при што рејтингот на неговата партија се изедначи со рејтингот на неговиот директен опонент. Кој легнал на „респиратор“ не се вратил, барем во повеќето случаи. И Бојко е погоден од онаа карма која безмилосно удира по секој што дигнал рака на Македонија. Заев само му е малер, „bad luck“, доказ дека контактот со него носи лоша среќа. Заев не му е крив што поради својот политички изглед предизвика да се зголемат апетитите на Бојко, мислејќи дека со него ќе си ја уредат работата целосно во полза на Бугарија. За малку и ќе ја завршеа работата да не се јавија македонските пријатели кои ги блокираа во нивната подла намера. Македонија има сила од внатре, но и пријатели од надвор кои нема да дозволат Бојко и Заев да ја обезличат Македонија за век и веков. Жал ми е Бојко! Лош избор на другарче! Те остави без кислородна поддршка во пресудни моменти.

Сега се ујдиса со Радев. Ќе бараат решение за истиот проблем за кој бараа со Бојко. Дали ќе најдат, ќе видиме?! Радев наскоро ќе има избори. Тогаш ќе знаеме дали и тој ќе помине исто онака како што поминаа сите „несреќници“ кои беа во контакт со Заев.

И некои од опозицијата, односно некогашната власт уште меѓу првите си фатија работа со Заев. Разговараа, преговараа, се договараа и завршија како што завршија. Нивниот контакт со „патогенот“ не ги загрози само нив и нивните животи, туку животите на сите луѓе кои што им веруваа и им даваа безрезервна поддршка. Со тоа беше отворен патот на овој политичар да ја принесе најголемата жртва во својот бескрупулозен поход кон целта, разнебитувањето на македонската држава и македонскиот народ.

Не можеме да се ослободиме од впечатокот дека на Заев воопшто не му е важно колкава ќе биде цената што ќе ја платиме за постигнување на целта која што ја наумил. Тој е во занес дека неговата цел(та) ги оправдува сретствата, без оглед на егзекуцијата на поедини неговите соработници и партнери и без оглед на колективната жртва на еден цел народ што сака да ја принесе заради негово оддржување на власт.

„Човекот кој е навикнат да делува на одреден начин никогаш не се менува; тој мора да биде урнат кога времињата на промена веќе не се во скалд со неговиот начин на делување“.

Николо Макијавели, повторно.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.