Доскорешниот пратеник и портпарол на владејачкиот СДСМ, а сега актуелен градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, со својот последен фејсбук статус не остави во дилема. Не само неговите сопартијци и коалициони партнери од власта, туку сите, без исклучок.

Како прав наследник и претставник на „Заев југенд“, тој ни го манифестираше младешкиот тоталитарен ум, што очигледно го наследил од својот политички творец и ментор. Во стилот на добро познатите комунистички политички мантри, како оние „Неќемо краља, хоќемо Тита, народ се пита“ („не го сакаме кралот, го сакаме Тито, народот се прашува“) или „И по Тито-Тито“, Костадинов ни го сервираше на маса враќањето на Заев како на премиерската, така и на партиската функција со основна порака да го оставиме да го прави тоа што „најдобро знае“.

Ама младиот Костадинов не знае или не слушнал за уште една парола поврзана со Тито, што произлегла од народите и народностите на бившата ЈУ-заедница. А, таа гласеше – „Друг је Тито крао, али је и нама дао“ („Другарот Тито крадеше, ама и нам ни даваше“).

И ова е само како показател за уште еден типично македонски парадокс, што од неодамна се врти по социјалните мрежи. А, тој вели дека парадокс е кога криминалот е поорганизиран од државата, а ги водат исти луѓе.

Да не се сфати буквално, таман работа Зоран Заев да го води и криминалот и корупцијата, но факт е дека, барем до сега, ја водеше извршната власт во државата, која не доведе на срамното 111 место во светот, според степенот на перцепција за најголемото зло за функционирање на системот. Исто како што е факт дека неговата „бизнис матрица“ не се одвоила ни милиметар од она познатото „Евро за Вицето, евро за црквата“ или менувањето законски членови за да не се одговара пред надлежните судски инстанци.

Еве, и да сака човек да го разбере Костадинов, веднаш ќе си го постави основното прашање – Што е тоа што Зоран Заев најдобро го знае да го прави? И некако по автоматизам му доаѓа да си ја потпевне „Лажи, лажи, лажи ме, ти ме лажеш најбоље“ („Лажи, лажи, лажи ме, ти ме лажеш најдобро“) од некогашната ју-музичка ѕвезда Алка Вуица.

Да, лажењето на Зоран Заев стана основна матрица и знак за негово препозавање. Веќе не можат ни да се избројат лагите, што им ги пласираше на граѓаните, без оглед на нивната етничка, политичка и било каква друга припадност. И по Заев, сега Костадинов сака лагата да ни ја продаде како основна политичка, морална и етичка норма. Сосема друга работа е ако тој терк е општоприфатлив за нивните сопартијци, таканаречени социјалдемократи, кај кои очигледно царува клиентелизмот, неработењето, послушноста кон лидерот, криминалот, корупцијата… Тоа си е нивно право на избор.

Но, последните локални избори меѓу другото покажаа дека таа нивна матрица не е апсолутно прифатлива за мнозинството граѓани во државата. И затоа го казнија владеачкиот СДСМ. Едноставо, мнозинството граѓани не сака мазохистички да има улога на обичен статист во лажењето на Зоран Заев, па колку тој тоа „да го прави најдобро“.

Во овој контекст е и последното јавување на премиерот во оставка Зоран Заев. Со осум дена задоцнување, по катастрофалниот пораз на локалните избори и најавените оставки на премиерската и на челната партиска функција, на неговиот фејсбук профил „гордо“ застана во „одбрана на државата“!?

За изнесените небулози дури е и излишно да се пишува. Зашто, работите се едноставни и се сведуваат на едно – Или барем еднаш ќе го одрижи „зборот“ и конечно ќе ги поднесе најавените оставки или одново, по којзнае кој пат, ќе излаже. Толку! Без многу филозофии, без непотребни патетики и драми, и без ново сеење на семето на раздорот во и онака максимално поделеното општество! Македонија не може и не смее да си дозволи да губи време на глупостите на Зоран Заев.

Ако одлучи да излаже, едно ќе биде повеќе од јасно. Неговото натамошно останување и на двете функции ќе претставува манијакална желба за власт на штета и на државата и на народот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.