Петар Поп-Арсов

Авганистанците доаѓаат! Маката ги натерала! Никој не знае колку се?! Ниту Заев?! Нивната бројка постојано се менува, но „стабилно“ се движи по нагорна линија зголемувајќи се секој нов ден. Би требало „пикот“ да биде достигнат токму на крајот од месецов. Тогаш дефинитивно истекува крајниот рок за повлекување на странските трупи од Авганистан вклучително и тажната приказна на сите оние кои што сакаат да ја напуштат земјата, држејќи се дури и за авионските тркала.

Но, друго ми е поентата!

Авганистан или Афганистан? Авганистанци или Афганистанци? Како е правилно? Првото или второто?

Ние велиме Авганистан, односно Авганистанци. Тоа е нашиот начин на именување и идентификување на оваа земја и овој народ. Сите останати, поточно сиот свет чиешто писмо можеме да го прочитаме, оваа држава и овој народ ги нарекуваат Афганистан, односно Афганистанци. Сосема исто и унисоно. Со „ф“!

Тоа е само една буква и ништо повеќе! Буква којашто нас не разликува од останатите. Разлика благодарение на нормите во нашиот јазик, поточно поради правилото за едначење по звучност! Што да се прави, правило си е правило. Треба да се почитува. Но, секое правило во принцип има исклучок. Има и ова!

Зошто исклучокот да не биде применет и во случајот со Афганистан?

Со ословувањето на оваа држава со нејзиното оригинално име во целост, со она мало „ф“, ќе покажеме почит кон овој народ, но и конзистентност во нашите заложби и борба за зачувување на нашето македонско име и македонски идентитет. Ќе покажеме почит кон самите себе, особено сега, во услови кога на државата и е сменето името коешто предизвика низа нејаснотии и нелогичности околу толкувањето на поимите идентитет, националност, етницитет, државјанството, граѓанството итн.

Не сметам дека случајот со Ав/фганистан е некој претерано сериозен аргумент или пак нешто коешто е единствен случај во светот. Има бројни примери кога различни земји на различни јазици, пред се тука мислам на европските земји и европските јазици на кои припаѓаме, се ословувани на повеќе начини и со повеќе верзии на нивните имиња, во зависност од јазикот. Но, сите тие се обострано прифатени и меѓусебно признаени, како од тие што ословуваат, така и од оние кои се ословувани. Тоа е именување коешто не задира во идентитетските контури на еден народ или држава.

За нас е исклучително навредливо кога некој намерно или ненамерно ќе не нарече Северномакедонци. Тоа е болно и понижувачки, независно од контекстот на употребата на овој термин, односно дали истиот бил несмасно употребен за да го дефинира државјанство кое се однесува на сите граѓани, без оглед на етничката припадност или со умисла, да ја дефинира етничката димензија на мнозинскиот народ. Токму тука е нашиот проблем, во недореченоста на разграничувањето на тоа што е државјанство/nationality, а што етничка припадност.

Терминот Nationality не го „бетонира“ етничкиот идентитет, како што тоа лажно беше претставено од потписниците на Преспанскиот договор. Токму затоа ни се случува, дури и овде во Македонија, да бидеме нарекувани Северномакедонци, како што тоа му се „испушти“ на поранешниот Генерален секретар на НАТО, Робертсон. Тој веројатно на поинаков начин ги толкува одредбите од Преспанскиот договор, начин кој се заснова на меѓународно прифатени норми и стандарди?! Или можеби сепак, постои умисла?! Кон овие „испади“ веќе никој од официјалните македонски претставници не реагира, онака, промптно на лице место, ниту пак, прави обид постфестум да ги ублажи последиците од таквиот израз на непочитување и навреда кон народот којшто е носител на суверенитетот на оваа држава.

Уште е свежо сеќавањето на изјавата на германскиот министер Михаел Рот, кој во 2018 година меѓу првите го пушти пробниот балон нарекувајќи не Северномакедонци. Неговото експресно извинување беше доволно само да ја превенира ескалацијата на незадоволство во македонската јавност насочена кон Заев и неговите. Но, воопшто не беше доволно да ја спречи масовната употреба на терминот „Nordmazedonien“ во германската јавност и медиуми, во смисла на детерминирање на идентитетот на македонскиот народ или во смисла на дефинирање на придавките кои со Преспанскиот договор кои требаше да бидат „македонски“, преведени на сите јазици.

Јазичните норми и правилата во Германскиот јазик не смеат и не можат да бидат причината за навредување на еден народ. Нормирањето на секој јазик е вештачки процес кој има за цел да ги дефинира правилата по кои тој јазик ќе се употребува и функционира. Нормирањето на јазикот претставува креирање на неговиот „устав и легислатива“ исто онака како што се креираат и создаваат уставот и легислативата на секоја земја. Уставот не е Библија, вклучително и јазичните норми.

