За разлика од новинските колумни, графитите се граѓански, народни колумни, и имаат моќ да испратат силна порака, без каков и да е голем трошок, освен за еден евтин спреј. И притоа најчесто осамнуваат таму каде што сите можат многу лесно да ги видат, во оној универзален слободен медиум што се вика „јавна површина”.
Така се случи веќе наредното утро по штотуку завршените парламентарни избори, по таа, како што велат демагозите, „свеченост на македонската демократија”, уште пред сосема да се раздени, на едно одлично одбрано место на зградата на владата да се појави јасно испишан крупен графит со следнава содржина: „ГЛУПАВ НАРОД – СИЛНА ДРЖАВА”.
Се разбира, тоа е наша стара македонска поговорка од времето на соцреализмот, кога не смеевме да пишуваме графити по зградите и по јавните површини, па се восхитувавме од оние западните, американските, а во неа беа синтетизирани и истовремено искажани најразлични незадоволства на малиот македонски човек кон неподносливите бесмислици и апсурди во општеството, па и незадоволство од себе самиот. Но откога конечно добивме „вистинска демократија”, и тоа по евро-американски слободарски урнек и под нивен диктат, таа поговорка не мораше веќе да се шепоти само меѓу доверливи пријатели; едноставно можеше сосема гласно да се изговара, или да се испишува како секој вообичаен графит таму кај што ќе ти текне.
Но сепак, за чудо, иако во изминативе триесетина години, додека уживавме во безмерна слобода и хармонична демократија, се изначитавме секакви други графити, слоганот „ГЛУПАВ НАРОД – СИЛНА ДРЖАВА” ниту еднаш не се појави никаде низ државава. Веројатно затоа што ова „ГЛУПАВ НАРОД” звучеше крајно неприфатливо и навредливо за еден докажано политички и национално апсолутно освестен, умен народ кој знаеал да си ја создаде и таква да си ја зачува, својата суверена, независна, модерна, мултикултурна, конзистентна, либерална демократска држава, каква што е нашава, и тоа со најблагородни, најмудри и нај-најчесни политички првенци, а пак она „СИЛНА ДРЖАВА” веќе самото по себе сугестивно ја афирмираше таа голема вистина, зашто и државата си беше апсолутно и непобитно токму таква, и никако поинаква.
Но ете, во тој постизборен „силно светнат ден”, во раните „бели муги”, на една голема површина на зградата на владата се појави тој графит, таа граѓанска, народна колумна: „ГЛУПАВ НАРОД – СИЛНА ДРЖАВА”, и тоа во една ваква, недвосмислено спокојна и среќна земја каква што е Македонија. Навистина, беше премногу рано, некаде околу 5.00 часот наутро, и техничкиот премиер-полицаец, кој сеуште среќно си хркаше во својата постела, едноставно не можеше тоа да го забележи и итно енергично да интервенира кај надлежните дежурни молери натписот веднаш да го премачкаат, не толку заради содржината, колку за да не се оштетува јавниот имот.
И токму тогаш, пред владата, пред тоа длабоко инкриминирано политичко место, се случи следново:
Двајца постари мажи, по лика си секако браќа, одејќи во својата вообичаена раноутринска прошетка пред зградата на владата, каде што и инаку секојдневно се шетаат за да фатат малку од чистиот македонски слободарски воздух, а притоа и сеуште возбудени заради невиденото полноќно лудило во крадењето и фалсификувањето на изборните резултати, застанаа како вкопани, збунети, вчудовидени пред графитот, со право прашувајќи се, дали можеби тоа го напишала самата влада, за што, се разбира, судејќи според претходниот изборен ден, и особено според претходните три ипол години нејзино фантазмагорично владеење без да ги полази мува, постоеја и низа најлогични аргументи. Па дури ако графитот „ГЛУПАВ НАРОД – СИЛНА ДРЖАВА” и не го напишала самата влада своерачно, – си рекоа нашиве раноутрински пријатели, – владата апсолутно сигурно го дели тоа мислење, а некој гоголевски смртник од обичниот македонски свет ѝ ги прочитал мислите, и ѝ ги обзнанил на целата македонска јавност. Ете, барем нешто од нив да биде транспарентно!
Добро, си реков, кој сум јас тука да судам за нивните необични раноутрински размислувања, ама ова некако ми се виде многу точно и уверливо.
Едниот од браќата-соговорници, живи сведоци на овој радикален графитен политички предизвик, продолжи вака:
„Абе, толку безочно да крадеш, пред развластениот и осиромашен народ со лопати да грабаш и да си распределуваш милионски тендери за себе и за своите најблиски, да рекетираш милиони евра како црна сицилијанска или колумбиска мафија, да апсиш невини патриоти и да пушташ на слобода мрачни криминалци и убијци, државата безобѕирно да ја растураш како со булдожери и пневматски чекани, за пет минутки на до сржта расипани туѓински ограбувачи и освојувачи да им ги распродадеш националното име, историскиот, културниот и етнички идентитет, и мајчиниот македонски јазик, во прав и пепел да ја претвориш својата севкупна историја од најстарите времиња до денес и како сувенирчиња-приврзоци да ги разделуваш наоколу најголемите синови на македонскиот народ, тотално да ја поништиш својата вистинска историска држава и да ја замениш со некаков патолошки квислиншки сурогат, секој ден одново и одново внатреполитички да тргуваш со незаситните големоалбански разурнувачи и мрзители на твојот народ, и однатре да ја раскопачуваш и да ја парчосуваш државата, насилно да ја правиш некаква неприродна целосно двојазична држава, а народот да го изложуваш на невидени меѓународни и внатрешни големоалбански понижувања и дивјачки психолошки газења на неговото елементарно достоинство, со бедно, аморално, продадено судство, со оние срамни лигуши Јовески и Рускоска, како најмизерен гангстер да бегаш од своите криминални и политички злосторства, да ги крадеш и да ги фалсификуваш сите по ред избори, и притоа цело време граѓаните бесрамно да ги уверуваш дека сѐ е во најдобар ред, дека во државата, која веќе сосема ја растури, сѐ блеска и светка од успеси и од извршени правни реформи, и оти далечната и никогаш недоловлива ЕУ-иднина им е на дофат, само да ги подадат врвовите од прстите, а народот и натаму слепо да ти верува – е, па тогаш владата навистина има целосно право да истакне уште поголем транспарент од овој овде ГЛУПАВ НАРОД – СИЛНА ДРЖАВА”.
Тука вториот брат-соговорник нагло го сопре другиот.
„Чекај малку, брат, па знаеш дека не мислат баш сите така. Гледаш дека дури и на овие апсолутно лажирани и украдени избори односот во македонскиот блок испадна речиси фифти-фифти едни наспроти другите? Навистина, тоа е недоволно добро, вистина е и тоа дека сѐ си остана исто како што беше, дури и уште многу полошо, зашто безобѕирната големоалбанска уценувачка политичка трговија веќе доби нова, неограничена сила и зема нов надреален замав, во власта пак ќе ги гледаме и оние неподносливи, валкани велепредавнички и морални гнасови Димитров, Заев и Шекеринска, што во секоја друга цивилизирана држава веќе одамна би лежеле во темни црни зандани, но, еве, политичарите од вистинскиот македонски, македонистички блок, јавно си ги признаваат своите пропусти. Велат дека знаат каде и во што грешеле за што граѓаните сега заслужено ги казнуваат, но оти во наредниот мандатен период ќе се трудат сето тоа да го исправат во интерес на народот и на државата.”