Од тие причини, ако Германија е пријател на Македонија, а Германците пријатели на Македонците, терминот „Nordmazedonien“ („Северномакедонци“, „Северномакедонски“) ќе го нормираат во склад со меѓудржавни и меѓународни договори, кои исто така се вештачки создадени со цел надминување на спорови, конфликти, па дури и војни. Македонскиот претседател, македонската влада, Пендаровски, Заев и неговите министри, кои веќе во континуитет одмолчуваат вакви навреди, се должни да го заштитат идентитетот на македонскиот народ и да побараат од сите наши пријатели да се придржуваат кон одредбите од Преспанскиот договор во однос на „бетонираниот“ идентитет. Тоа особено важи за Германија како една од клучните европски земји која треба да бидат пример за останатите.

Истото важи и за нас и за нашиот однос кон Афганистан и Афганистанците, чија што моментална актуелност и мака ја „злоупотребив“ за да го вперам прстот кон оние кои од ден на ден прават обиди да го еродираат македонскиот идентитет.

Можеби на Афганистанците во моментов воопшто не им е дојдено до тоа фамозно наше „ф“, особено не кога сиот останат свет ги именува онака како што треба, но тоа малечко „ф“ многу повеќе е потребно заради самите нас и нашата борба! Од принципиелни причини!

На една од работните активности во рамки на Советот на Европа, токму на денот кога Заев се истрча со името Илинденска Македонија, имав прилика неформално да поразговарам со еден амбасадор од земја чиј јазик доминира на светско ниво и е во официјална употреба во сите меѓународни организации. Човекот е добар познавач на македонските прилики и поранешен амбасадор во некои од земјите од Вардар до Триглав. На моето прашање, како кај нив би се превело името Илинденска Македонија, со што токму тој превод би станал официјалното име на државата на меѓународно ниво, човекот едноставно рече: „Не знам! Веројатно ќе треба да измислиме нов збор во нашиот јазик!

Нов збор! Нормирање на нов збор! Така прават оние кои држат до себе и го почитуваат изборот и определбата на другите, макар тоа да било производ на долгогодишен притисок и уцени!

Така треба да направиме и ние, но и Германците!

Несоодветното толкување на поимите националност, етницитет, државјанството или граѓанството создаде таква мешаница од толкувања која дополнително ја турка оваа влада во нови грешки. Издавањето на личните карти со графа во која се посочува етничката припадност на носителот е најновиот изум патентиран во партиската кујна на Заев. Чувството за етничка припадност и самодетерминирање е лично чувство и истото не смее да биде елемент кој ќе биде содржан во документите за лична идентификација на граѓаните. Така е барем во целиот развиен свет, така е во ЕУ кон која се стремиме. Со право реагираат правните експерти кои ја оспоруваат постапката на издавање на личните карти која ќе се спроведува врз основа на подзаконски акт донесен од владата.

Дерогирање на закон со подзаконски акт е директен атак врз владеењето на правото, еден од трите столба врз кои се потпираат современите цивилизирани држави. Вметнувањето на етничката припадност го руши вториот столб, човековите права, а исклучувањето на парламентот од целиот процес, го урива и последниот трет столб, демократијата.

Со ваков начин на функционирање, блокадите од Бугарија веќе нема да бидат единствениот и најголемиот проблем со кој ќе се соочуваме во нашиот евроинтегративен процес. Во случајов имаме внатрешен проблем, со самите себе. Имаме проблем со владеењето на правото. Проблем со почитувањето на човековите права преку непочитување на стандардите кај документите за лична идентификација. Проблем со дисквалификација на демократијата преку премостување на Собранието. Нас во иднина ќе не блокира една Холандија или Данска, можеби Белгија или повторно Франција, само и само заради ерозија на основните столбови на секое современо општество.

Затоа, за почеток, да почнеме да си ги нарекуваме Авганистанците, Афганистанци, а државата Афганистан. Тоа е најлесниот дел од задачата. Тоа мало „ф“ го содржи сиот наш стремеж за градење држава во која ќе владее правото заедно со непреченото функционирање на демократските институции. Употребата на малото „ф“ е симбол и израз на конзистентноста на нашата борба за „човечките правдини“, почитувањето и зачувувањето на сечиј идентитет, вклучително и нашиот, македонски.

Тешкиот дел од задачата, допрва претстои!

А, Афганистан? Не ми ни беше целта да пишувам за Афганистан. Си имаме ние наша мака… и наши Талибанци!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.