„Е, гледаш, брат”, рече првиот, „токму за тоа сакав да зборувам. Размислувам вака, и те молам да не ми замериш: триесет години македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија им даваа доверба и мандати на политичарите, а тие преземаа одговорност за управување со државата и со нивните национални и егзистенцијални судбини. Триесет години секогаш одново слушаме дека политичарите на изборите ќе бидат казнети за своето лошо работење и за своите штетни политики, зашто, велат, народот не простува. Триесет години народот на изборите ги „казнува” политичарите, и им „простува” и повторно ги избира, и сите ужасни неуспеси по ред ги става само на нивна одговорност, што не значи баш ништо, освен празен збор. Но, еве, конечно, после сѐ, се прашувам каде е тука одговорноста на народот, на електоратот, кога дозволува сѐ така бесконечно да се повторува и да се повторува. Да не се лажеме, државата сосема ни е уништена, докрајчена, и на сите им е многу добро познато дека овие предвремени избори беа последната вистинска шанса за македонскиот народ и за Република Македонија да се спаси од конечните кобни дотолчувања. Овојпат народот мораше енергично и сосема директно врз себе да ја преземе одговорноста за нејзино и за свое спасување. Овојпат сиот македонски народ, до последниот човек, требаше војнички сложно, како што и сега направија Албанците, да излезе на изборите и да покаже дека постои, дека е тука, дека има сила да ја возобнови својата етничка, национална и државотворна кохезија. Но македонскиот народ, брат, и овојпат реши господски, елегантно, од фотеља, одговорноста да им ја префрли на политичарите, тие да решат сѐ во нивно име, како што знаат и умеат. Но поради неподносливата, ступидна, илузионистичка, безидејна, празноидеолошка внатремакедонска поделба, и дури жестока уличарска омраза, сиот квантитативен македонски политички потенцијал сосема се истопи, стана безначаен, минорен, невлијателен, подложен на нови бедни големоалбански и сите други домашни и меѓународни манипулации и мангуплаци. По овие судбоносни избори на кои дома остана речиси педесет насто од електоратот, молкум чекајки го исходот пред своите телевизори, и ги препушти своите политичари да се прпелкаат како што знаат и умеат, и потоа да ги објаснуваат ужасно поразителните резултати – според мене, овојпат македонскиот народ ја носи целосната одговорност за својата неминовна пропаст и за конечната пропаст на државата. Ова сега, брат, никако не беше момент за „казнување на политичарите”. Со ступидната и несфатлива апстиненција на овие судбоносни, пресвртнички избори, македонскиот народ, за жал, доживотно се казни самиот себе си, и во некои можни идни преданија ќе раскажува: Си била еднаш една држава Република Македонија и еден народ македонски”.
Уф, сево ова многу мачно и тешко ми падна, но во овие страшно песимистични зборови, за жал, видов многу непобитна вистина. И самиот имам напишано стотици колумни, и многу пати бев страшно лут поради неверојатната инертност на својот народ кој очекува некој друг, како да речеме политичарите на кои бјанко им ја делегирал својата целосна одговорност, да му ги реши најсудбинските национални прашања, но, признавам, никогаш, никогаш немав срце нештата да ги формулирам така остро, така строго, но така болно прецизно како овие двајца раноутрински чесни соговорници, очигледно браќа, и, за среќа, на истата емотивна, политичка и национална страна, за разлика од многуте наши будалетинки браќа и сестри, и целиот македонски народ, очајно скарани, поделени во два спротивни и смртно непомирливи табори, со оној најмал заеднички именител содржан во циничниот графит „ГЛУП НАРОД – СИЛНА ДРЖАВА”.
Нашите ретко умни двајца сложни браќа полека, нерасположено и сосема разочарано си заминаа удолу по Илинденска.
Во меѓувреме некој веќе очигледно го алармирал премиерот-полицаец, зашто од некое шарено-револуционерно комбе ангажирано истрчаа тројца молери со големи канти боја, четки и презервативи, и со брзи, крупни потези два-три пати едно по друго го испласкаа само првиот дел од графитот, а за домашна и за меѓународна употреба остана надалеку и нашироко да свети и да блеска само она: „СИЛНА ДРЖАВА”!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.